Ми требаш како сончеви денови

Stefaan van Biesen 3

АФРИКАНСКA

Ми требаш како бел господар меѓу црните луѓе
да те обожувам како Бог
како екватор што ме дели на половина
фатаморгана и дехидратација
секоја година нова алка на вратот
секој месец ритуален транс
секој ден смртта чука на вратата
секоја ноќ стомакот се слепува за грбот
секој час сонувам леб
секоја минута планирано ме истребуваат
и секоја секунда се раѓам умножена

ми требаш како номад во мојата пустина
испосник во песокта
најди ги оазите
и таму трајно насели се
како грешник

КРЕОЛСКА

Ми требаш како сила
што ќе ги колонизира
моите територии
сите мои клетки
на твојот јазик да пропиштат

ми требаш како сила
што ќе ги колонизира
моите територии
како културна деспотија ми требаш
по неколку века да прогласам
независност
и тогаш
јазикот мој заумен
ти
да го научиш

МАКЕДОНСКA

Ми требаш
како сончеви денови
што ги дегустираш во чаша вино

Охрид 365-те цркви
како рисна Галичица
змија на Голем Град

да ме разединиш со допир
и да ме обединиш со бакнеж

како петвековно ропство
ми требаш

ЈАПОНСКА

Ми требаш
како сатори
ненадејна светлина во темнината
како сепуку
стопување на утробата со вселената
ми требаш
како сонце
прва да те видам
кога другите спијат
како змеј од црвеното кимоно што излегува
зрно ориз во гладна година
зен во лудилото
и во вековите на бестрастие
како земјотрес
ми требаш

РИМСКA

Многу конечна крв
во темелите
на претпоставената бесконечност
од камен
сите рибници
се полни со вино
сите јадења на големите гозби
се отровни
светот е гладијаторска арена
штом ќе се родиш
те фрлаат меѓу ѕверови

ама копнежот полуд е
од сите римски цареви
и сите патишта
водат
до тебе

ЕЗЕРСКО-ПРЕСПАНСКА

Ми требаш
како
преспанската вода
вода на Охридското Езеро
ние го создадовме
принципот
на споени садови
ние го пронајдовме
тајниот премин
под Галичица
без тебе душата ми се суши
како циронка
Ми требаш
како пролет
што ќе ги опраши моите цветови
како октомври ми требаш
што
ќе ги
собере
моите црвени
плодови

Илустрација: Стефан ван Бисен

Leave a Reply

Your email address will not be published.