Македонскиот опиум помеѓу двете светски војни

Привршувајќи го истражувањето во Архивот на Југославија налетав на фељтонот „Рана Балкана“ од францускиот публицист Албер Лондра од 1931 година, кој е објавен во водечките париски весници, а кој, со оглед на исклучително пројугословенските ставови на авторот, го превела и тогашна белградска Политика. Станува збор за текст заснован на „теренско истражување“ на Лондра, кој извесно време поминал во Бугарија, со желба да ги открие механизмите на финансирање на ВМРО. Еден од неговите главни заклучоци ми послужи како мотив да го истражам прашањето за опиумот и во Југославија меѓу двете светски војни.

DSC00107

Не ми беше потребно многу време врз основа на достапните податоци за продукцијата и за извозот да пресметам дека производителите на опиум во Повардарието помеѓу двете светски војни задоволувале 43% од побарувачката на легалната светска преработувачка индустрија, додека подоцнежната турско-југословенска кооперација покривала дури 80% од светските потреби! Она што особено ме интересираше беше политичкиот контекст во кој се одвивале производството и трговијата во такви размери, дотолку повеќе што се работело за најнеразвиеното подрачје во Југославија. За македонскиот опиум и за одгледувањето на афионот нема аналитички трудови во историографијата (ако не ги земеме предвид попатните осврти на монополската политика), што беше дополнителен мотив.

ОД ЦЕВКА ОД ПУШКА НА ТИКВЕШКАТА ЗЕМЈА

harvested-poppy-capsulesБлагодарение на геолошките предиспозиции на македонското земјиште и на специфичната клима, одгледувањето афион уште од почетокот на 19 век станало перспективна дејност во која Турците виделе „скратено патче“ за економско раздвижување на Македонија и за зголемување на рентабилноста на турските поседи. Првиот афион е посеан во 1835 година во околината на Штип, а анегдотата вели дека афионовото семе е донесено во цевка од пушка. Како први одгледувачи на афион се споменуваат кочанскиот барјактар Абдул Хешан Халил и некојси Али Симон Заде, кој го засеал првото семе во Кавадарци.

Осумдесетите години на 19 век селаните од штипскиот крај, според инструкциите на солунските трговци, ја одгледале билката, го собрале катранот и од тоа направиле добра пара. Веста за чудната билка брзо се раширила, па котлините Тиквеш и Раец побелеле од бескрајните цветни полиња. Со оглед на тоа дека македонскиот подвид на афион настанал со вкрстување на белиот и на виолетово-сивиот афион, многумина заклучуваат дека при одгледувањето на првите експериментални полиња учествувал и некој стручњак. Добрата страна на одгледувањето афион се гледала во тоа што по неговата жетва можело да се засее уште некој посев, па истата година на истиот тој простор да се добијат две жетви.

[pullquote align=”right”]Добрата страна на одгледувањето афион се гледала во тоа што по неговата жетва можело да се засее уште некој посев, па истата година на истиот тој простор да се добијат две жетви.[/pullquote]

Првите статистички податоци говорат дека во 1880 година во долината на Вардар се произведени 70 тони, дека само во 1893 година преку солунското пристаниште се извезени 19 тони, а дека следната година производството достигнало 79 тони суров опиум. Во тогашната Османска Империја само на просторот на Повардарието се одгледани 28% од целокупното турско производство, макар што уште тогаш е забележана навиката на производителите тежината на стоката да ја зголемуваат со разни додатоци, со додавање пржен леб, жолчка, варен скроб и слично.

Зоната на одгледување на опиумот во југословенското кралство зафаќала површина од 14.000 хектари во 40 општини во Повардарието. Македонскиот опиум, благодарение на плодното земјиште и на речните наноси, бил меѓу најквалитетните во светот затоа што содржел 14-16% морфиум. За споредба, кинескиот имал сè на сè 3-5% морфиум. Францускиот ботаничар Емил Перо при еден свој престој во Скопје изјавил дека „афионот од Јужна Србија дава најдобар опиум“, па не е чудно што бил многу баран во Франција, во Германија и во Швајцарија. Најголем процент морфиум содржел афионот во околината на Кавадарци, на Струмица и на Велес, додека нешто посиромашен бил оној во прилепскиот и во кочанскиот крај.

Покрај опиум, од афионот се добивало и шарлаганско масло за јадење, кое претставувало половина од афионовото семе. Културата на одгледување афион побарувала добра подготовка на земјиштето, но и прецизен „тајминг“ и стриктно придржување до роковите: од сеењето кон крајот на август, плевењето и ретчењето кон почетокот на март, до прашењето на билките кон крајот на март и засекувањето на чашките кон почетокот на јуни. Трошоците при производството на афионот изнесувале околу 5.000 динари по хектар од кој се добивало 10-20 килограми опиум. Освен законските ограничувања (за кои ќе стане збор), приносите на афионова смола периодично изостанувале и поради лошите климатски услови, измивањето на смолата и наездата на скакулци.

ОТКУПОТ ВО РАЦЕТЕ НА ПОЛИТИЧКАТА ЕЛИТА

Опиумскиот отсек на Привилегираното извозно друштво (ПРИЗАД) со седиште во Белград бил задолжен за откуп на опиумот од македонските производители. Експертизата на почетокот е вршена во Белград, сè додека хемиската лабораторија при скопскиот Институт за тропски болести не била оспособена да издава валидни извозни сертификати.

[pullquote align=”left”]Дури и надалеку познатиот тиквешки афион е обезвреднуван, па наводно имал сè на сè 10% морфиум.[/pullquote]

Според тврдењата на софискиот весник Македонија, основањето на споменатото привилегирано друштво имало цел целиот извоз на земјоделски производи (вклучувајќи го и опиумот) да го стави во државни раце. На чело на неговата скопска филијала бил белградскиот трговец Давидовиќ, а во управата седеле амбициозни колонисти и новопечениот индустријалец Бошко Жераиќ, контроверзниот директор на Сојузот на аграрни претпријатија Васо Шалетиќ, трговецот и политичар Милан Чемерикиќ и призренскиот „србоман“ Патрногиќ. Со секторот за опиум формално раководел Димитрие Крајничанац, ама сите одлуки биле носени без негово знаење, па и онаа целиот опиум со пазарна цена од 80 милиони динари да се откупи од македонските производители за вкупно два милиони!

Покрај таквите махинации, секој експерт од Друштвото добивал по 2% од прометот, со плата и со хонорари. На овие привилегирани позиции се поставувани луѓе верни на Живоин Лазиќ, банот на Вардарската бановина и подоцнежен министер за внатрешни работи. Според пишувањата на Македонија, токму Лазиќ диктирал неповолна откупна цена преку свои луѓе во монополската управа.

На непосредните производители и на трговците со опиум не им одговарал паушалниот откуп, туку им одговарало плаќање според процентот на морфиум што бил содржан. Наместо тоа, ПРИЗАД утврдил фиксен надомест од 200 динари по килограм, кој ги принудил штипските производители својата стока да ја продаваат на околните пазари за значително пониска цена. Со доаѓањето на Милан Стојадиновиќ на власт, ситуацијата донекаде се променила: на производителите им се ветени 20 динари по процент на морфиум, но истовремено им е потценуван квалитетот на опиумот. Дури и надалеку познатиот тиквешки афион е обезвреднуван, па наводно имал сè на сè 10% морфиум. Главниот виновник за лажната „аматерска“ проценка на квалитетот на македонскиот опиум бил некојси Раја Туцаковиќ, член на белградската централа на ПРИЗАД.

ЖЕНЕВСКАТА КОНВЕНЦИЈА КАКО НОЌНА МОРА

На иницијатива на Друштвото на народите за спречување на „опиоманијата“ во Женева се потпишани меѓународни конвенции за опиум (1925), за ограничување на производството и уредувањето на поделбата на опојните дроги (1931), како и конвенцијата за спречување на недозволената трговија со опојни дроги (1936). Конвенцијата почнала да важи кон крајот на септември 1928 година, а Југославија била меѓу 36-те земји-потписнички, на општо незадоволство на произведувачите на македонскиот опиум. Навистина, многу држави ги кршеле одредбите на конвенцијата сè до октомври 1939 година, кога почнала да важи уредбата што предвидувала драконски казни за трговците и за оние што поседуваат дрога. Инаку, од вкупното светско производство само 42% одело во медицински цели, додека другиот дел е консумиран како опиум за пушење на Далечниот Исток и во Северна Америка.

Afghanistan_16Белградската Постојана комисија за опојни дроги проценила дека целата светска индустрија можела да апсорбира 250 тони суров опиум, а дека само во Повардарието се произведувани и до 70 тони. Според тогашните статистики, на еден Кинез во просек доаѓале по 50 грама опиум, а на Европјаните само четвртина грам. Едните опиумот го пушеле, другите го пиеле, додека некои го внесувале интравенозно „сметајќи дека е тоа поотмено и подостојно за белата раса“. Податоците од Опиумската комисија за потрошувачката на дрога во Југославија во 1930 година биле следниве: лист кока 30 кг или 2,2 мг по жител, индиски коноп 14 кг (1 мг/жител), медицински опиум 143 кг (9,9 мг/жител), морфиум 67 кг (4,9 мг/жител), хероин 2 кг (0,15 мг/жител), еукодал 1 кг (0,07 мг/жител) и кокаин 25 кг (1,5 мг/жител).

***

Во Југославија пристапувањето кон Женевската конвенција е примено со општо негодување. Михајло Чучковиќ во 1939 година ги критикувал „неетичките“ мотиви на Конвенцијата, патетично сожалувајќи ја „потта на нашиот вреден земјоделец“ што се леела во трезорите на европскиот картел за опијати. За него Јужна Србија без опиум била исто што и Франција без лозја, Бразил без каучук, Америка без петролеум. Со други зборови, „спасувањето на Јапонците и на Кинезите од токсикоманијата што со векови владеела кај нив“ не вредело за да се уништи цела една покраина.

Женевската конвенција влијаела откупната и продажната цена да бидат во постојан пад, како и приходот на производителите. Интересно е дека драстичниот пад на цените на суровиот опиум (од 107 милиони во 1928 година на 4,5 милиони динари во 1932) не предизвикал и поевтинување на финалните производи – напротив, нивната цена е трикратно зголемена поради картелот фабрики за алкалоид.

[pullquote align=”left”]Вишоците суров опиум достигнувале и до 150 тона, будејќи ја кај југословенските производители желбата Женевската конвенција да биде итно откажана.[/pullquote]

Од јули 1931 година во скопската опиумска зона почнал да се трупа неизвезениот опиум, така што Југославија кон крајот на летото 1935 година располагала со извозни количини опиум за четирите следни години. Против пристапувањето на Југославија кон Конвенцијата се изјаснила и Културната лига во Скопје на чело со универзитетскиот професор Миливое Павловиќ, кој сметал дека опиумското прашање треба по секоја цена да се реши во корист на производителите. Вишоците суров опиум достигнувале и до 150 тона, будејќи ја кај југословенските производители желбата Женевската конвенција да биде итно откажана. Согледувајќи ја нерентабилноста на земјоделското производство колонистите од Караѓорѓевац, покрај афионот, масовно почнале да сеат и индиски коноп, но веќе за време на првата жетва неговото одгледување е забрането од споменатата Конвенција.

МАЛВЕРЗАЦИИ И КРИУМЧАРЕЊЕ

Во сите берби на македонскиот опиум во периодот помеѓу 1920 и 1932 година се добиени 1.029.000 килограми чиста опиумска маса, додека во истиот период се извезени 808.505 килограми. Настаните од март 1933 година, кога во притвор се нашле пет члена на Управниот одбор на Стопанската банка за Јужна Србија, можат непосредно да укажат на тоа што се случило со другиот дел од неизвезениот опиум. Во притвор завршил и директорот на банката, Р. Лајтмановиќ, затоа што е утврден кусок од 32 тони на депонираниот афион, со што Државната хипотекарна банка била оштетена за 7,5 милиони динари. Текот на опиумската афера не ги заобиколил ниту раководствата на Велешката и на Виничката банка, па така, поради ломбардување измислени количества опиум во филијалите на Државната хипотекарна банка во Скопје, е уапсен и Димитрија Крајничанац. Предмет на истрагата бил само кусокот од 32 тони, додека другите 150 тона што недостасувале од опиумот не се ни земени предвид. Со оглед на тоа што до судењето е пуштен на слобода, Крајничанац со семејството преку Рим емигрирал во Софија.

[pullquote align=”right”]Вишоците од македонскиот опиум исто така се движеле по илегални канали, па југословенските граничари запленувале грав филуван со опиум, афионова смола во охридските јагули и во шарпланинскиот кашкавал и сл.[/pullquote]

Трговските магнати во опиумскиот бизнис биле строго против монополизирање на извозот. Меѓу нив предничела солунската фирма Šaloma, чии главни посредници биле Салватор Мусафија, Менахем Леви и контроверзниот народен пратеник Влада Пуздерлиевиќ. За последниот командантот на југословенската жандармерија В. Томиќ располагал со докази дека бил главен нарачател на убиството на генералот Михаил Ковачевиќ во Штип во 1928 година. Како велетрговци со опиум се појавуваат Сава Обрадовиќ и сенаторот Спиро Хаџи Ристиќ, кој на крајот на 1938 година во Скопје е убиен со револвер од страна на еден доверител.

Со оглед на тоа што профитите на европските фабрики со опојни дроги во картелот надминувале 400% во однос на производствените трошоци, во Турција почнале да ги разблажуваат залихите и да ги претвораат во опиум за пушење, кој потоа е криумчарен во Кина. Вишоците од македонскиот опиум исто така се движеле по илегални канали, па југословенските граничари запленувале грав филуван со опиум, афионова смола во охридските јагули и во шарпланинскиот кашкавал и сл. Во текот на зимските месеци на 1930-тите жандармите-скијачи, кои се обучувани на патеките на Шар Планина и на Копаоник, безуспешно ги бркале криумчарите со опиум и со тутун.

ЈУГОСЛАВИЈА И ТУРЦИЈА ГИ ЗДРУЖУВААТ СИЛИТЕ

Најголеми европски производители на опиум биле Турција, Југославија и Бугарија, додека во Азија доминирале Кина, Персија, Индија и Јапонија. Со оглед на тоа што Женевската конвенција ја преполовила потрошувачката на опиумот во индустриски развиените земји, но и ги смалила приходите на произведувачите на четвртина, се родила идејата за југословенско-турска опиумска соработка. Покрај тоа, лошата клима, слабата берба и катастрофалниот пад на цените ја забрзале реализацијата на идејата.

На почетокот на април 1931 година идејата за картел на земјите-произведувачи му е изложена на турскиот амбасадор во Белград, а е реализирана веќе на средината на истиот месец во Анкара, каде што е потпишан прелиминарниот текст на договорот. Каменот на блокадата претставувал „клуч“ за учество на двата партнера. Југословенските делегати побарале четвртина, но компромисот е пронајден така што југословенското учество во образувањето на контингентот од суров опиум било 22%, додека во приходи изнесувало 26%, со оглед на тоа што македонскиот опиум бил квалитетен во поглед на содржењето морфиум.

opium-ab34f2434fed1445bf610b09cae2d75c89e7e3f2-s6-c30

Поради одолговлекувањето со преговорите, Конвенцијата за продажба на југословенскиот опиум во Турција, која имала цел картел фабрики за негова преработка, е усвоена во Народното собрание дури во ноември 1932 година. Во таа пригода, поранешниот четнички војвода, а тогаш актуелен народен пратеник и тутунски магнат, Василие Трбиќ, потсетил дека Кина, Јапонија и Египет биле против меѓународно ограничување, со тоа сугерирајќи ѝ на владата отстапување од Женевската конвенција.

[pullquote align=”right”]„Тоа, господа, не значи дека сакаме со нашиот опиум да го отруеме целиот свет, туку дека само сакаме да го навикнеме на него!“[/pullquote]

Д-р Драгутин Костиќ на истото место ја изнел идејата и македонскиот опиум, исто како турскиот, да му се извезува на Истокот како опиум за пушење, со „интересна“ трговска причина: „Тоа, господа, не значи дека сакаме со нашиот опиум да го отруеме целиот свет, туку дека само сакаме да го навикнеме на него!“ Набргу потоа е утврден клучот за учество на Југославија во извозот на опиум за пушење на Далечниот Исток, кој изнесувал 14:86 во корист на турските извозници.

Не е случајно тоа што најжестоките критики на ваквиот договор пристигнувале токму од југословенскиот Сенат. Споменатиот сенатор и трговец Хаџи Ристиќ во своите огнени говори повторувал дека со тоа им е нанесена голема штета на производителите во Вардарската бановина, односно дека реалното учество на Југославија во заедничкото производство требало да биде 39%, имајќи го предвид квалитетот на опиумот. Тој бил посебно изиритиран со баснословниот профит на швајцарскиот индустријалец Хофман Ларош, кој тој го остварил преку препаратите направени на база на морфиум.

Без оглед на овие критики, југословенско-турската соработка започнала. Во состав на мешаното цариградско Централно биро за опиум влегле двајца турски и еден југословенски делегат, поради што и по тој повод е изразен сомнеж во непристрасноста на идните одлуки. Освен тоа, Турција била една од 14-те земји што не ја ратификувале Женевската конвенција, па во тој факт би требало да се бараат мотивите за нејзиното влегување во кооперација со Југославија.

Почетокот на работата на Централното биро е темпиран за јануари 1934 година, кога се очекувал нагол скок на цените на опиумот. Во меѓувреме Турција, под притисок на неколку моќни трговци и политичари, невнимателно ги извезла сите свои стари залихи, но се утврдило дека токму тие ќе му бидат главната конкуренција на пазарот на официјалниот југословенско-турски опиум! Овој пропуст, сепак, не ја смалил премногу заедничката заработка, која требало да биде искористена за откуп на нови берби. Наместо тоа, ПРИЗАД повторно им ги препуштил македонските производители на луѓето од солунската компанија Šalomа, кои опиумот го откупувале за 70% под пазарната цена.

Подредената положба на Југославија во однос на Турција, во која се наоѓале сите фабрики за преработка на опиум, југословенското Министерство за трговија и индустрија решило да ја поправи во август 1935 година одобрувајќи го основањето фабрика за производство на деривати од опиум крај патот Скопје-Велес. Она што ја изненадило стручната јавност било тоа што дозволата ја добило претпријатие од Галичник што дотогаш се занимавало со производство на млечни производи. Браќата Огњановиќ, сопственици на фирма со силни политички врски, станале легални производители на опојни дроги, вклучувајќи кокаин и препарати од индиски коноп, иако тоа не биле деривати на опиумот. Залудни биле протестите на Хемиското друштво на Кралството Југославија за тоа дека таква работа им се доверува на нестручни луѓе, зашто веќе во средината на октомври 1936 година скопскиот митрополит ја осветил новата фабрика, чиј капацитет изнесувал 35 тони суров опиум или половина од целокупното југословенско годишно производство.

БУГАРСКИОТ ОПИУМ И ВМРО

Како што навестив на почетокот на овој текст, опиумското прашање било подеднакво интригантно и од другата страна на порозната југословенско-бугарска граница. Со оглед на тоа што ВМРО сè до 1934 година била своевидна парадржавна творба што во својот „буџет“ имала илјада луѓе, споменатиот француски новинар и истражувач Албер Лондр заклучил дека механизмот за финансирање бил во нераскинлива врска со криумчарењето дрога и тутун.

[pullquote align=”left”]Со профитот од бугарскиот опиум е финансирано купување оружје за ВМРО, што своевремено го пренел и дописник за Њујорк Тајмс од Софија.[/pullquote]

Бугарија е означена како центар на криумчарењето опиум во извештајот на директорот на Централното информациско биро за дрога, Русел-паша, што било повод за серија текстови во југословенскиот печат со кои се ликувало над официјалното разоткривање на „јавната тајна“ – дека со профитот од бугарскиот опиум е финансирано купување оружје за ВМРО, што своевремено го пренел и дописник за Њујорк Тајмс од Софија. Уште повеќе, на удар на јавноста се нашле српските политичари што одржувале врски со челниците на ВМРО, меѓу кои биле неколку звучни имиња од југот.

Инаку, во Бугарија работеле девет илегални фабрики за дрога, од кои најголемата била сместена во Радомир и била сопственост на Методија Лазов. За целите два месеца од основањето (1932 година), оваа фабрика со прозаичен назив Балканска произведувачка компанија има произведено тон и пол хероин, кој потоа во куфери е шверцуван преку најголемите европски пристаништа во САД. Оттука и се засилило интересирањето на водечките американски списанија за македонската герила и трговија со опијати. Со пласирање на синтагмата „балканска Колумбија“, која се однесувала на опиумската зона во Вардарска и во Пиринска Македонија, американските дописници од Балканот го привлекувале вниманието на рамнодушните европски челници кон ескалацијата на проблемите што во голема мера влијаеле врз Европа.

Превод од српски: Кристина Велевска и Ѓоко Здравески
Извор: http://pescanik.net

Leave a Reply

Your email address will not be published.