Без поезија не се живее – Николина Андова

Интервју со Николина Андова, добитник на наградата „Мостови“ на овогодишните „Струшки вечери на поезијата“

нико

Нина, ајде да почнеме од структурата на книгата. Книгата има пет одделни целини, може ли да кажеш како настанаа?

Кога ги пишував песните, немав некој одреден концепт во главата, песните си доаѓаа една по друга, и некако самите си се заокружија. Подоцна ги групирав во неколку целини што гравитираат околу неколку тематски или идејни тежишта. Кога ги пишував, бев потполно растоварена од тоа дека некогаш ќе ги објавам, мислев дека, како и многу други песни претходно, и овие ќе останат само по ливчиња и фолдери. Арно ама, Иван (Шопов), читајќи ги песните, знаеше да каже дека „ќе биде книга од ова“, и така испадна.

Светот што живее во тебе кога ќе ги затвориш очите изгледа доста богато. Патуваш ли често угоре-удолу низ себеси?

нико1Пред некое време го читав дневникот што сум го пишувала кога сум имала некои 9-10 години, и на едно место сум запишала дека кога ќе пораснам, сакам да бидам археолог или астроном 🙂 Удолу високо, угоре длабоко, така некако обратно би му дошло тоа 🙂 Не станав ни едното ни другото, но љубопитството за она што не можам да го досегнам не само што не исчезна, туку и се продлабочи, па можеби со тоа што често копам по длабочините и нуркам по височините ја компензирам таа своја детска желба. Мислам дека опремата за сите духовни авантури е во нас, не ни требаат ни ракети ни сонди во рацете. Како беше она – не ти треба крупно око за да видиш голема планина. Верувам дека сè што е надвор постои и во нас, и дека можеме да видиме ама баш сè ако ги расчистиме внатрешните патчиња, ако почнеме да ги средуваме пределите што ни се чинат непроодни и поради кои тапкаме во место. И за тоа не треба некоја посебна дарба, секој го може тоа, никој не е ни неталентиран, ни глуп. Не велам дека јас го имам постигнато сето ова, но барем се стремам кон тоа. Ако почнеме да си го средуваме сопствениот двор без да не интересира туѓиот, можеби и постојат шанси да мрднеме од место.

Песната „По мостовите“ е мала химна за слободата. До каде си со слободата?

Да ти кажам право, понекогаш ми се чини дека сум до никаде 🙂 Едно е да знаеш што е слобода, друго е да сакаш да го достигнеш тој идеал, да ја живееш во потполност. Мислам дека самиот збор ја негира слободата, дека тоа што сум ја напишала таа песна говори за тоа дека не сум слободна. Еден од моите омилени поети, Ален Боске, на едно место во еден друг контекст вели – „Исчистете го зборот, тоа ѓубре!“ Мислам дека кога ќе го достигнеме молкот, ќе почнеме вистински да зборуваме за слободата. И да ја живееме.

Смрт или слобода, брате Гоце? Зарем тоа не е едно исто?

Којзнае, брате Џоле 🙂 Како што животот не ни е ист на сите, можеби и смртта ни е различна. Ако си бил роб на сенешто во животот, можеби ти се големи шансите да си останеш заробен во смртта. Ни таа да не ти е чарето. Некаде слушнав – оној што љуби сè, ја љуби и смртта. Значи – љуби сè, ама баш сè, и „лошото“, и смртта во пакет, нема бегање. А љубовта, нели, ослободува, па можеби кога ќе се заљубиме во сè, па и во сопствената смрт – кога ќе ѝ дојде времето, таа ќе нè ослободи. Тешка и голема тема отвори, може многу да се зборува… Како и да е, најточниот одговор ми е секогаш – не знам. Многу одамна прочитав една мисла од Сјоран, која уште ми е врежана во свеста, а гласи некако вака – оној што не ја вкусил мисловно опасноста од неговото сопствено згаснување, никогаш не ќе се излечи од опсесијата на смртта, ќе биде измачуван од неа и виновен што ѝ се спротивставувал, додека, пак, оној што размислувајќи длабоко за сопственето гниење свесно станал пепел, ќе гледа кон „минатото на смртта“ …неговиот метод ќе го излечи како од животот, така и од смртта. Во книгата се обидов да поставам некои прашања и да дадам некои свои перспективи и на оваа тема за која ме прашуваш, но одговори – немам. Не пишувам затоа што ги имам сите решенија и конечни одговори, пишувам затоа што едноставно – имам песна.

niko

Треба голем мајсторлак за да се фатат баналностите на секојдневното постоење и од нив да се направи поезија рамна на зен-мудрост. Со еднаква леснотија се чини дека пишуваш и за детството и за смртта. За смртта зборувавме, ајде малку за детството, научивме ли нешто од него?

Кога сме кај детството и зенот, знаеш кој ми е најголем „мудрец“? Радован. Од оној цртаниот филм „Радувањата на Радован“. Бидејќи што и да му се случеше на тој лик, се радуваше. Паѓа од дрво – се радува, крши нога – пак се радува! 🙂 Е тоа не го научивме, или можеби го подзаборавивме, да се радуваме, да прифатиме сè што ќе ни дојде, место да кенкаме. Еве и јас сега кенкам, жешко ми е, па ова ми е, па она ми е… Да бев мудрец како Радован, ќе излезев и ќе се обидев да му се радувам на сонцето. Ми текна и на Калимеро, се чини како уште од детството да нè подготвувале за сите удари и неправди што ќе нè снајдат во животот, зашто и тој ни воочуваше дека „нема правда, нели“. Потоа, онаа игра „Не лути се човече“ во која требаше да научиме да губиме без да се лутиме и гневиме, дека понекогаш и ќе нè шутнат, ќе нè бутнат… па треба да застанеме пак да нозе, да се исправиме, да фрлиме пак коцка, да се обидуваме од почеток, да продолжиме понатаму… Понекогаш ми се чини дека ништо не научивме.

Знам дека пишуваш и хаику, можеби уште од поодамна се имаш извештено да ги ловиш миговите? И веруваш ли дека преку таквите мигови се влегува во „вечноста“ или, пак, преку генијалните дела на големите уметници? Мислиш ли дека некој од нив успеал „да го потплати вратарот на вечноста“?

Не знам колку се имам извештено да ги ловам миговите, но верувам само во нив. И токму поради таа верба во мигот, хаикуто ми е блиско. Немам илузија ниту дека преку уметноста се стига до „вечноста“. Мислам дека сè, па и тоа, еден ден ќе се претвори во прав и пепел, ама едно добро што ќе му го направиме на човек, може да остане бесконечно живо.

Па, Нина, за крај, се живее ли денес од поезија? 🙂

Без неа и не се живее. Или барем јас без неа – тешко 🙂

Разговорот го водеше: Ѓоко Здравески

Leave a Reply

Your email address will not be published.