Неколку секојдневни реченици

Во овој број на јазичното катче на „Репер“ ќе наведеме неколку секојдневни реченици извадени од текстови од нашите портали на интернет кои не се во духот на нашиот стандарден јазик.

typewriter_patarei

Во овој број на јазичното катче на „Репер“ ќе наведеме неколку секојдневни реченици извадени од текстови од нашите портали на интернет, кои навидум изгледаат сосема „нормално“ и правилно, но не се во духот на нашиот стандарден јазик. Покрај нив ќе ги наведеме оние што, според препораките на нормата, би можеле да бидат нивна соодветна замена.

Судијата беше во право, Нани заслужи црвен картон.

Иако секојдневно слушаме дека некој бил во право и иако често го употребуваме овој израз, препораките од оние што се занимаваат со македонскиот јазик се јасни: ваквите изрази не се прифатливи од аспект на стандарднојазичната норма. Наведената реченица би требало да гласи: Судијата беше прав, Нани заслужи црвен картон.  Или: Судијата имаше право, Нани заслужи црвен картон.

„Би-би-си“ заклучи дека не е во можност да прикажува точно време.

Уште еден пример каде што предлогот „во“ е сосема непотребен и каде што глаголот „сум“ треба да се замени со глаголот „има“, поконкретно со неговата негирана форма – „нема“. Така, правилно е да се каже: „Би-би-си“ заклучи дека нема можност да прикажува точно време.

Група на млади луѓе се борат против сиромаштијата.

Ова е само еден пример за излишната употреба на предлогот „на“. Во суштина, секојдневно се среќаваме со многубројни вакви примери: група на луѓе, голем број на луѓе, огромна маса на народ… Уште повеќе, вакви примери забележуваме и со глаголските именки: градење на куќи, изработување на плакати, продавање на автомобили… Во ваквите случаи, предлогот „на“ е сосема непотребен, освен тогаш кога е именката членувана. Значи: градење куќи, но: градењето на куќите. Така и: Група млади луѓе се борат против сиромаштијата. За конгруенцијата во овие примери, односно за тоа дали глаголот овде треба да биде во еднина (се бори) или во множина (се борат), ќе пишуваме во некој од следните броеви.

Кариерата на Меси е под знак прашалник.

Многу честа конструкција, но недоволно прифатлива за нашиот јазик. Посоодветно е да се каже: Кариерата на Меси е доведена во прашање.

Ќе се видиме за една недела.

Наместо предлогот „за“, подобро е да се употреби предлогот „по“: Ќе се видиме по една недела.

Поради гласно смеење – месец дена во затвор?

Уште една често употребувана конструкција, најчесто под влијание на српскиот јазик. Меѓутоа, наместо месец дена, недела дена, година дена и сл., правилно е да се каже: еден месец, една недела, една година

 

Знаете уште примери што може да се додадат на списокот? Пишете ни на mak.katce@gmail.com.

Напишано од
More from РЕПЕР
Обични приказни (За „Ге-дур“ на Тамара Јолевска-Попов)
Литературата создава светови. Тоа ѝ е работа. И секогаш две работи се...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *