Препрочитување на „Молитва“ од Конески

Еднаш во векот се раѓаат ваквите луѓе. Среќни сме како народ што божјата добрина ни го даде, за да имаме и ние со што да се пофалиме, со што да се гордееме.

Во историјата на секој народ постои личност што со својот духовен подвиг го оформува и го зацврстува јадрото на неговиот културен код, во кое се инкорпорирани сите есенцијални синтагми на неговото постоење и на неговата опстојба – личност што, живеејќи во своето време, работи и создава за времето што следува и им припаѓа на генерациите што можеби и нема да бидат нејзини современици.

prayer

Несомнено, во нашата македонска историја, таква личност, која, со својата целосна и пожртвувана посветеност на сето она што ја сочинува македонистиката во потесна и во поширока смисла, надомести речиси сè што имаа одземено тешките и болни, темни векови за македонствувањето, е Блаже Конески – човекот што со своето научно и уметничко творештво го создаде зенитот и на македонската наука и на македонската уметничка литература и, притоа, во период од само неколку децении, во македонската култура го оствари она за што на дејците на некои други култури неретко им беа потребни и цели векови, поради што, несомнено, претставува и централна творечка фигура на втората половина на македонскиот XX век.

[pullquote align=”left”]Блаже Конески – човекот што со своето научно и уметничко творештво го создаде зенитот и на македонската наука и на македонската уметничка литература.[/pullquote]

Не велиме ништо ново кога констатираме дека благодарение на неговиот целоживотен ангажман, потврдениот и утврден, самобитен и верификуван културен идентитет на нашиот народ доби свое заслужено, значајно место на светската културна мапа – место што уште долго ќе останеше празно ако го немавме Конески, кој со својот интелектуален, научен и творечки капацитет се вброи меѓу оние ретки личности во културните на одделните народи кои му даваат печат на своето време и низ кои духот на времето, неговите културни настојувања и стремежи се појавуваат на најдлабок и на најсестран начин (Старделов 1990: 13). Како што констатираа и нашите претходници – Треба да сме свесни дека со Блаже Конески прв пат македонската култура на таков единствен и неповторлив начин го заинтересира светот! (Старделов 2004: 114)

p3Оттука, не е случајно што Атанас Вангелов, на 19.12.1993 година, своето проштално слово пред одарот на Конески го има започнато со зборовите: Делата на големите двигатели на човековата култура, какво што е делото на нашиот строг, а предан учител Блаже Конески, содржат една важна црта. Таа се состои во тоа што јасно упатува на еден личен печат како во подробности, така и во широки, систематски расправи, кои засегаат сложени прашања во духовната дејност на човекот. И не само тоа: набргу, тој печат станува печат на епохата на која ѝ припаѓаат… (Вангелов 2004: 123). На ваквата размисла, во 2001 година се надоврза и Гане Тодоровски, кога, во завршницата на својата дискусија во МАНУ, по повод 80-годишнината од раѓањето на Конески, констатира: Факт е дека тој (Конески – заб. моја) претставува во поимска смисла, во духовната историја на Македонците – межник, налик на оние крајаголни камења што ги разграничуваат епохите. Во редоследот на монументалните вредносни знаци на македонската културна историја, нему ќе му припадне со право чест да ја омеѓи епохата на македонската модерна историја, оној временски интервал наречен регуларен тек во развитокот на македонската литература (Тодоровски 2007: 302) Имајќи го предвид сето ова, со кое уште еднаш ја искажуваме нашата согласност со оцената дека Конески беше стожерната личност на својата епоха, чувствуваме потреба да му се навратиме на прашањето што го постави самиот тој, кое како да ни е упатено и нам – на неговите проследувачи, кои се современици на XXI век, во песната Читач, објавена во стихозбирката Црква (1988): Јас си одам, / а кога ќе пречекате вие / друг таков читач како мене?

Несомнено, по неговото физичко напуштање на нашиот културен простор, македонската литература, како и македонската култура воопшто, не доби и не создаде достоинственик што барем оддалеку ќе му се доближеше на великанот на македонистиката. По сè изгледа дека тоа само уште еднаш ја потврдува констатацијата на Тодоровски, искажана пред десет години, кога извика: Еднаш во векот се раѓаат ваквите луѓе. Среќни сме како народ што божјата добрина ни го даде, за да имаме и ние со што да се пофалиме, со што да се гордееме. Со него сме свет во светот на културата и на духовниот престиж. Алем-камен е тој во дијадемата на нашата нација (Тодоровски 2007: 303). Блаже Конески остана ненадминат читач на исконското, праизворното и вистинското – ерудит што во својот непрегледен видик го имаше и невидливото и знаеше да ги препознае тие трајни и тајни пораки, кои, заробени во напластувањата на изминатите периоди, го чекаа неговото доаѓање за да им даде еден поинаков, современ контекст и за да создаде канон на нивното ново присуство во современата литература. Но, Конески беше и толкувач на актуелното, на мигот што е сегашност, како и препознавач на она што ќе остане како трајна вредност од тој миг, и тогаш кога таа сегашност ќе биде далечно минато. Како поет, на сето тоа знаеше да му даде поетска форма и димензија што во целост се разликуваат од оние што беа карактеристични за поетскиот пристап што го практикуваа неговите претходници и дел од неговите современици што потоа почнаа да го следат неговиот возвишен пример. Поконкретно, како што забележува и Матеја Матевски: Поезијата на Блаже Конески ги отвораше и продолжува да ги отвора со својот пример патиштата на нашата лирика и литературата во времево што го живееме и во тоа што доаѓа. Тие патишта на кои се создаваше и формираше неговото поетско јадро ја создадоа целината на неговиот восхитувачки опус и денес отвораат нови предели за човечки возбуди и творечки авантури на сета наша лирика (Матевски 2009: 53).

p2Конески зад себе остави голем поетски опус, кој сам по себе претставува предизвик за секој познавач и вреднувач на современата македонска литература. Но, проценуваме дека не успеаја сите негови проследувачи да го допрат највисокото интерпретативно рамниште што го изискува неговата поезија. Поконкретно, точно е дека Конески, поседувајќи неспоредлива поетска интиуција за сфаќање на природните инстиктивни сили на јазикот на својот народ, создаде или, како што би рекол самиот тој – откри песни што говорат за овој човек, за ова време и за ова тло (Вангелов 1993: 7-8), но тие се крајни резултати на стихотворување што заслужува и треба да биде согледано не само во македонски и балкански туку и во поширок, европски контекст(1), бидејќи дури и тогаш кога неговата песна е сврзана со фолклорен мотив, тој инсистира во неа да не доминира фолклорната, ами филозофската димензија, која има општочовечки, а не локализиран карактер, поради што и самата мотивска определба има нова вредност, која е остварена со новата естетика на поетската ерудитивност на Конески и е различна од првичната. Токму затоа, овие песни се едни од оние од антологијата на македонската поезија што се потврдија како прифатливи за рецепцијата на читателот што е надвор од матичната балканска средина и не е оптоварен од одликите на нашиот историско-географски контекст, а сепак го оценува и го разбира напишаното. Впрочем, сметаме дека нема да згрешиме и да хиперболизираме ако оцениме дека токму Конески и Ацо Шопов беа првите современи македонски поети што на македонската литература ѝ понудија песни со кои можеше репрезентативно и сериозно да се претстави пред критичкиот суд на литературната сцена што е надвор од балканската сфера. Оттаму, самото ограничување на контекстот што го овозможува балканскиот ареал, кое е карактеристично за некои проследувачи на делото на Блаже Конески, во голема мера ги ограничува и можностите за вистинско оценување на неговото поетско творештво. Сметаме дека во мигот кога согледбите и оцените за поезијата на овој поет на македонскиот XX век во целост ќе ја надминат македонската, односно балканската интерпретативна рамка, литературната критика ќе може да се соочи со вистинската вредност на песните од опусот на Блаже Конески, а прејудицираме дека литературните историчари ќе имаат сериозна, издржана и обемна аргументација, која ќе ги доведе до непобитен заклучок дека токму тој е поетот што на вистински начин го воведе модернистичкиот дискурс во македонската современа поезија – и тоа дискурс чии модернистички одлики се адекватни на утврдените литерарни канони.

Но, како карактеристика на литературната критика на поезијата на Конески го издвојуваме и фактот според кој, иако тој е македонски поет чие творештво е најмногу анализирано, интерпретирано и оценувано, за неговата последна творечка фаза, која ги опфаќа последните десет годнини од неговиот живот (1984-1993), независно од тоа што претставува период кога тој објави речиси исто толку книги поезија колку во своите претходни четири книжевни децении, литературните критичари имаат пишувано многу малку, што, секако, не е случај со творечките фази што ѝ претходат. Едноставно, неспоредлив е бројот на статиите што им се посветени на: Везилка, Тешкото, Болен Дојчин или циклусот за Марко Крале (особено на песните Стерна и Одземање на силата), со оној на статиите што им се посветени на песни од поетските книги: Чешмите, Послание, Црква, Златоврв, Сеизмограф, Небеска река и Црн овен. Со исклучок на неколку пообемни текстови, сите други критички осврти за овие стихозбирки се панорамски прикази, со кои, поради самиот обем и концепт, не може доволно опсежно да се анализираат песните што ги сочинуваат, или текстови во кои накратко или фрагментарно се интерпретирани некои песни од оваа творечка фаза, но тие не му се директно посветени на поетското творештво на Блаже Конески.

[pullquote align=”right”]„Молитва“ во првото читање ми прозвучи политички мошне актуелно.[/pullquote]

Токму затоа, овојпат, нашето внимание ќе го насочиме кон песната Молитва од стихозбирката Црква (1988). За волја и љубов на вистината, иако токму Конески е еден од поетите што претставуваа промотори на книжевната молитва во современата македонска лирика, во сиот досегашен период, критиката не ѝ посвети поголемо внимание на оваа песна, која во последните две децении сама по себе се врежа во читателската меморија. Еден од ретките што имаат пишувано за оваа песна е Георги Старделов, но и тој издвојува само неколку реда. Меѓу другото, Старделов истакнува: …„Молитва“ во првото читање ми прозвучи политички мошне актуелно. Меѓутоа, во човековите нешта што значи тој збот „актуелно“, кога некои човечки нешта се предопределени да останат секогаш исти, никако да се променат, па да се одвиваат сè на ист и неизменлив начин (Старделов 1990: 217). Препрочитувајќи ја оваа песна, уште еднаш оценуваме дека поради тенденцијата поезијата на Конески не само да се оценува туку и да се толкува во тесен македонски или балкански контекст, неретко не се евидентираат значењето, вредноста и универзалноста на поетската порака, особено во песните што ја претставуваат последната деценија од творешкиот живот на најзначајниот македонист. Претполагаме дека токму тоа, контекстуално ограничување при доживувањето и интерпретирањето и на оваа песна е една од причините поради кои во неа се бара политичка мотивираност или политичка актуелност. Истовремено, при самиот прочит, кој инсистира на политичката актуелност на песната, интерпретативниот однос веројатно многу повеќе приклонува кон субјективните фактори што го тангираат самиот херменевтичар / читател на нашево време отколку кон полизначенската отвореност што ја нуди Молитва од Конески, како и секоја добра песна.

Во есејот Еден опит, самиот Конески ја даде следнава дефиниција: Откривањето на песната во добра мера значи издигање на еден рудиментарен податок, но со потенцијален и емоционален набој, до повисоко ниво, до поетското рамниште, кое се достига преку… авторски, поетски коментар (Конески 1981: 216). Оттука, и самиот херменевтички пристап кон песната мора да биде на рамниште што е соодветно на она на кое е таа и што е многу повисоко од она ниво што го овозможува субјективното читање на напишаното, бидејќи и самата интерпретација претставува своевидно пресоздавање на веќе напишаните стихови. Задржувањето на субјективното ниво при читањето на Молитва, како и при читањето на Лажни пророци ја оневозможува свесноста за естетската димензија на песната и за нејзината антологиска вредност(2). Поконкретно, таквата интерпретација на некој начин е излитена и во одредена мера негативна за конкретната песна, затоа што ја запоставува можноста за повеќеслојно интерпретирање, која таа ја нуди. Во еден од разговорите со него, говорејќи за откривањето на песната, Конески истакна: …ако е начинот на искажување излитен, тогаш одиме во баналност (Андреевски 1991: 275). Тргнувајќи од нашето гледиште, според кое ова не важи само за поетскиот исказ туку и за интерпретацијата на песната, оценуваме дека и Молитва, како една од песните што најдостоинствено ја претставуваат последната фаза на творечкиот опит на Блаже Конески како поет, заслужува критичко-интерпретативно оценување со кое ќе бидат исцрпени барем дел од можностите за повеќеаголни согледувања на нејзината содржина, а тоа подразбира и надминување на ограничувањата што ги наметнуваат сврзувањата со значења што произлегуваат од минливиот миг и можат да бидат продуцирани од субјективниот однос на читателот, односно критичарот, бидејќи, како што констатира и Старделов: …може оваа песна и дневнополитички да се протолкува, но убавината на овие поетски согледби не е во нивното дневно значење, туку во тоа што тие ни откриваат нешто судбинско за човекот и во човекот, нешто што не е само историски сега присутно, туку што има трансисториско значење за човековиот помин низ овој свет (Старделов 1990: 217). Едноставно, токму тоа судбинско кое е врежано во самата срцевина на Молитва од Конески и од кое произлегува нејзината неминлива актуелност, која се потврдува и денес – единаесет години откога за неа пишуваше Георги Старделов, според нашето мнение, е она кон што треба да биде сосредоточено вниманието на херменевтичарот што го прифаќа предизвикот да ја интерпретира и да ја оцени оваа песна, затоа што само така се доаѓа до вистинско сознание за уметничката тежина, што таа ја носи во себе, одминувајќи го заборавот и потврдувајќи се како една од поетските објави што го обележаа крајот на минатиот век во нашата книжевност.

p5

Спаси ме, Боже, – ова е првиот стих од Молитва од Блаже Конески – стих што претставува инвокација во рамки на молитвената структура на оваа песна. За ваквото, директно обраќање до најдлабоката духовна стварност, Софија Грандаковска ќе забележи дека е остварено без нејзино ставање во конкретен религиозен систем (еврејство, христијанство и сл.) од страна на авторот (Грандаковска 2008: 263). Имајќи предвид дека Конески беше поет што своите песни не ги создаваше, т.е. не ги откриваше во дел од мигот, туку во долготраен процес чија завршница настапуваше тогаш кога во границите на максимумот ќе беше задоволен високиот критериум на самокритичност и, не изоставувајќи го фактот дека во неговиот поетски опус има христијански алузии што се повеќе од евидентни, претполагаме дека не станува збор за случајност, туку за свесно решение: употреба на универзален модел на молитвено обраќање кон вишата стварност со која поетот остварува универзалност на својата поетска порака – нешто на што толкаво внимание можат и знаат да му посветат само големи поети, затоа што само тие се одликуваат со толку изразена свесност за значењето и потребата од одмереност на секој збор и секој стих во една песна. Дури и да се работи за случајност остварена по диктат на поетовата душа, неминовна е констатацијата за поседување до крај изградена поетска интуиција за вредносните критериуми што ги налага вистинското стихотворување.

[pullquote align=”left”]Така се создаваат или се откриваат само вистински вредните песни, кои можат да ги потпишат само вистински вредни поети.[/pullquote]

Впрочем, ваквиот почеток, кој песнава ја прави блиска до секој читател што вистински знае да ја доживее поетската реч, независно од меридијанот на кој му припаѓа, не ни дозволува толкување врз основа на евентуалната можност да се воспостави некаква ограничувачка синтеза меѓу неа и одреден простор или одредено време, туку нè упатува кон увид во поетовата тенденција и оваа песна во себе да го носи трансисторискиот код, кој е белег на целокупното поетско творештво на Конески и подразбира транспросторна и безвременска димензија и вредност. Неоспорна е можноста оваа песна да е инспирирана или мотивирана од некои случувања што беа актуелни во периодот на нејзиното објавување и во кои беше инволвиран и самиот автор на Молитва, но со ваквиот почеток и со сето она што следува по него, од својот инспиративен набој, Блаже Конески вонсериски успешно го издвои само она што не е подложно на категоријата време, а со тоа е достојно за поетско обликување – она што е суштествено, а сепак, е видливо само за поетовото око и го искажа со поетски јазик што е разбирлив и секаде надвор од нашата средина во која тој создаваше. Така се создаваат или се откриваат само вистински вредните песни, кои можат да ги потпишат само вистински вредни поети.

По овој стих, кој претставува иновацирачки повик за спас, во Молитва од Конески следуваат аргументацијата и конкретизирањето: од болните луѓе / што се накажани, / та не се криви, / нивната злоба умерено суди ја, / самите од неа одвај се живи. Според интерпретацијата на Грандаковска, болеста на тие болни луѓе, поетот ја именува како злоба (Грандаковска 2008: 263). Според нашето гледиште, ваквото интерпретирање на овие стихови може да претставува само излезна точка за согледување на нешто многу посуштествено што е инкорпорирано во нив. Сметаме дека таа болест, која не знае за време и простор и за која пее овој гениј на македонската култура, не е самата злоба, ниту, пак, таа првенствено потекнува од неа. Во Молитва, болеста, пред сè, е метафора за душевната беда и темнина и, оттаму, таа потекнува од накажаноста на оние што се луѓе според припадноста на родот, а не и според својата индивидуална вредност. А накажаноста е она што останува како последица од ерозијата на моралното и човечното, предизвикана од епидемијата на прекумерна егоистичност, неразумна нарцисоидност и тенденциозно властољубие или, едноставно, од поматена свест, која ги мотивира тие болни луѓе да креираат имагинарна, нереална реалност, бидејќи само во таква е можно постоењето на систем на первертрирани, лажни вредности – систем што може да им гарантира барем краткотрајно остварување на нивниот сон, во кој колективитетот ќе верува во нивниот лажен идеал и со покорност ќе ја гледа нивната лажна големина.

[pullquote align=”right”]А таквото наивно робување доведува до самоуништување во име на некаква лажна и минлива слава на оние што веќе несвесно се ништат самите себеси…[/pullquote]

Тие се истите оние за кои во песната Лажни пророци, Блаже Конески рече: ќе креваат врева до небеси, / ќе се бувтаат во градите, а потоа и ќе предупреди: Немојте да им верувате! – зашто само наивната верба во вешто смислената лага, која болните луѓе ја претставуваат како нова и дотогаш неоткриена вистина, им го отвора патот кон целта: робување на нивната лудост, до која допреле со своето нерацинално себељубење и со желбата да се биде она што не се може. А таквото наивно робување доведува до самоуништување во име на некаква лажна и минлива слава на оние што веќе несвесно се ништат самите себеси, препуштајќи му се на негативниот принцип на суштествувањето. Затоа, во завршницата на песната Лажни пророци, која сама по себе, со својата содржина и со својата вредност, се наметнува како неделива од Молитва, овој антологиски поет уште еднаш предупредува: Тие варосани гробови! Не да им станете робови!

Согледувајќи го сето ова, сè посигурни сме во констатацијата дека и во оваа песна од Конески злобата е само завршна фаза на надворешната манифестација на нивниот внатрешен пустош, до кој ги довела болеста на нивната духовност и таа секогаш е упатена кон оној што со својот интелектуален капацитет и цврсто утврдени категоријални вредности е недостижен за нив, а како таков е и единствениот што може вистински да им се противстави на нивната величествена погубност. Затоа, молбата на Конески има двојна мотивираност: непокорното настојување на самосвесната индивидуа да не го прифати она што е спротивно или несвојствено на убедувањата и гледиштата во кои таа ја препознала смислата на сопствениот помин низ светот или она што е неприфатливо за нејзината совест, и потребата да се издржи безмилосниот притисок на тие болни луѓе, кои си дозволиле нивната духовна нехармоничност да го достигне степенот на неконтролирана злоба. Но, таквите луѓе, за кои во Лажни пророци Блаже Конески констатира дека бес ги распина внатре, не се присутни само во времето во кое е напишана песната Молитва или само во времето што го живееме денес, ниту, пак, се карактеристични само за овој наш мал географски простор. Тие постоеле и пред да започне животниот век на Конески, а ќе постојат и по завршувањето на нашиот овоземен престој, затоа што духовното слепило, кое понекогаш се шири како епидемија, е една од можните последователности на несовршената човекова природа. Истовремено, во секој простор и во секое време има и ќе има издржливи индивидуи, кои знаат да ја препознаат вистинската вистина и не стравуваат од осаменоста што може да им ја наложат принципите на нивното опстојување, дури и тогаш кога неразумноста на болните луѓе, кои, заборавајќи на смислата на човекувањето, ја изгубиле самокритичноста за сопствените можности и за сопствената реална вредност, ќе го земе својот најсилен замав – индивидуи што со својот интелект и со својата духовна силина знаат да му се противстават на сето она што произлегува од туѓата духовна празнина. Ваквата тематска определба на песната Молитва, која почива на вечната противставеност на позитивниот и негативниот принцип на човековото опстојување, е она судбинското во овие стихови – она што се потврдува како вечна, неминлива актуелност на сиот човеков род и што Блаже Конески го има преточено во нераскинлива поетска целина, која се одликува со голема вредност од секој литерарен аспект и претставува уште еден конкретен доказ за општочовечката и духовна димензија на неговата поезија. Тоа е она што придонесува Молитва, заедно со Лажни пророци, да биде една од севременските и сепросторни песни, па затоа и нам ни се чини толку актуелна и во мигов што го живееме и во кој дополнително стануваме свесни за големината и значењето на македонистот што го обележа минатато столетие во нашата културна средина.

p4Во овој, прв дел на молитвената схема со која се одликува оваа песна, Конески не бара само спас за себе ами и умерено судење на злобата на болните луѓе. Софија Грандаковска оценува: молејќи го Бога да го избегне строгиот суд за оние кои приклониле кон лошото, (поетот – заб. моја) јасно го маркира знаењето дека прогледувањето е динамичен процес кој треба да се одвива низ милост. Милоста повторно се потврдува како означител на преминот од темниот во добриот принцип во процесот на космизација. Во овој контекст е мемориран примитивниот молитвен повик за космизација на човечкото битие во себе и кон стварноста (Грандаковска 2008: 264). Ваквото толкување на стиховите од првата строфа на песната Молитва претставува нејзино специфично, религиско-филозофско читање, кое ја потврдува нејзината полизначенска отвореност. Искажувајќи согласност со можноста за еден ваков пристап, преку кој се увидува уште една поетска визија скриена во песната од стихозбирката Црква – визијата за потребата од човеково (духовно) растење, кое подразбира и насочување кон позитивниот принцип на човекувањето, оценуваме дека на едно друго интерпретативно рамниште се доаѓа до една друга согледба за она што е вистинска казна за Конески. Тој бара умерена казна за болните луѓе, затоа што за него тие се веќе казнети. Самата нивна накажаност, која во конкретниов случај сметаме дека значи целосна и болна нагризеност на нивната духовност, која ги води во непрегледна неразумност, е тешка казна со која тие се казнети уште во текот на самиот нивен телесен живот. Душевната празнина (накажаноста), која е исполнета со сето она што може да ја претставува темната страна на човековото битие, за поетот е претежок товар, кој со самото тоа што го носат во себе, на злобниците им ја одзема можноста за вистинско живеење, и секој следен миг од нивното физичко егзистирање за нив претставува продолжение на агонијата на несвесно, констатно себеуништување, бидејќи, како што пее за нив и самиот Конески во последниот стих на оваа строфа, од нивната злоба одвај се живи.

Зар има поголема казна од тоа да се потроши сопствениот животен век за да се дојде до себеуништување? Зар може да има поголема казна од тоа сета злоба што се упатува кон другите, несвесно, постојано да се насочува кон самиот себеси? Сето она што се прави за да се уништи другиот, за кого неразумноста не дозволува да се сфати дека е неуништилив поради неговата духовна и интелектуална висост, всушност, да е сопствена погибија? Зар има постраотна казна од тоа сето она што се прави за да се дојде до некој привиден и фиктивен врв, всушност, да води кон сопственото дно, некаде длабоко под почвата? Зар има поголема беда од тоа да се биде физички жив, а духовно мртов – жив мртовец или „варосан гроб“, како што би рекол Конески? – ова е само дел од филозофските дилеми и трилеми што се наметнуваат при препрочитот на овие стихови и, притоа, уште еднаш ни потврдуваат дека секоја мисла на Блаже Конески изискува длабоки и суштествени, критички и херменевтички проникнувања, бидејќи и меѓу редовите, со невидливото мастило на неговата поетска генијалност, се запишани оксиморонски вистини и за вистинската човекова смисла и за вистинската човекова бесмисленост, кои ја сочинуваат смислата на светот.

p6Втората строфа од Молитва во целост го оправдува воспоставувањето синтеза меѓу неа и песната Лажни пророци. Додека во оваа строфа поетот за болните луѓе вели: Тие се мислат повикани да водат / како Мојсија и другите пророци, песната Лажни пророци почнува со стиховите: Ќе дојде време на лажни пророци / што божем во мое име / ќе ве збираат по плоштадите. Несомнено, станува збор за истите оние чија поматеност на свеста оди дотаму што забораваат дека човекот е едно ограничено суштество, нешто што го повтори и самиот Конески во своите искажувања (Андреевски 1991: 307) и не можат да се соочат со својата реална (не)вредност, поради што ја хиперболизираат својата големина врз основа на сопствената имагинарна, искривена претстава за себе. Тие се оние што, поради духовната сиромаштија што со себе ја носи внатречовечката накажност со која се карактеризираат, си дозволуваат да се самопрогласат за водачи на колективитетот и притоа да се обидат својата лична духовна заслепеност да ја трансформираат во колективна, зашто само така, барем во дел од мигот, ќе можат да ѝ поверуваат на сопствената илузија, која е резултанта на несвесното поседување комплекс на помала вредност. Но, токму тоа е оној клучен, судбоносен момент, во кој човековото битие, подложно на својата несовршеност, може да се впушти во неповратно тонење во ништожност, бидејќи ако вистинските пророци водат по вистинскиот, праведен и правилен пат, овие лажните, за кои пишува Конески, можат да поведат само по патот што води до безизлетот, бидејќи, како што нагласува и опоменува тој во Лажни пророци: Тие мислат само на себеси.

Грандаковска потенцира дека во овој дел од песната Молитва, треба да се согледа отсуство на понизност пред Бога како највисока инстанца, којашто во исто време ги назначува и пророците за вистински водачи (Грандаковска 2008: 265). Ваквиот коректен заклучок нè упатува кон сознанието дека болеста на тие обездушени (не)луѓе, кои претставуваат лирски објект на специфичната поетска опсервација на Конески, во целост ги одалечува од духовноста и им дозволува да веруваат во митот за сопствената натчовечност, со што во очите на самосвесниот поет тие и нивната неразумност се опасност за духовноста на колективот, кој, ако им поверува и ако им се потчини на нивните лажни пророштва, ќе заборави на смислата на своето постоење и ќе ја изгуби својата самосвет. Оттаму, во оваа поетска молитва е присутен еден, во определена мера, притаен, но сепак бунтовен поетов крик за себеоттргнување од просторот што е запоседнат од погубните илузии на духовно накажаните, но и за една сеопшточовечка вистинска опстојба. На едно повисоко, ама и послободно интерпретативно рамниште, оваа песна не е само химна за постоењето на индивидуата што со својата интелектуална и духовна цврстина може да се издигне над секакви искушенија и да ги издржи сите удари што ѝ ги задаваат нарцисоидните неразумници, кои патат од сопствената ништожност, туку и химна за постоењето на свеста на самото човеково битие – химна за потребата од сечовекова опстојба. Токму затоа, оваа песна понекогаш не се доживува само како поетска молитва на Конески ами и како сечовечка молитва за сопственото опстојување, бидејќи постојаната борба со негативниот принцип на суштествувањето е непроменлив сегмент на човековата судбина воопшто.

[pullquote align=”left”]Таа верба на поетот е покажана преку стилистичката минимизација на нивниот порок, нарекувајќи го ситен порок.[/pullquote]

Оваа строфа од Молитва Конески ја завршува со стиховите: а самите не можат да се ослободат / и влечат по себе ситни пороци, мислејќи на болните луѓе – лажни пророци. Според Софија Грандаковска, со ваквата завршница на вториот дел од молитвената схема во песната, поетот покажува едно лично убедување, дека иако злобните луѓе се самопрогласени пророци, таа гордост може да се надмине. Таа верба на поетот е покажана преку стилистичката минимизација на нивниот порок, нарекувајќи го ситен порок (Грандаковска 2008: 265). Вербата што ја имаше Конески во човекот и во можноста со внатречовечка борба самото човеково битие да се стреми кон духовно и интелектално совршенство е неоспорна, бидејќи е евидентна во повеќе примери од неговиот творечки опус, но сметаме дека овојпат тој немал таква тенденција, туку претендирал преку опозицијата пророк – порок да создаде поетска слика во која ќе бидат врамени двете реалности: имагинарниот приказ што го имаат за себе духовно накажаните и она што тие навистина се. Наспроти лажната големина, која се оспорува и со самото тоа што е резултат на самопрогласување, дадена е поетски обликувана претстава за душевната беда на болните луѓе – она што им го оспорува правото да бидат водачи, зад кои треба да застане колективитетот, бидејќи мисијата на пророкот е да води напред, а порочноста, како антидуховна категорија, независно од својата големина, е она што постојано и беспоштедно води назад, во спротивен правец од оној на духовниот и цивилизацискиот од. Од таквата паралела на спротивности, во просторот на меѓустиховјето се појавува светлина што го оневозможува колективното духовно заслепување, затоа што повторно се истакнува индивидуалната човекова самосвест, која се потврдува како стожерна за смислата на човекувањето. Остварувањето на една ваква поетска поврзаност, и тоа само во четири стиха, со кои најсложеното се искажува на наједноставен начин, е својствено само за поет што знае во целост да ги искористи можностите на поетскиот израз – онака како што знаеше Блаже Конески.

[pullquote align=”right”]Независно од времето и просторот во кои се чита или се препрочитува, со судбинското во себе, тоа остварува одглас и во мигот што минал и во мигот што допрва доаѓа.[/pullquote]

Дај Господе, што помалку очите да / им ги бодам, / штом тие лево ќе фатат, / јас десно да одам – ова се завршните стихови од Молитва, кои во оваа песна претставуваат и последна молба за сопствениот спас, во која поетовиот глас е растргнат меѓу свесноста за сопствената, човечка несемоќност и настојувањето да се биде решавач за сопствената судбина. Тие се уште една поетска потврда дека непокорното придржување до позитивистичкиот принцип на човекувањето и безусловното, крајно дистанцирање од она што му е спротивно, дури и тогаш кога камшикот на неразумноста што го поседуваат душевно накажаните ги задава најсилните удари на непромисленоста е единствениот начин да се зачува сопствената духовна вредност и да се опстои во вистинска смисла – единствениот начин да се постои, затоа што само таквото постоење не може да биде негирано ниту од времето што следува.

Конески во една пригода истакна дека поетите треба да имаат …изострен слух…за она што се случува во речевата дејност на колективот, кој заедно со нив, ги памети старите песни, но приготвува со секој ден материјал за новите (Конески 1981: 214). Со Молитва, исто како и со Лажни пророци, тој покажа како да се открие (создаде) песна од тој материјал што го приготвува колективот во денот што се живее, а да се биде во дослух со нешто што е исконско, со нешто што е архетипско, затоа што само така не се влегува во привлечната стапица на минливоста, туку се создава дело што допира до неменливата и неминлива суштественост на општочовековото постоење и изискува постојани проникнувања во средиштето на неговата филозофско-уметничка повеќедимензионалност. Независно од времето и просторот во кои се чита или се препрочитува, со судбинското во себе, тоа остварува одглас и во мигот што минал и во мигот што допрва доаѓа. Како такво дело, Молитва останува достоинствен пример за севременска и сепросторна песна на македонската современа книжевност – песна со антологиска вредност и неминлива актуелност.

 

*

Во песната Послание, најголемиот македонист и неповторлив поет остави тестаментална порака, која се одликува со вонсериска филозофска сентенциозност: Сето е предвидено – / ние си одиме, / а земјата останува. Но, по неговото физичко заминување, не остана само земјата туку и неговото духовно присуство преку создадениот волуменозен творечки опус, кој засложува повторно да биде оценуван. Неговата поезија е и ќе остане предизвик за наши постојани навраќања и нови интерпретирања, затоа што во неа сè уште има многу непрепознаено и непротолкувано, а поради тоа и недоволно оценувано. Затоа што за таа поезија има уште многу да се каже, а досега не е кажано, но и затоа што до нас допира повикот што ни го упатија нашите претходници: Нурнете во неа. Таму ќе ги здогледате земните длабочини, тешките и темни неизвесности што го придружуваат човекот на неговиот загадочен помин по овој свет од колепка до гроб. Таму ќе се уверите дека сè што рече Конески беше умно, дека сè што виде беше вистинито, дека сè што здогледа беше далечно, дека сè што откри беше длабоко, дека сè што доживеа беше искрено… И дека сè што рече, виде, здогледа, откри и доживеа беше песна (Старделов 1990: 13).

____________________

ФУСНОТИ:

[1] Конкретна потврда за тоа дека поетското творештво на Конески може да се согледува и во европски контекст е книгата За традицијата од Зоран Анчевски (Скопје: Магор, 2007), во која односот кон традицијата и поетскиот дискурс на најголемото македонско име на втората половина на XX век се споредува со оние на англискиот поет, драмски автор и книжевен критичар Томас Стернс Елиот.

[2] Во досегашниот период, во отсуство на пообемна стручна студија за овие песни, неретки се случаите кога во текстови од нелитерарен карактер, тие се ставени во (дневно)политички контекст.

Користена литература:

1. Андреевски, Ц. 1991. Разговори со Конески. Скопје: Култура

2. Анчевски, З. 2007. За традицијата (Врз творечкиот опит на Т. С. Елиот и Блаже Конески). Скопје: Магор

3. Вангелов, А. 1993. Микрочитања. Скопје: Македонска книга

4. Вангелов, А. 2004. Македонски писатели ( I ). Скопје: Култура

5. Грандаковска, С. 2008. Меморија и молитва – Интерпретации стр. 263-273.

6. Конески, Б. 1981. За литературата и културата. Скопје: Здружени издавачи

7. Конески, Б. 1988. Црква. Скопје: Мисла

8. Конески, Б. 2011. Поезија кн. 2 – Целокупни дела на Блаже Конески: критичко издание. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите

9. Матевски, М. 2009. На домашна почва. Скопје: Матица македонска

10. Старделов, Г. 1990. Одземање на силата – поезијата на Блаже Конески. Скопје: Мисла

11. Старделов, Г. 2004. Angelus Novus (Или подготовка за лет). Скопје: Култура

12. Тодоровски, Г. 2007. Македонската литература во XX век. Скопје: Матица македонска

Напишано од
More from РЕПЕР
Џесика Хотен Вилсон: Mодерната верзија на палење книги
Непристојните книги моментално ставени на метафоричка клада се класици, драми од Шекспир,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *