Приказна за Мајсторот и ученикот

„Уметноста е дело на суетата, а моралот е отсуство на суета“.

(Енциклопедија на мртвите, 1983)

b1

Ова што следува се има случено кон крајот на минатиот век во Прага, „градот-мистерија“. Тој настан – ако тоа може да се нарече настан – е раскажан, со незначајни нијанси и преиначувања, кај разни автори, а јас се држам до верзијата што ја има дадено Хаим Франкел: предноста во неговото кажување е во тоа што тој во својот текст ги има збиено излагањата и на другите ученици што пишувале за Мајсторот. Кога од неа ќе се отстранат гломазните расправи за верата, моралот, хасидизмот, расправи прекинувани со чести учени цитати од Талмудот и ситничарењата на самиот Франкел, приказната во својата суштина се сведува на следново:

[pullquote align=”left”]„Уметноста е дело на суетата, а моралот е отсуство на суета“[/pullquote]

Учениот Бен Хаас (вистинско име Оскар Лејб) почнал да пишува песни, на хебрејски, кога имал четиринаесет години. Околу илјада осумстотини и деведесеттата се враќа од еден аџилак во Светата земја и се настанува во Прага, каде што собира група истомисленици во списанието Хајом, кое ракописно се умножува во онолку примероци колку што има ученици. Бен Хаас подучува морал и литература. Неговото учење, изложено во многубројните расправи и списи, делумно објавени дури неодамна (по мукает на самиот Хаим Франкел), се темели на една морална дилема, потекната уште од Платон, која би можела да се сведе на следново: уметноста и моралот се засноваат на две различни премиси и како такви тие се неспојливи. Би можело дури и да се каже, како што тврди Франкел, дека целокупното Бенхаасово дело, поетското и философското, се сведува всушност на докажувањето на тој факт, но и на обидот таа противречност да се надвладее. Кјеркегоровското „или-или“ тој пробува да го ублажи, макар што примерите од историјата на идеите, а во прв ред на книжевноста, кажуваат дека таа дилема е речиси непремостлива. „Уметноста е дело на суетата, а моралот е отсуство на суета“, повторува тој на повеќе места, толкувајќи ги биографиите на великаните од кралот Давид до Јуда Халеви и Соломон Ибн Габирол. Дружината на чие чело стои Бен Хаас (според едни биле петмина, според други седуммина) си задава задача со пример и дело да ја побие оваа дилема, значи, „во срцето на поетските искушенија“, да му се потчини на еден ригорозен морал, кој, како што вели Франкел, се темели на јудеохристијанската традиција, талмудските поставки, Кант, Спиноза и Кјеркегор, а притоа да не биде лишен од извесни „анархистички примеси“. Ако го сфативме добро Франкел, тој „ригорозен морален императив“ (цитатот е откај Бен Хаас) не исклучувал, меѓутоа, од својот кодекс одредени хедонистички поставки: наспроти сите очекувања, вотката, индискиот коноп и телесните уживања биле ставени во ист ред со читањето, патувањето и аџилакот. Франкел во ова гледа, и мислам дека не е далеку од вистината, само најнизок пресек на силите каде што уметноста и моралот се судруваат во својот најелементарен вид, „надвор од доброто и надвор од злото“: вистинската морална дилема почнува и завршува со прашањето за суетата, а сè друго е надвор од моралната сфера.

b4Извесните паралелизми во оваа точка, паралелизми што Франкел ги воспоставува со будистичкото учење и со практиката бонза – каде што телесните уживања не се пречка на патот кон апсолутното, кое се вика Тао – попрво се, би се рекло, последица на личните спекулации на Бен Хаас отколку непосредно влијание на мудростите од Истокот. Тоа, значи, што Бен Хаас бил виден во својата триесетта година во еден озогласен прашки кварт (во времето кога веќе го имал втемелено својот морален кодекс), не може да се смета за некој вид сензација што им противречи на неговите начела изнесени во делото Лето и пустина. „Уметноста е спознание, а спознанието е бесполно; бесполно, што ќе рече иморално“, Франкел цитира една од темелните Хаасови поставки. Учениот Бен Хаас, кој ги спојувал во себе поетот и моралистот, две противречни вокации, настојувал, значи, тоа бесполно спознание на уметноста, кому секое искуство му е скапоцено, да го смири со оние етички принципи што нема да го осиромашат: „Да се верува на збор, па дури тоа да е и Светото Слово, ја носи во себе опасноста од еден многу потежок морален пад отколку што е кршењето на забраните дадени со тоа Слово“. Во овој краток навод на раниот Хаас се наоѓа наједноставно изложена една од оние темелни идеи што години подоцна ќе ја родат тешката и кабеста, едвај разбилива Хаасова философска доктрина, изложена со некој кабалистички јазик, со заматени неологизми и многубројни поими чие значење ни се измолкнува. Тешко е, меѓутоа, да се утврди дали е во право Франкел кога вели дека оваа непроѕирност на подоцнежното учење на Бен Хаас е само последица на колебливоста и плод на „зрелите години“. (Има многу пречки до објавувањето на критичките изданија на собраните дела на Бен Хаас, а пред сѐ тоа се извесни рабини и моралисти во самиот Одбор за изучување и печатење на тие дела.) Настанот што нѐ интересира и што овде накратко ќе го изложиме нема, меѓутоа, непосредна врска со философската доктрина на самиот Бен Хаас; тој настан, колку и да е наизглед безначаен, произлегува од спрегата на неговото учење и става на испит цел еден компликуван систем од вредности; некој вид наравоучение, ако милувате.

b5Годината 1892, Бен Хаас, кој веќе го носи името Мајсторот, сретнува во оној озогласен кварт некој младич, кој го моли за разговор. Мајсторот, кршејќи се помеѓу етичкиот и поетскиот принцип – од кои првиот му вели да го отфрли, а вториот да го сослуша – седнува со него во една мрачна крчма и порачува две чаши пасхална вотка, што претставува, изгледа, дел од ритуалот. Јешуа Крохал, така се викал младичот, му се доверува на Мајсторот дека го посетува овој кварт откако дошол до една од неговите списи, која го уверила дека е искуството „бесполно, значи иморално“, но дека не може да ја најде онаа духовна рамнотежа што ја проповедаат Лето и пустина. Мајсторот чувствува одреден страв и каење, насетувајќи дека неговото учење, како и секоја ука што треба да се темели на моралот, може да нанесе, стигнувајќи во рацете на некој недораснат, исто толку зло колку што би можело да донесе и добро. (Бидејќи, како што вели Платон, мајсторот го бира ученикот, но книгата не го бира читателот.) Понесен од некоја пеколна идеја и загреан веројатно од вотката, Бен Хаас одлучува од едно безначајно суштество – ученикот не одговорил на ниедно до скриените прашања на Мајсторот – да создаде хасидим (збор употребен со значење: упатен, учен, умерен), ако не било тоа само несвесна желба да се пародира Пигмалион, како што мисли Франкел. Младичот признава дека Лето и пустина му дало морална сила да посетува јавни куќи, сметајќи го тоа пред сѐ за „акт на искуство“, но дека е свесен за фактот дека тој „акт на искуство“ нема никаква вредност ако не е ставен во служба на чинот на создавање. Бен Хаас нагло ја спуштил на масата чашата со вотка кога Јешуа Крохал го изговорил насловот на книгата на која работи: Патот за Канаан. Оној што го викаат Мајсторот се уверува, меѓутоа, во текот на вечерта дека неговиот иден ученик ги има сите оние особини поради кои, кога би го слушал гласот на својот разум, не би смеел да го земе под своја закрила, затоа што глупоста споена со славољубието е поопасна од секоја лудост. Му закажува, сепак, состанок, за три месеци, во истата крчма, и го напушта, откако му диктира список од дваесет и седум книги на тема канаанското чудо и спасението. Кон крајот на август, Јешуа Крохал се појавува на закажаното место, носејќи го ракописот од својот Патот за Канаан: некои сто и дваесет страници на кои Мајсторот фрла еден површен, еден сеопфатен поглед; освен калиграфскиот ракопис открива, од око, неколку правописни грешки. Следниот состанок му го закажува повторно за три месеци, на истото место, и го пушта, диктирајќи му список книги, меѓу кои и правописот на хебрејскиот јазик.

[pullquote align=”right”]Мајсторот го зема ракописот од масата и заминува.[/pullquote]

На третата средба, февруари 1893, Мајсторот го прелистува ракописот со своите прсти налик на чатал за барање извор вода и со ужас сфаќа дека неговите сомнежи се оствариле: на седумдесет и втората страница, правописната грешка била поправена, но ракописот инаку бил недопрен. Понесен од нагло каење, а можеби и сожалување (затоа што сфатил или барем насетил дека со својот пример од еден несреќен граѓанин направил уште понесреќен хасидим и тука веќе нема лек и враќање), Мајсторот го зема ракописот од масата и заминува. Цела ноќ ја поминува над текстот Патот за Канаан, чија залудност и празнина го опоменуваат за неговата сопствена грешка: да се приклонел онаа ноќ пред околу девет месеци кон својот етички, а не кон својот поетски принцип (а којзнае дали тука постои јасна граница!), денес не би имал на совеста една залудна егзистенција, која сега мора, со силата на моралните закони, да ја спасува од понорот над кој се наоѓа. И тој некогаш здрав младич да не бил заразен од неговото учење, макар и погрешно сфатено и протолкувано, тој ноќва не ќе бдеел над тој бесмислен текст испишан со крупен калиграфски ракопис, текст од кој провејува единствено пустата желба бесмисленоста на живеењето, или насетувањето на таа бесмисла, да ја оправда со некаков чин на создавање, каков-таков. Бен Хаас сфаќа во еден момент на озарување дека до сето ова го довела неговата суета, неговата поетска настраност и неговата полемичка страст: да им се докаже на учениците дека Пигмалион ја нема моралната сила на митот, туку дека е тоа една обична скандалозна хроника на која ѝ е даден митски привид.

За да не го отфрли целосно Патот за Канаан, и со тоа несреќниот Јешуа Крохал да го остави во неговата триесет и трета година на опасно беспаќе (во оваа криптографија Франкел со право го забележува влијанието на кабалистичката симболика на Бен Хаас), оној што го нарекуваат Мајсторот го исфрла од ракописот сето она што е слика на самиот автор, слика на неговата суета, таа единствена особина на која се држи целото негово трошно суштество: го ослободува ракописот од сите оние ефемерности во кои се отсликува, како на површина на бара, рошавото лице на Јешуа Крохал, неговите модри подочници и неговото мрзливо тело; со еден потег на перото ги исфрлува од ракописот злобните алузии на современите случувања и библиските дигресии, како што е онаа за Лотовата жена, во која се препознава црвенокосата Германка од крчмата „Корона“. (А единствената таинствена врска што ѝ е заедничка на таа црвенокоса Германка со Лотовата жена е белата флека од потта што ѝ се шири околу пазувите и која Јешуа Крохал, според сопственото признание, ја „содомизирал“.)

b6

Од сто и дваесетте страници од Патот за Канаан Бен Хаас остава едвај една третина, спојувајќи ги оние делови во кои се крие зрнце митска алегорија, зрнце од кое би можело да се направи Привид на полнотија. Утредента, ненаспан и нерасположен, оди во кафеаната „Корона“, ставајќи го во џебот од својот кафтан ракописот Патот за Канаан. Го наоѓа Јешуа Крохал потиштен. Младичот му го изразува својот сомнеж: ги сфатил залудноста и неминовноста на својот избор. Ако Мајсторот смета дека Патот за Канаан не може да се добере до милоста на вообличувањето, нему не му преостанува ништо друго освен да се повлече. Овој збор го изговорил многу двосмислено, така што можело да има поинакво и погубно значење од она што го има во Лето и пустина. („Ако не можеш да дејствуваш во погибелната спрега на тие противречни сили, морални и поетски, повлечи се. Полевај зелка во својата градина, а рози одгледувај само на гробиштата. Затоа што розите се погубни за душата“.) Оној што го нарекуваат Мајсторот го вади тогаш од внатрешниот џеб на својот свилен кафтан ишараниот ракопис и го става пред младичот.

„Ако добро сфатив“, вели Јешуа потиштен, „овде не останало ништо.“ – „Напротив“, вели Бен Хаас, „остана она на кое може да му се даде Привид на полнотија“. А помеѓу Привидот на полнотија и Полнотијата разликата е толку незабележителна што само најмудрите можат да ја насетат. Но, бидејќи, мудри има премалку – според некои, триесет и шест души во целиот свет – малкумина ќе бидат оние што ќе ја согледаат разликата. А за оние повеќебројните, Привидот е исто што и Полнотијата“.

[pullquote align=”left”]„Тоа е Привид на полнотијата“, рекол Јешуа во вид на сентенца, „а она беше Полнотија“ и ја заоблил дланката, па ги раширил прстите…[/pullquote]

Лицето на Јешуа Крохал се озарило, затоа што му се причинило дека во Мајсторовите зборови ја открил својата тајна мисла, својата мисла-водилка: дека сите работи на овој свет се случуваат со измама, на тенката и неуловлива разлика помеѓу Полнотијата и Привидот на полнотија, но бидејќи никому досега не му е дадено да процени што е едното, а што другото (во суштина неговата мисла во тоа се разликувала од Мајсторовата), сите тие вредности, морални и поетски, се само прашање на умешност и среќа: пуста форма. Бен Хаас ја почувствувал скриената мисла на ученикот – затоа што оној што го нарекувале Мајсторот ја разликувал Вистината од Лагата – и се одлучил да му ја покаже на ученикот таа граница помеѓу суштината и привидот. Го одвел дома и, цела ноќ, на самиот ракопис (над она што останало од ракописот) се обидел да му објасни, преку примери едноставни и поучни, како една мисла, сенката на една мисла или една слика можат да се доведат – со магијата на зборот и волшепството на недореченото – до милоста на обликувањето. Јешуа Крохал в зори ја напушта собата на Мајсторот (во која смрдеата на книгите со кожен повез била ублажена од опојниот мирис на сандаловото дрво што богохулно согорувало во толчените менори: спомени од аџилакот). Свраќа во крчмата „Корона“, нарачува гулаш и кригла пиво, потоа се пушта во препишување на ракописот. Напладне пред него веќе стоел завршениот ракопис со библиска парабола под наслов Патот за Канаан, препишан целосно со неговите крупни калиграфски писма. Потоа го зема примерокот со исправките на Мајсторот и го фрла во големата ѕидана печка налик на катедрала, вратите на рајот и пеколот. Кога пламенот ги уништил трагите од Мајсторовата рака и со тоа, како на клада, и неговата душа, Јешуа Крохал го ставил превитканиот ракопис во внатрешниот џеб од својот капут и, горејќи од некоја дотогаш непозната треска, нарачал уште една кригла пиво. Каролина го ставила пивото на работ од масата, ама Јешуа, нагло потскоскнувајќи, успеал да ја зграби за крупната тркалезна цицка. Каролина за момент се скаменила, како Лотовата жена претворена во столб од сол, потоа се сепнала и замавнала. Нејзината тешка црвена рака му прелетала веднаш пред носот.

„Тоа е Привид на полнотијата“, рекол Јешуа во вид на сентенца, „а она беше Полнотија“ и ја заоблил дланката, па ги раширил прстите…

b8Патот за Канаан се појавил кон крајот на илјада осумстотини деведесет и четвртата, најпрво во списанието Хајом, на хебрејски, а на почетокот на следната година, преведен на германски, и во вид на книга. Книгата наишла на еднодушен прием кај егзегетите и сите во неа ја откриле, како што вели Франкел, „Полнотијата“.

Единствено младиот Бјалик (подоцна познат под името Хаим Нахман), подложувајќи ја книгата на сериозна анализа, открил во неа траги на Мајсторовата рака, која „се обидела да ја спаси оваа парабола од празнината што од неа провејува“. Оваа Бјаликова критика ги имала следните консеквенции: во поговорот кон новото издание на Патот за Канаан, Крохал го прогласил Бјалик за сифилистичар и јавно се одрекол од Бенхаасовото учење, нарекувајќи го шарлатан и „трујач на души“. Доследен на своето порекнување, се здружил со противниците на Мајсторот и во новоотвореното списание Кадима повел непоштедна и долготрајна борба против него, служејќи се притоа со „сплетки и клевети во кои покажа дека не е лишен баш од секаква дарба“. Една недовршена парабола во Бенхаасовите списи, парабола под наслов „Приказна за Ученикот и Мајсторот“, бидејќи недовршена, не содржи никакво наравоучение. Освен можеби ова: помеѓу Полнотијата и Привидот на полнотија, во морална смисла, тешко е да се воспостави јасна разлика. „Тоа не му појдуваше секогаш од рака ниту на оној што го нарекуваа Мајсторот“, вели Франкел. „Наднесувајќи се над понорот, тој со суетата ни самиот не можеше да му одолее на задоволството тој понор да се обиде да го исполни со смисла“. Од ова произлегува една нова поука, која ни сугерира, пословично, дека е опасно навалувањето над туѓата празнина, во пуста желба во неа, како на дно од бунар, да се огледа своето сопствено лице; бидејќи и тоа е суета. Суета над суетите.

p.s. Приказната за Мајсторот и ученикот првпат беше објавена во еден од летните броеви на Књижевне речи, годината 1976. Во неа е речено, далекувидо, макар што психолошки сосем предвидливо, дека ученикот ќе поведе „непоштедна и долготрајна борба против Мајсторот, служејќи се притоа со ‘сплетки и клевети со кои покажал дека и не е баш лишен од секаков дар’“. На тој начин, овој расказ со текот на времето сè повеќе го губеше своето алегориско значење и сè повеќе го преместуваше своето тежиште на реалистичниот, дури на документарниот план.

Превод од српски: Ѓоко Здравески

Напишано од
More from РЕПЕР
Страшливиот поет
Страшливиот поет не е штурец и не свири во мракот, не е...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *