Првиот роман на Oлдус Хаксли

734_13_11_14__14__5_2013106

Скандалите во Кроум е првиот роман на британскиот автор Олдус Хаксли. Во книгата објавена 1921 година Хаксли на сатиричен начин ги опишува каприците и случувањата од тоа време. Интересна приказна за домашна забава во „Кроум“ (налик на дворецот Гарсингтон), каде што има собир на „паметни млади луѓе“. Хенри Вимбуш, сопственикот и самопрогласен историчар, раскажува дел од минатото на куќата; се проречува апокалипса, невиноста е изгубена, а инспиративните афоризми се измислуваат во транс. Херојот на романот, Денис Стоун, се обидува сето тоа да го преточи во поезија, но е видно разочаран од љубовта.

Скандалите во Кроум е пишуван во духот на традиционалниот англиски роман сместен во рустичен амбиент, каде што различна група луѓе се собира на одреден имот и го „молзе“ домаќинот. Времето го минуваат во јадење, во пиење и во изјавување на своите интелектуални идеи. Но, во Скандалите во Кроум се случуваат нешто поинакви дејства, со оглед на настојувањето на Хаксли во многу од своите романи да раскажува надолго и нашироко.

Исто така, интересна е кратката најава на Храбриот нов свет во Жолтиот Кроум. Г-дин Скоуган, еден од ликовите, опишува „безлична генерација“ на иднината што „ќе го заземе местото на одвратниот систем на Природата. Во огромни државни инкубатори, полици и полици од гравидни епрувети ќе го снабдуваат светот со потребната популација. Семејниот систем ќе замре, општеството, истрошено во самата основа, ќе мора да пронајде нова потпора; а Ерос, прекрасно и неодговорно слободен, ќе летка како весела пеперуга од цвет на цвет низ светот огреан со сонце“.

Од своето прво појавување, Скандалите во Кроум ги воодушевува читателите со ироничната духовитост насочена кон претенциозните ликови од британската висока класа. Хаксли во своите сатирични романи ја разоткрива социјалната хипокризија на високите кругови во Британија, кои се обидуваат да заборават дека постоела Првата светска војна. Неговите ликови ги кријат своите стравови зад квазиинтелектуални маски. Дури и насловот на книгата, Скандалите во Кроум, е итра метафора што во себе ги содржи јасните разлики меѓу привидот и реалноста. Ликовите на Хаксли не се она што се чини на прв поглед, туку ја претставуваат двојната човекова природа на јавни и приватни лица. Човековата природа не се менува. Како резултат на тоа, хуморот е релевантен и денес исто како и во 1921 година, кога романот на Хаксли му донел заслужена репутација како остар социјален критичар. Во Америка, бил споредуван со Х. Л. Менкен, писател што Хаксли го почитувал, со кој се советувал и на кој му се восхитувал. Исто така, голема е важноста на Скандалите во Кроум за читателите на Храбриот нов свет (1932). Во Скандалите во Кроум, Хаксли прв ја предвидува стравотната иднина, која подоцна ќе ја продлабочи во еден од најпознатите научнофантастични романи. Скандалите во Кроум, како и Храбриот нов свет, е роман што ќе продолжи да ги шармира, забавува, стимулира и да ги просветлува читателите.

aldous

Олдус Хаксли

Олдус Леонард-Хаксли е роден во Лондон во 1894 година. Поет, романсиер, драматург, есеист и хуманист. Студирал на Итон и на Оксфорд и кратко предавал пред целосно да му се посвети на пишувањето. Се оженил во 1920 година и една година подоцна добил син, неговото единствено дете. На почетокот објавува поезија, но заработува и со пишување есеи и кратки раскази во повеќе списанија. Неговите есеи добиваат должно внимание поради острата и саркастична социјална критика. Успехот на Скандалите во Кроум му ги отвора вратите за идни дела, при што 1920 година ја минува главно во Италија и во Франција. Првата жена на Хаксли, Марија, умира во 1954 година. Една година подоцна се жени со Лора Архера. Хаксли умира од рак на грлото во ноември 1963 година. Првично е закопан во Калифорнија, но подоцна пепелта му е пренесена во Британија, кај неговите родители.

Скандалите во Кроум го издигна Хаксли на ниво на „култна фигура“ (со позитивни критики, но со мала продажба). Насловот на романот (во буквален превод Жолтиот Кроум), кој се однесува на фиктивниот имот „Кроум“, каде што се одвива дејството, е самиот по себе умешна игра на зборови. Терминот „жолтиот Кроум“ реферира на жолтиот пигмент на хромот, кој има првичен сјај, но кој полека избледува штом е изложен на сончева светлина, па со времето станува кафеав или зелен. Симболично, насловот се однесува на ликови што на прв поглед изгледаат сјајно, но со времето потемнуваат или избледуваат.

Основната тема на Хаксли е дека, како и извитоперените и избледени бои на жолтиот пигмент на хромот, првите впечатоци кратко траат. Избира мажи што се впуштаат во интелектуална лудост и жени што се модерни фројдисти или викторијански предатори, или пак и тоа и тоа. Всушност, Хаксли го сатиризира своето искуство во дворецот Гарсингтон, огромниот имот на Леди Отолајн Морел, каде што авторите како Хаксли, Д. Х. Лоренс и Т. С. Елиот се собирале и создавале. Леди Отолајн (г-ѓа Вимбуш) подолго време не зборувала со Хаксли.

Хаксли го гледа „Кроум“ како микрокосмос на еден многу поголем макрокосмос, односно на Велика Британија. Исто така, ликовите се препознатливи во секое минато или сегашно општество, а се насликани според личното искуство на Хаксли. Денис, главниот протагонист, е пример за човек што во агонија ја анализира секоја случка и реакција додека се обидува да замисли што другите би можеле да мислат. Тој е безнадежен романтичар, кој премногу чувствува и размислува за да може да се опушти и да биде среќен.

34425

Скандалите во Кроум е сатира што од своите читатели изнудува повеќе иронични насмевки отколку смеа. Доминантната лукавост на романот кулминира во моментите кога Хаксли ја опишува чудната природа на човековите односи. Скандалите во Кроум е ироничен, алузивен, ерудитивен и мајсторски интересен роман, кој ги опишува крајностите до кои луѓето се подготвени да заминат само за да ја избегнат реалноста, притоа криејќи се зад неврози.

Под сатирата и под цинизмот, Хаксли се обидува да го разбере човековиот дух за да научи како да се подобри себеси и да им влијае на другите да го сторат истото. Талкањето по човековиот дух во творештвото на Хаксли е главниот извор на учење во Европа, особено во Германија, каде што метафизичките приоди во литературата одекнуваат со големо значење. За време на целиот свој живот, Хаксли преку цинизмот го прикрива својот чувствителен, добродушен и искрен дух и смета дека со парите што ги заработува треба да им помогне на другите, со тоа што ги дава за хумани цели и на добри луѓе. Од Скандалите во Кроум, па натаму, Хаксли сака да ја разоткрие човековата природа само за да ја промени.

Leave a Reply

Your email address will not be published.