Стил на времето или стил на создавањето

s2
Не е Кроче единствениот што смета дека не треба да се внесуваат книжевно-стилски категории како што се романтизам, барок, класицизам во разговорите што не се однесуваат на еден определен, временски ограничен, книжевно-историски период.
[pullquote align=”left”]Сѐ што значи барање црти на романтизмот во барокот, на овој или оној начин, или што значи нешто слично, за него е површно, и формалистички. [/pullquote]

Сѐ што значи барање црти на романтизмот во барокот, на овој или оној начин, или што значи нешто слично, за него е површно, и формалистички. Стилот е за него само нешто што е врзано за определен историски период. И денес, човек што не ги дели сите премиси на неговиот историцизам си помислува дали не би било сѐ појасно кога би останале при тие едноставни книжевно-историски предиспозиции, и вообичаената терминологија од тој период. Но има факти што ни пречат при размислувањата за книжевната историја, што се спротивставуваат на ваквиот приод, и покрај практичната предност што би ја имале од оваа доследност, од верноста кон веќе извежбаните и школски термини.

s11Класификациите во книжевната историја се потребни затоа што тие ги групираат појавите околу кои се врзуваат слични проблеми, во чиј круг мислата знае дека може да остане, ако се врзе за еден определен вид проблем. Но, се јавува првото прашање, дали во книжевно-историската перспектива мораме и смееме да останеме при терминологијата и при границите што едно време само себеси си ги дава?

Дали смееме да прифатиме, на пример, дека романтизмот почнува тогаш кога поетите сами себеси почнале да се нарекуваат романтичари, и дека престанува кога поетите почнале да се одрекуваат од тоа име, заменувајќи го со некое друго? Често поетите што припаѓале на една иста поетска школа меѓусебно се поразлични, отколку поетите што стојат под различни поетски знамиња. Нервал, на пример, со своите сонети од „Химера“ повеќе личи на некои поети од симболистичкиот fin de siècle, отколку на своите романтичарски современици, а тој, и тоа како, бил романтичар. Исто така, романтизмот не започнал, и не би можел да се роди дури тогаш кога поимот романтичен бил употребен со определено значење. Освен тоа, увидот на современикот во сопственото создавање пати обично од иситнетоста на перспективата, од терминолошкото раздвојување на најситни струи, особено во модерните времиња, кои за историчарите мора да се спојуваат во поголеми естетски, па според тоа и термински целости. Дури можеби по сто години ќе може со право да се расудува за тоа дали до половината на дваесеттиот век сѐ уште траел романтизмот во поезијата, или не, и, ако не траел, тогаш кога всушност престанал.

s13Исто така ни се чини дека ако терминологијата на еден книжевен период ја применуваме само на него, а на друг период применуваме друга, ние даваме премногу самостојност, премногу издвојуваме определени периоди, имплицираме дека во секој период, во секое поглавје на стилот сите нешта почнуваат од почеток – илузија на која радо и со уживање ѝ подлегнуваа самите поети, но на која мора да се спротивстават оние што мислат наназад, и оние што мислат нанапред, значи и историчарите и создавачите.

Без какви било натегања, можно е да се види, да се пронајде колку, на пример, барокот, или маниризмот на седумнаесеттиот век го антиципираат романтизмот, колку поезијата на ренесансата го антиципира класицизмот во осумнаесеттиот век, колку е, всушност, перманентен класицизмот во европската поезија, и колку романтичното восхитување со средниот век почнува, всушност, во самиот среден век.

[pullquote align=”right”]Затоа што главна грижа на книжевната историја не треба да биде само јасното врамување на периодот, ниту описот на стилските сукцесии. [/pullquote]

Затоа што главна грижа на книжевната историја не треба да биде само јасното врамување на периодот, ниту описот на стилските сукцесии. Дури тогаш кога ќе се преминат границите на книжевно-историскиот параграф, настануваат прашањата за условноста и неслучајноста на појавата на стилските карактеристики (антиципацијата на Гете во рококо, на пример), настануваат подлабоките проблеми на поетското создавање, на естетските и стилските осцилации, на константните и исцрпни односи на исцрпливите можности на поставувањето на поетскиот (создавачкиот) дух во неколку основни позиции.

И дури тогаш историјата на книжевноста може да се согледа како развој, како авантура на манифестирање на можностите на човековиот дух, а не како збир од случајности што книжевната историја ги става во своите терминолошки схеми, за да се средиме и да се снајдеме во еден релативен појавен хаос на пишаниот збор.

[pullquote align=”left”]Историјата на книжевноста може да се согледа како развој, како авантура на манифестирање на можностите на човековиот дух.[/pullquote]

Но и за таквиот пристап, за обидот да се направи подолг пресек, да се направат синтетички дијагонали низ книжевната историја, ние мораме да се служиме и со ознаките на стиловите на поединечните периоди, затоа што засега нема многу други термини за заеднички, поопшти особини на определени начини на поетското создавање. На крајот на краиштата, таа постапка сѐ уште ни изгледа доста добро: во поединечни периоди извесни комбинации на одликите што заедно го прават стилот стануваат изразени толку јасно, и толку екстремно, што тие одлики смеат да се нарекуваат само со името на нивната историска доминација.

Нашите скрупули, сепак, во тој случај мора да одат дотаму што самите ќе се изјасниме, на пример, за тоа што од романтизмот наоѓаме во некој друг книжевно-историски период, и што ни е нам во самиот романтизам најкарактеристично, барем во склопот на еден разговор или на еден проблем што го разгледуваме.

Превод од српски: Ѓоко Здравески

Leave a Reply

Your email address will not be published.