Растењето на ќерките и смалувањето на мајките

Од промотивната реч кон поетската збирка „Со други очи“ на Одвиг Клив.

(од биолошкото кон метафизичкото)
од промотивната реч кон поетската збирка „Со други очи“ на Одвиг Клив

Ми претставува огромна чест и задоволство да бидам промотор на поетската збирка на норвешката поетеса Одвиг Клив, на јубилејната, дваесет и петта, Поетска ноќ во Велестово. Oваа поезија навистина силно ме допре, како што знае да допре едно искрено, чувствено, отворено и топло женско писмо.

Za Reper 2

Во сите песни од оваа збирка, лирскиот субјект е ќерката, а лирскиот објект е мајката. Темите за мајчинството, за раѓањето, за матката, за утробата, видени од страна на жената што раѓа / жената што родила / мајката, се фреквентни и често застапени во т.н. женско писмо. Женското писмо, како пишување од утробата, флуидното пишување, кое е многу поразлично од фалоцентричните машки теми, е веќе етаблирано во светската книжевност и промислувано од теоретичарите на книжевноста.

Она што е оригинално во поезијата на Одвиг Клив е преместувањето на фокусот, гледната точка и перцепцијата на светот и на животот, од очите на жената што раѓа во очите на жената што е родена – ќерката. Тематизирањето на утробата и на зачетокот на животот се преместува од носителот на утробата кон нејзината креација, која е повторно жена. Оттаму насловот „Со други очи“. Во таа смисла, класичниот женски (утероцентричен) фокус, од процесот на раѓањето и од процесот на растење на детето е преместен кон процесот на стареењето (и на умирањето) и на смалувањето на мајката. Во овој процес, Одвиг Клив, со неверојатно силни, женски, топли метафори, метонимии и поетски слики, го доловува моментот на замената на улогите меѓу родителот и детето, точката во која детето станува родител, а родителот станува дете.

Песните на Одвиг Клив, кои немаат наслови, туку женски и флуидно се прелеваат и претекуваат / протекуваат од една во друга, носат една неверојатна силина, неверојатно силна емоција, и предизвикуваат неизбежна емпатиска поврзаност со читателот.

Обратните процеси на растењето на ќерката и на смалувањето на мајката Одвиг Клив ги спојува во поетски слики – семантички пунктови околу кои се обединуваат и поединечните песни, но и целокупната поетска збирка (сфатена како една голема песна бидејќи песните немаат наслови; на тој начин, не се тематски одделени и претекуваат една во друга).

„Се обидувам да те видам
но ти стануваш сè помалечка и помалечка
можам да те подигнам и да те држам цврсто
со нежни прсти
Не знам точно која си,
морам да ги затворам очите
за да се сетам
на твојот испитувачки поглед..“

Растењето на ќерката и смалувањето на мајката во поезијата на Клив се носечки семантички оски. Овој процес е претставен и во сложени, семантички густи поетски фигури, како и во крајно едноставни и прочистени, речиси воздушести фигури. Растењето на ќерката и смалувањето на мајката во поезијата на Клив не се само реални слики од животот на секое чедо, на секого од нас, туку добиваат и своевидна метафизичка димензија. Растењето на ќерката и смалувањето на мајката ги поставуваат одново, на поинаков начин, видени низ други очи, прашањата за битието и за времето. Од една страна, Клив зборува за цикличното време на растењето и на стареењето, за раѓањето и за умирањето и за генерациите што се заменуваат една со друга. Од друга страна, растењето и стареењето, раѓањето и умирањето, во поезијата на Клив немаат само физиолошка и биолошка страна, туку трансценденираат и добиваат метафизичка димензија.

Во таа смисла, Клив зборува и за едно јадро, кое во процесите на растење и на стареење не се менува; кое во процесите на умирање не умира; за љубовта, бесмртното јадро, љубов што со текот на времето ги менува својот јазик, своите сеќавања, своето писмо и своите манифестации, но во суштината останува иста.

„Гледам ме препознаваш
но моето име го нема
осветлена си со радост
седната така
со остатоци од јајце на вилицата“

„Деновите се испишале
на твоето лице
со тајни симболи
ги спелувам брчка по брчка
додека твоите прсти цртаат кругови
во твојот скут“

Za Reper

На тој начин, времето станува текст, а текстот трансценденира, упатувајќи кон високите сфери на постоењето. Овој процес на трансценденција кулминира во последната песна од оваа збирка и маестрално го затвора циклусот на растењето на ќерката и на смалувањето на мајката, виден со други очи.

„И сега тука е
под твојата тенка коса
под твојот кршлив чешел
Светлината пристигнува
како бакнеж од
твојот прв и последен љубовник
Наскоро ќе се распрсне и
ќе те крене
додека јас ти спелувам
остатоци од јазикот во рајот“.

Така, јадрото (љубов) што не се менува и што трансценденира истовремено се текстуализира за да се впише по милион пати во големиот Архив на светот, Истото, таа голема бескрајна, бесмртна, бесконечна љубов, видено низ други очи.

Напишано од
More from РЕПЕР
Дивата страна на Чикаго
Запознајте го преку фотографии еден од најголемите природонаучни музеи во светот...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *