Што сакаше поетот да каже?

„Уметникот вдишува од својот живот и издишува преку својата уметност“.

За жал, ова е само дијагноза. Лекот е некаде во причините…

Завршија педесет и вторите Струшки вечери на поезијата; кој беше – беше, кој не – догодина пак. Не, не, почекајте, ова не е уште една поетска изведба, значи друго ми беше муабетот.

р1Наградата „Енхалон“ за најдобра песна на „Ноќи без интерпункција“ ја доби младиот поет Мане Манушев од Велес за својата песна „Нас иднината нè заборавила“.

Што сакаше поетот да каже? – е вообичаеното прашање што често на шега го прашуваат оние што баш и не сакаат поезија. Навистина, тешка изјава за еден млад и сè уште недоволно познат поет кај нас; впрочем, тој годинава ја објави својата прва збирка поезија со наслов „Ќе“, а јас цврсто сум убедена дека со своето „Ќе“ алудира на она познато македонско „идно недочекано време“. Нејсе.

Додека студирав на Филолошки, познатиот македонски писател и професор на факултетот Венко Андоновски рече дека е поетот/писателот огледало на реалноста во која живее (ако не му го кажал и нему некому ова). Многу добро се сеќавам на неговите зборови:

„Ако политичарите велат дека е реалноста ова, писателот вели дека е реалноста нешто друго. Што и да каже некој, вистината најдобро се отсликува преку писателите и преку литературата од едно време“, рече тој.

Уште еден професор, сега во пензија, академскиот сликар Владимир Георгиевски на едно свое предавање за тоа како се создава уметноста рече:

„Уметникот вдишува од својот живот и издишува преку својата уметност“.

р2И сега, кога ќе помислам на времето во кое живееме и на тоа кои се тие „НИЕ“, веднаш пред очи ми излегуваат едни млади луѓе, настрадани, заробени и пред сè измамени, кои живеат во вакуум. Не се заробени, ама исто како да се. Свесни се за својата состојба, но беспомошни да ја променат; да живеат сакаат, но живеат како што мораат, без да се реализираат како луѓе, да бидат независни од родителите; и цело време единствено нешто што го имаат како утеха им е надежта за подобра иднина, но иднината никако да дојде, а животот секако си врви, како што велат старите.

Се прашувам, како и сите, „чаре“ некое има ли? Каде згрешивме? Зошто еден млад поет пред кого е животот порачува дека иднината нè заборавила?

Всушност, многу добро го разбирам. Паметам како пред некое време генерациите родени од седумдесеттите години на минатиот век, па до деведесеттите, ги прогласија за изгубени генерации. Тоа се, всушност, токму оние што станаа полнолетни во независна Македонија и што сè уште чекаат да се реализираат, да се вработат на место што одговара на нивната стручна подготовка.

Меѓу нив сум и јас, па отсега натаму, наместо „јас“, ќе продолжам да велам „ние“, оти, нели, тие сме сите. Ние денеска имаме дефектолози и преведувачи што работат како келнери, електроинженери што продаваат светилки, технолози што работат како таксисти, учители што работат во казина, економисти што работат како продавачи… и да не набројувам што ли сè не работат овие млади луѓе кога ќе стигнат некаде во странство и како се обидуваат да се снајдат и да преживеат на секој можен начин. И потоа, сите се прашуваме каде е проблемот, што не е во ред со нашето општество, а не гледаме дека ниту еден не е на местото каде што треба да биде.

р3Сепак, има и такви што се исклучок и што многу добро се „снашле“, па работат нешто што ги надминува нивните способности и познавања. На времето ги викавме „вагабонти“ и „ќецароши“, ама сега се фини „господа“ што возат „мерцедеси“. Нив, се разбира, нема да ги набројувам, како ни оние што воопшто не работат, наводно затоа што не можат да најдат работа или затоа што навистина нема.

Сè ми се чини дека е оваа транзиција главниот виновник за нашите маки и за сето она што ни го всадија во главите некогашните институции чии знаења воопшто не ни вредат. Нам ни треба ново време, нов начин на растење, превоспитување за да бидеме луѓе…

Родителите живееја во едно поинакво време, добро, лошо, какво и да е, но никој од нив не го фати турбуленцијата. Тие не можат да нè разберат. За нив сме само неодговорни луѓе што не го разбираат значењето на зборовите, ниту пак на работата. Не сфаќаат дека ние бевме последните генерации пионери, дека положивме заклетва не знаејќи кому – деца бевме само името знаевме да му го кажеме, дека први полагавме матура, дека први плаќавме за факултет, дека први ја проверивме новата програма за учење, која потоа неколку пати ја сменија, а дека ние останавме да висиме како експериментални глувци на еден направен опит, ни успешен, ни неуспешен, за никаде, што би се рекло. Нè воспитаа да бидеме чесни, да бидеме скромни, да не лажеме и да не крадеме, да не бидеме дрски, упорни и храбри да, но не по секоја цена. Ни велеа дека она што е наше само ќе си дојде и дека за ништо на светот не треба да си го продаваме достоинството, дека треба да стоиме на дадениот збор… И такви си бевме, такви и останавме, но со празни раце. Наспроти нас, тие што не се заморуваа толку со принципите, станаа херои на нашето време, а ние си седиме дома како инвентар на просторот од кој веќе и се плашиме да излеземе. Од многу што слушавме и што верувавме, настрадавме и станавме „чесен инвентар“ во домот на родителите. И сега ни зборуваат за трето дете, а ние уште сме деца на родителите, внуци на бабите и на дедовците, само понекогаш си заработуваме нешто и самите, онака, за утеха.

Калимеро нè предупреди дека нема правда, ние си се смеевме, мислевме дека е тоа само обичен цртан филм.

the_time_for_roses_has_passed_by_uktara-d3409tu

Е па, сега… ај што нè прогласија за изгубени, веќе сме официјално заборавени генерации. Сами не можеме да си ја земеме иднината, оти кога растевме и кога се обидувавме да земеме макар и само една слатка од масата, нè плескаа по рацете велејќи ни дека не смееме ништо да земеме без да прашаме (особено не пред да си заминат гостите). И така, си останавме ем тепани ем со празни раце, а слатките на масата…

А кого да прашаме? Кого да прашаме дали може да си ја земеме иднината сами кога таа веќе нè заборавила? Нема таков. Зошто? За нас никогаш немаше ништо, ете затоа.

Денешните деца знаат како треба. Тие го враќаат ударот.

П.С.

Нас иднината нè заборавила

(Мане Манушев)

Кога сме далеку
како самогласки и нивните сенки
во ненапишан збор
се вдомуваме
како чекори на провев во нечии соби
со измислени ѕидови,
со нацртани врати и прозорци
од туѓа детска фантазија,
се вдомуваме
таму каде што
ниту ногарките на столиците
не можат да ја издржат
тежината на задреманата празнотија,
затоа што
нас иднината нè заборавила.

Напишано од
More from РЕПЕР
Куманово, град на писатели
На 4 ноември од 19.30 часот, во НУ Центар за култура „Трајко...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *