Граничноста и (повеќе)вдоменоста како абјекти во творештвото на Иво Андриќ

Околу уметничката еволуција од негативно кон неутрално / „позитивно“ категоризирање на абјектот од крајот на 19 и од првата половина на 20 век

ivoКатегоријата абјект во англискиот јазик вообичаено алудира на ситуација што симболизира некаква морална, бездостоинствена, културно-социјална безизлезност, односно вредности реализирани во одредена „психолошка нечистотија“.

Во рамките на овој труд, абјектот, пак, ќе го разгледаме во контекст на неговата дефиниција од страна на Ј. Кристева во „Моќта на ужасот: есеј за абјектот“, при што неговотo негативистичко поимање би го замениле со едно пошироко поимање, кое своестрано го задаваат психоанализата, родовите проучувања и книжевната теорија и методологија.

Ако имаме предвид дека класичното аристотеловско толкување на книжевноста ја валоризира нејзината катарзична или пурифицирачка функција (како во насока на психолошко „прочистување“ на читателот / гледачот во рамките на неговиот однос кон делото така и во насока на „прочистување“ на ликовите или, како што е најчесто случај, „прочистување“ на главниот лик преку рационализација / сфаќање на себеситуираноста во контекстот во кој претходно бил сместен) и ако, воедно, сме свесни за радикалните промени што модернистичките и авангардистички поетики ги воспоставија на почетокот од 20 век во однос на тоа, донекаде сме принудени да сфатиме на што се должи и трансформирањето на нечистото како категорија.

Нечистотијата повеќе не може да се толкува униполаризирано; само оние што „се извалкале“, искусувајќи ја онаа страна на животот, ја осознале нејзината вредност. А таа е индиректна, се засновува на неопходноста. На овој начин, црно-белото апстрактно поимање крахира со постискуственото познание.

Така, нечистото во рамките на одредени поетички размисли од новиот век, веројатно под значајни влијанија на новопојавената Бодлерова естетика на грдото, Лотреамоновиот „Малдорор“, Мореасовиот „Симболистички манифест“ и на Малармеовата критичка песна, станува централна тема на промислување.

[pullquote align=”left”]Нечистотијата повеќе не може да се толкува униполаризирано; само оние што „се извалкале“, искусувајќи ја онаа страна на животот, ја осознале нејзината вредност.[/pullquote]

Нечистотијата и декаденцијата, на овој начин, самите неизвалкани од минливите бои на моралните стеги поставени од општеството врз уметникот, здобиваат значаен импулс во преобликувањето на светот во кој повторно нараснуваат корените на античките демократски вредности кога секој поседува право на изразување и можност за истакнување во рамките на една глобална промена.

Светските револуции од овој период – општонародните, работничките, научните, уметничките – на долг рок придонеле кон зацврстување на радикално различни парадигми од претходните во секоја сфера, при што „естетската нечистотија“ доживеала различни реконтекстуализации; во рамките на модернизмот и на авангардата, ова реконтекстуализирање означувало повеќе или помалку спротивставени поетики и општ третман присутни во делата на поединечни автори, школи и/или правци.

Покрај другото, етаблирањето на психологијата како емпириска наука со потенцијал да го објасни секој аспект на човековото доживување на уметничките дела претставувало значајна поткрепа за обновување и за продлабочување на сфаќањата за трансцедентализмот на уметноста и за нејзината (неизмерна) комплексност.

Револуцијата во книжевноста, со времетраење од романтизмот и од симболизмот до движењето „Дада“, до постмодерните и постструктурални поетики, ги отвора портите за влез на новите видови естетика, кои масовно го пренасочуваат фокусот кон безграничниот спектар претходно заобиколувани теми, на еден или на друг начин врзани за „нечистото“. Абјектот и „нечистотијата“, на која се алудира под овој термин, никогаш досега, на почетокот од 21 век, освен како варијанта со централно психолошки пропозиции и засегнувања (на пример, доколку се работи за вакво споменување на абјектот во комичен, пародизирачки, економски исплатлив или во друг тип општествен контекст), од разбирливи (како општествено прагматични така и индивидуално психолошки) причини, не биле пошироко сфатени како позитивна категорија, поради што велиме дека абјектот единствено би можел да се третира како „неутрална категорија“ во тој контекст.

Сепак, „нечистотијата“ во овој контекст, како што ќе забележиме во натамошниот дел од овој труд, прилично се разликува од онаа кон која вообичаено реферираме во секојдневниот, па дури и во голем дел од книжевно-уметничкиот говор; самата дефинициска неиздиференцираност на терминот абјект се јавува, можеби, како своевиден „метареферент“, алудирајќи на неиздиференцираноста и на несовршената разграниченост на која воедно и се однесува.

Границата и „граничниот абјект“ во поетиката на Андриќ

Што се однесува на причините за ваквото тематизирање на абјектот во балканските книжевности, нема потреба од пренагласување на контрастирањето на културно-политичките историски околности во кои тие паралелно се развивале.

ivo1Абјектот кај еден од досега најзнаменитите претставници на балканската литература, Иво Андриќ, во однос на чие дело се фокусира и овој труд, претставува повеќеслојна категорија, која само донекаде може да се долови „објективно“, обид кон кој посегнува и овој труд. Другиот дел му е препуштен на самиот читател.

Така, Андриќ во „Знаци покрај патот“, би рекле, со доминантно имплицитен тон во прво лице, посочува на потребата за индивидуално справување со нечистотијата и за напуштање на

светот на касабата исполнет „со беда и комичност, гогољевска комичност“ во духот на Гандиевата максима – „Биди промената што сакаш да ја видиш во светот“. На овој начин, реалистичкото доловување на животот во касабата, наместо кон индивидуалните лелекања на секој од нејзините жители, цели кон нужноста од самата промена на колективно ниво, додека сугестибилноста го втерува самиот читател кон своестрано вклучување во неа.

А секоја промена почнува преку премин отаде границата.

За промената на касабата е потребна врска со светот отаде и волја, односно храброст, таа да се искористи.

За остварувањето на ваквата промена постојат две можности: 1) позитивна – кога доаѓа до трансформација преку напори и до релативно постепена прогресија (соодветствувајќи на постепен труд ); 2) негативна – кога трансформацијата се постигнува по пат на брзи и ризични прогресии (во приказната тоа се најчесто кражби, коцкарски зафати, битки); притоа, останува можноста за комбинирање на општата промена на ситуацијата со (не)променетоста на нејзиниот / нејзините лик(ови)-носител(и).

Себетрансформацијата по правило оди во пар со втората можност, соочувајќи се со стапиците на абјектот и – како што е тоа најчесто случај со реалниот живот – наседнувајќи на нив.

„Мостот на Дрина“ („На Дрини ћуприја“, 1961)

Несомнено е дека во докторската дисертација на Андриќ од 1924 година, насловена Die Entwicklung des geistigen Lebens in Bosnien unter der Einwirgung der turkischen Herrschaft („Развој на духовниот живот во Босна под влијание на турската власт“), се обопштени неговите главни филозофски гледишта, каде што основна теза е дека Босна, како резултат на османлиското робовладетелско уредување, престанала да ја одигрува својата „природна функција“ – функцијата на „мост“, односно на спојувалиште, помеѓу европските и азиските култури и традиции, додека, како резултат на австроунгарската власт, претставувала безначајна мрачна точка на моќната империја.

[pullquote align=”right”]„Развој на духовниот живот во Босна под влијание на турската власт“[/pullquote]

Што се однесува, меѓутоа, на влијанијата и на инспирациите да се напише ова дело, несомнено е дека се клучни оние од секојдневието на Андриќ од детството во Вишеград кај тетка си Ана Маткувшиќ, додека ги слушал квазифантастичните приказни на постарите за историјата на мостот кон кој реферира.

Во книжевна смисла, Андриќ во „Мостот на Дрина“ претставува градител и „објективен проследувач“ и на (историјата на) еден поинаков мост – хронотопски мост, каде што различните простори и времиња се спојуваат во семантичка целина што реферира на еден конкретен објект сместен во исто толку конкретен топос: мостот на реката Дрина во Вишеград.

Ваквиот роман-хроника (кој, како што е општопознато, во 1961 година му ја носи и Нобеловата награда за книжевност за периодот во кој е напишан – во текот на Втората светска војна) на книжевно-поетичко рамниште воведува револуционерен пристап, при што во контекстот за кој зборуваме најпрвин паѓаат во очи неколку аспекти:

  1. „Главната улога“, како ретко кога дотогаш, му припаѓа на еден објект изграден од човечка рака, низ баснословно долг временски период, а субјектот, нараторот, чија единствена улога е едноставното пренесување на колективниот менталитет, е ставен во втор план;
  2. Во рамки на поширокото обединување на митолошко-легендарното со реалното (кое се разгледува претежно на рамниште на алузии кон митови и кон легенди врзани за мостот и за луѓето што минуваат по него), споени се хроносот (χρόνος), секвенцијално-иреверзибилното време, и каиросот (καιρός), циклично-повторливото (пресекот на овие времиња Андриќ го адаптирал во согласност со текот на приказната, која истовремено е резултат на раскажување и на непосредно дејство);
  3. Текот на приказната е определен според „светогледот“, односно од аспект на мостот и на настаните што го опкружуваат во потесна или во поширока перспектива; според ова, перспективата на мостот може да се смета за изедначена со онаа при типичното омнисциентно раскажување, надминувајќи ги сите претходни наратолошки типологизации со невообичаените интердискурсивни пресеци на приказната.

ivo2

Дека мостот како абјектен симбол во „Мостот на Дрина“, раскажувајќи ги своите неброени приказни на поделеност меѓу некогашните светови, истовремено, на само поетски одгатлив, профетички начин, реферира кон поделеноста на идните светови, може да ни сведочи Лакановата психоаналитичка мисла за „симболичкиот универзум“ во рамките на ваквиот простор, предодреден да претставува поврзувач на времињата, онолку трансцендентен колку што е и иманентен.

Мостот-абјект, пак, истовремено ги разграничува и ги поврзува свеста и потсвеста на авторот.

Тој е истовремено поврзувач и диференцијатор помеѓу субјектот-автор и објектот-„главен лик“, помеѓу живото и мртвото, помеѓу историски определеното и надисториското, помеѓу маргиналното и централното.

(Покрај во „Мостот на Дрина“, во „Жената од Сараево“, но и во „Травнички хроники“, кои ја сочинуваат т.н. „Босанска трилогија“, наидуваме на мостот како абјект.)

Ако мостот и не постоел како ваков симбол, ќе го создале неговите „корисници“, оние што на извесен начин биле предвестие за неговата појава.

Можеби затоа е мостот она што Мехмед-паша Соколовиќ го изградил за сеќавање и за поврзување со денот кога станал платежно средство за плаќање на данокот во крв и со местото каде што преминал на страната на поробувачот, но и со местото каде што некогаш, во блиска иднина, можеби ќе се склопуваат познанства и пријателства меѓу припадници на разни народи, култури и социјални слоеви.

Отсуството на експлицитно изложена филозофија во делото на Андриќ повторно би можело да се набљудува низ призмата на категоријата абјект. Имено, искусниот читател веројатно бргу би забележал дека зад превезот на навидум доминантната објективност и реалистичност во раскажувањето доминира фокусот кон субјективното, кон интензивното субјективно, опфаќајќи го спектарот психолошки специфични состојби на човекот во времетраењето на приказната.

Човечкото е она што доминира за безисклучно, на еден или на друг начин, да еруптира, иако „ерупцијата“ во самата приказна, како по правило, е оставена во сенка, повлечена од очите на оние што не би се осмелиле да го бараат единството меѓу субјективноста и објективноста на вистинското постоење и есенција.

Што означува човечкото кај Андриќ?

Како и абјектното, не е сосема јасно определено, меѓутоа, во извесна смисла, негов контраст. А кога нешто може да се нарече контраст на абјектното, логично е да се запрашаме: зарем да се биде контрастен не би подразбирало да се биде ист?

Безграничното и ограниченото, сувопарното и имагинативното раскажување, Андриќ ги спојува и ги изедначува истовремено на сите можни начини.

Leave a Reply

Your email address will not be published.