Дискурсот во турбофолкот

Центар на турбофолк-забавата е Балканот, од каде што и потекнува. За жал, факт е дека е овој вид музика длабоко вкоренет во нашата култура.

sex_drugs_and_turbo_folk_by_lex_caligula-d62ho8v

Центар на турбофолк-забавата е Балканот, од каде што и потекнува. За жал, факт е дека е овој вид музика длабоко вкоренет во нашата култура. Македонија изобилува со огромно културно богатство, за кое, за жал, малкумина слушнале. И покрај тоа што сме земја со „длабоки корени“, народ што со векови ја градел својата култура, секојдневно се соочуваме со шундот што незапирливо навлегува во сите области на нашето живеење.

Сè започнува околу 1980 година во соседна Република Србија, каде што од дотогаш познатата фолк или народна музика, се изделува нов вид музика што ја започнуваат поп/фолк-пејачките (Лепа Брена, Весна Змијанац, Драгана Мирковиќ). Најголемата популарност ја доживува во 1990-тите години, а своето оригинално име – турбофолк – го добива од страна на Рамбо Амадеус. Подоцна турбофолкот се проширува кон другите балкански земји како главна забава по кафулињата, дискотеките, славите, родендените, домашните забави и по сите други настани што во себе содржат славење и забавување. Меѓу народот може да се забележи едно многу уникатно толкување на поимот турбофолк: „Фолк е народ, а турбо е систем на вбризгување гориво под притисок во цилиндарот на моторот за внатрешно согорување. Од сето ова произлегува дека турбофолкот го гори народот. Секое поттикнување на тоа согорување е турбофолк, односно будење најниски страсти кај луѓето“.

[pullquote align=”left”]Општопознато е дека секоја турбофолк-мелодија е иста во која било земја на Балканот, само текстот е различен[/pullquote] Општопознато е дека секоја турбофолк-мелодија е иста во која било земја на Балканот, само текстот е различен. Плагијатот во оваа индустрија е толку многу застапен што повеќе не е ни возможно да се дознае кој од кого ја украл мелодијата. Песната се изработува компјутерски и оттука можеме да забележиме дека изведувачите и луѓето што ја компонираат не се доволно музички образовани и дека главен приоритет им е продажбата на песната, а не нејзиниот квалитет. Главно преовладуваат истите звуци во секоја песна, дури и се случува и цели делови да се сретнат во друга песна, па потоа и се губи чувството дека се слуша нешто ново. Сите тие звучат како да се напишани од еден ист човек и како да се отсвирени од еден ист бенд. Како што се мелодиите исти така и текстот не се разликува воопшто, па песните и не наликуваат на ништо. Нафрлани куп зборови без никакво значење, а стиховите немаат смисла еден со друг. Многу бргу се помнат, но и бргу се забораваат. Тие се отпеани и пуштени во јавноста без чувства и без емоции, а веднаш стануваат големи хитови. Иако има исклучоци, тие не можат да се забележат поради „големите пејачки способности на изведувачите”, на кои им е поважен изгледот на сцената или во видеоспотот отколку начинот на кој ќе ја испеат песната или тоа дали воопшто знаат да пеат. Со недолично однесување, во јавноста се прославуваат преку безброј скандали што немаат врска со нивната професија. Постојано може да се сретнат истите шаблони на текстови, а тие главно, верувале или не, говорат за секојдневните работи со кои се сретнуваме, но на толку чуден и смешен начин, што станува истовремено и глупаво. Како примери може да послужат следните: „Ја сам сељак-весељак, а у душу тугу сакривам, шта чу јадан крај Мораву кад не знам да пливам“; „Неко вози мотор, неко вози трактор, ја и мала моја мотокуливатор“; „Ти жарче, јас оган, пожар ќе гори, леле дур до зори“ и се разбира многу други текстови во овој контекст. Од приложеното може да се заклучи една многу битна констатација: „Не е битно како ќе излезе текстот, битно е да има рима!“

turbo1

Нашата земја не е ништо поразлична од која било друга балканска земја. И тука можат да се сретнат истите работи. Пушташ радио и слушаш нова македонска турбофолк-песна, но постојано се прашуваш од каде ти е позната. И одеднаш ти текнува, па веќе си ја слушнал пред една недела на радио како ја пее една српска пејачка, само што овој пат текстот е преведен на македонски и звучи како ужасен обид да се добие истиот ефект што го има српската песна. За подобро да се долови значењето на „турбофолк-хитовите“ во Македонија и на нивните текстови, може да се претстави една секојдневна ситуација. Секоја вечер започнува со неколку другарки што се собираат на некое место и што се подготвуваат за вечерашната одлична журка во некоја дискотека. Се шминкаат со најјаката и со највпечатливата шминка што ја имаат и, се разбира, го бараат соодветното мини-здолниште, кое треба да одговара со новите „штикли“. Се разбира, по ова изгледаат како да се најмалку пет години постари. За тоа време, се пие каков било алкохолен пијалак, а во заднината се слуша: „Докторе, докторе, ти ми требаш, докторе, барај чаре да ме лечиш, љубовта ме изгоре“. По исцрпното подготвување, и секако, откако ќе се испие сè што се имало, се продолжува во кафеана. Таму може да се сретнат мажи со раскопчани кошули, со големи златни синџири на своите гради, секогаш расположени да почестат некоја девојка со цел подоцна да можат да си заминат со неа. И… забавата започнува.

До израз доаѓа текстот на песните, секој може да се пронајде во онаа што му одговара: „Леле, имам висок притисок, ќе ти дојдам право во офисот“, специјално за некоја жена што не може да дочека маж ѝ да се врати од работа; „Умот ми го штрекна еден дотеран и згоден и одма знаев дека тој за мене е роден, сиот живот чекав таков дечко баш, но појма немав дека тој е мафијаш“, за женската што е разочарана од тоа што нема среќа да најде некој нормален дечко; „Ред бул, секси бул пиеме, ред бул, секси бул уживаме“, само за веселото пијано друштво; „О наркотику мој, сладок отрове мој, штом те видам, срцево ми гори, од умот ќе слегнам, со тебе да легнам, од бес ќе умрам што те немам“, за девојката што е бесна зашто дечкото што го сака има друга; „Двете нè мами, остава сами, изговор нема, занемува“, за девојките што конечно дознале дека „делат“ ист дечко; „Ти силата си моја, јас пред нас минатото го бришам, воздухот мој си ти и секој здив јас за тебе го дишам“, песна за сечење вени за секоја девојка што раскинала со дечкото. Секако, вечерта не би можела да помине без најголемиот хит: „Милионерче, не се стискај, давај, давај, давај, бркни си во џебот, имаш пари, давај, давај, не се срами, ставај, ти си парајлија“, со специјален поздрав до другарот кој штотуку се врати од Австралија и за кој знаеме дека има многу пари, па сега мора да чести. А ако сите овие песни не се доволни, секако дека е тука и српскиот турбофолк за да ја надополни ситуацијата. Следниот ден, се знае: трезнење од вечерта, кој се сеќава – се сеќава, кој не – нема проблем, вечер пак ќе има реприза, во истата дискотека, со истите луѓе, секако и со истите песни.

[pullquote align=”left”]Во Македонија постојат два типа луѓе – луѓе што јасно си кажуваат дека слушаат турбофолк и луѓе што јавно кажуваат дека не можат да го смислат турбофолкот[/pullquote] Во Македонија постојат два типа луѓе – луѓе што јасно си кажуваат дека слушаат турбофолк и луѓе што јавно кажуваат дека не можат да го смислат турбофолкот, а секоја вечер можат да се сретнат во некој од локалите како на целиот глас ги пеат сите песни за кои утрото тврделе дека не ги сакаат и дека им е незамисливо да ги слушаат. Секоја чест на оној мал процент луѓе што навистина не слушаат таква музика и што сметаат дека таа само ги уништува луѓето. Турбофолкот служи за брза и лесна заработка на пари. Сè што треба да се знае и да се поседува како вештина е убаво тело и нерви за да се истрпат сите мажи во кафеаните што постојано им се нафрлаат на пејачките. Сигурно се прашувате што е со музичкиот талент и со гласовните способности? Тоа воопшто не е битно, сите го имаат истиот глас, звучат како да завиваат волци, за да се испее тоа воопшто не мора да се има глас, и онака кога алкохолот е во телото, сè изгледа убаво, а тоа е и единствениот начин на кој може да се слуша турбофолкот.

Луѓето со турбофолк-песните се забавуваат само поради мелодијата, која често пати е весела и погодна за играње чочеци и ора. Се качуваат по маси и по столови, за на крајот често да завршат и под нив. Со секоја нова песна се добива подобро чувство од претходното и секако – поголема желба да се искрши нешто. Затоа, да видиме што има во текстот што нè предизвикува на толку „благородно“ однесување. „Три кила банани, мене ми се јаде, маме, маме, мене ми се јаде, мене ми се јаде, мене ми се јаде печена кокошка“, и како после да не добиеш желба да јадеш нешто? „Оди дома, малолетничке, многу млада си за љубење, оди дома, јас не сум тој што ќе биде само твој“, значи не е толку битно тоа што таа е мала, туку ти не знаеш да бидеш верен. Веќе во следната песна мора да се пие, „Две солзи ми капнаја, љубов моја, кога ми рече довидување и ме остави сам“, и се разбира следува депресија. Или, пак, опасен начин за флертување: „Штом те видам, ми се темни, не знам што да кажам, како тебе згодна женска не се гледа секој ден и без тебе фајде нема веќе да се живее“. Не верувам дека постои девојка што нема да падне на овие зборови. „Ти соло ли си? Или женет? Ма важно не е, губиш време“ – прво се испитува теренот, па потоа се глуми незаинтересираност. „Ич не ми е гајле луѓето што зборат, јас живеам добро, нека љубоморат“, целосно испеано во контекст на глумење, а всушност многу е важно што ќе кажат другите. Сепак, некои и навистина „e, баш ги заболе”, насмеани си пеат „раке пуке, раке шлаке, сè до сабајле, а за друго не ми е гајле“. И веќе нетрпеливо се чека следниот хит што ќе ја надополни нашата и така веќе богата музичка сцена и што ќе полни дискотеки и кафеани. Онаму каде што нè убиваат песните, таму нè убива и алкохолот, тоа е сигурен рецепт за катастрофа.

turbo2

Многу од популарните рефрени на турбофолк-музиката испраќаат пораки што негативно ги оформуваат ставовите на младите.  Сè се сведува на празна сексуалност, нема музичка надградба, туку невкус. Квалитетот и вредноста се на ниско ниво. Во период во кој постои криза на вредносниот систем и на моралот, турбофолкот уште повеќе ја влошува ситуацијата.

Слушајќи ги турбофолк-рефрените, можам да наведам три нивоа што се одраз врз секојдневниот живот:

1 ниво: Кога ќе почне флертот, веднаш кажете си го првиот услов за премин на следното ниво: „пари, дај да видам пари… пари, послем ќе ме ќариш“;

2 ниво: Објаснете му дека парите имаат врска со типот на „вешот“ и со количината на „кешот“: „бато, ќе ти треба многу кеш-кеш за да допреш секси веш“;

3 ниво: Викенд во Банско, сигурно сте го нашле вистинскиот ако ви рече:     „одиме во Банско и во џакузи, ќе нè служат со шампањско“.

Ако вечерата е на маса, а не во џакузи, не разочарувајте се, a кога ќе ве праша што ќе нарачате, вие речете: „имам план, имам план, порачај ми кавијар….. надвор ти ме избркај“; но зошто би требало да ве избрка??? – „шминка да си поправам и да се изненадам“….

За скриените или отворените пораки на ваквите рефрени би кажала дека го уништуваат чувството за емоции, чувството за убавото, чувството за беспрекорното, а го отапуваат вистинскиот осет за убавата музика. Турбофолк-манијата станува напад врз нашите сетила, особено врз сетилата на младите. Го допира нивото на проституција, со други зборови – кога би имал пари, би влегол во сексуален контакт со потенцијалната личност. Не ни носат вредности на почит ниту пак ја почитуваат љубовта како врвна вредност, туку наспроти тоа, ни нудат аспекти што воопшто не се добри за правилниот развој. Во овој контекст, сексуалноста е сведена на нешто што се дава на послужавник, се влегува во краткотрајни сексуални релации, особено со оние што имаат пари…

На крајот, нашиот мудар предок рекол: „Од плодно земјиште се раѓаат добри и златни плодови“. Меѓутоа, дали нашата земја, чија почва е натопена со вредно вековно творештво на големи дејци, ќе може да се избори со ламјата наречена кич, пренесена од улавиот, на голема врата прифатен турбофолк, а поддржана од највлијателните субјекти во нашето општество, од политичарите?  Одговорноста е колективна и задолжителна. Напред кон сурова борба за чисто парче душа!

________________

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

1. http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A2%D1%83%D1%80%D0%B1%D0%BE%D1%84%D0%BE%D0%BB%D0%BA

2. http://www.kanal5.com.mk/default.aspx?eventId=84698&mId=158&egId=29

3. http://www.mn.mk/kultura/705-Muzicka-nekultura-vo-Makedonija?format=pdf

4. http://www.euba.edu.mk/%D0%A4%D0%BE%D1%80%D1%83%D0%BC/topic/33.html

5. http://euba.edu.mk/tl_files/Tekstovi%20za%20Stipendija/Balkan,%20turbo%20folk,%20politika%20-%20Natasha%20Gin%D1%9Fevska.pdf

6. http://forum.zazabava.com/viewtopic.php?t=2926

Напишано од
More from РЕПЕР
Без соништа животот е здодевен
Оваа недела на краткиот прашалник ни одговара Огнен Неделковски, дипломиран драматург и...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *