Приказни за Горан Мудрецо

kamensky_1

0.   Зелиг (приказна-нулта)

Зелиг е мокументарен² филм од Вуди Ален. Некои велат – неговиот најдобар филм. Еден мој драг пријател, дури, одбива да ја коментира неговата генијалност. Само спокојно го држи пивото во својата десна рака, а со левата прави гест што отприлика би значел: Ќути… ќути…

Кој е, всушност, Леонард Зелиг? Сосем накратко, Зелиг е човек што има способност целосно да ги преземе својствата на луѓето од своето опкружување. Во друштво на Французи одеднаш знае да зборува француски, во друштво на Кинези добива ориентален изглед, во друштво на џезери почнува да свири џез. Леонард Зелиг е човек-камелеон.

Кој е Леонард Зелиг во овој текст? Зелиг сум јас! Преку приказната за Леонард Зелиг сакам да ви најавам дека мојот личен дискурс ќе наликува на дискурсот на Горан Стефановски, оти моите текстови секогаш наликуваат на текстовите на луѓето за кои пишувам. Ако пишувам за Чинго, наликувам на Чинго. Кога пишувам за Конески, наликувам на Конески. Така е дури и со поезијата што ја пишувам, па дури и со најобичните разговори што ги водам со луѓето. Секогаш при крајот на вечерта се фаќам себеси дека гестовите што ги правам и фразите што ги користам не се мои, ами на мојот соговорник. И сето ова се случува несвесно, без мое сакање.

[pullquote align=”left”] Приказните што овде ќе ги раскажам се мои лични приказни, но се инспирирани од текстовите на Горан Стефановски[/pullquote]Приказните што овде ќе ги раскажам се мои лични приказни, но се инспирирани од текстовите на Горан Стефановски. Како што веќе реков, тие немаат секогаш директна врска со него. Просто, додека читав, ми се јавуваа разни асоцијации, па решив од нив да направам приказни. Не сакав да го анализирам Горан и неговите текстови да ги преточам во строг научен дискурс. Не знам, всушност, дали воопшто можам да го анализирам Стефановски. Кога го читам, сѐ е некако јасно, како да нема што да се додаде, како да не постои начин истата таа работа да се каже поинаку, поубаво.

1.      Факултет за итроштиње

Пред две години првпат учествував на научен собир за големи. А јас таму – најмал. Сѐ стари волци се собрале, а јас голиштарец, како оние кај Конески – што џивкаат. Решив да се послужам со итроштиње, решив – ќе се правам смешен. Па што биде! На крајот публиката задоволна, а јас препотен под мишки (да не речам, подмочан) – од преголема возбуда и ептен голем ќеф. Кога заврши целата работа (а јас бев последен, оти, нели, најмал), ми приоѓа еден постар господин да ми честита и ме прашува: „Момче, презимето прилепско ти е?“ „Прилепско е. Дедо ми е од Костинци, кај Зрзе…“, брзам да му објаснам, сѐ уште збунет и под големи импресии. „Знаев оти си прилепчанец. Многу чешит, мајката!“

Пред неколку години Александар Поповски (еден од најдобрите режисери од Македонија) гостуваше во некоја од многуте тв-емисии со водителка и гостин, и таму ја изнесе својата идеја за отворање Факултет за итроштиње Итар Пејо, ако добро се сеќавам. Не ми текнува што точно кажа тогаш Поповски, ама приказната се сведуваше на тоа дека нашата тактика за влегување во евроатланската приказна би требало да се основа врз тој наш архетип – итрината. Оти, очигледно дека таа и во народната книжевност ни се има засведочено токму преку ликот на Пејо Мариовецот.

На ова место се јавува уште една асоцијација, која со себе веднаш повлекува уште една – значи две! Додека зборувам за итрина, низ глава ми прелетуваат Трајко Китанчев и Блаже Конески, т.е. Марко Крале си ја губи силата и Блажевата актуализација Одземање на силата. Свесен сум дека песната на Китанчев е класичен пример за мистификација во книжевноста, и јас таа теорија не мислам да ја побивам, но, сепак, иако авторска, во оваа песна го наоѓам кодот на македонскиот народ. Оти, да не заборавиме, Конески во епиграфот од својата песна не се повикува на Китанчев, ами на народна легенда. Со Цепенкова си муабети тој. Па, оттука, и Китанчев кога ја создава својата мистификација, не ја создава ex nihilo, ами пред себе ја има народната книжевност.

Еве што вели Горан за оваа работа: „Горд сум на нашиот жив принцип на парадоксалност: Антилогика не како ирационалност, туку како принцип на живот. Слобода на итарпејовска јуродивост, итрина, снаодливост“. (Стефановски, 2005, 29) Тој, како човек што седи на ограда и ги гледа двата света истовремено, знае дека во Европа не се оди тукутака, неподготвен. Малку ни е нам нашиот балкански шарм. Балканот е секси (така велат сите!), но само кога ќе ни дојдат тие на гости. Кога ќе отидеме ние таму, сѐ уште мораме да се дообјаснуваме кои сме, каде сме, од каде сме, како се викаме, на кој јазик зборуваме, со кого се сакаме, а со кого сакаме очи да си ископаме.³ Дообјаснувањето мене ич не ми е секси.

[pullquote align=”right”]Во Европа не се оди со чаламење, но не се оди ни со наведната глава. Оти, наведната глава сабја – сече![/pullquote]

Во Европа не се оди со чаламење, но не се оди ни со наведната глава. Оти, наведната глава сабја – сече! Последниве неколку години ја кренавме малку главата, ама многу се расчаламивме. Напаѓаме ли напаѓаме. Даваме шаховски жртви. Коњ за пионче, топ за коњ. Ама, во шахот со гол газ не се напаѓа, во шахот нема чаламење, оти така најлесно се губи партијата. И Марко му се чаламел на Господа, па се сторил Господ Бог постанат старец и со една вреќа земја му го покажал местото. Оттогаш Марко, унижен, низ думани го бара патот на својот живот.

Премногу сме малечки и во снагата слаби за да се силиме. Треба полека, кроце-покроце, низ думани да стигнеме таму каде што сме намислиле. Треба малку да помолчиме и да ставиме прст на чело, а не постојано гласно да повторуваме: „Европа! Европа! Европа! Апорве! Апорве! Апорве!“

 2.      Диво месо во Ниш

Минатата година со студентите во Ниш организиравме Македонска вечер. Вечерта заврши со осмата сцена од Диво месо. Тоа е сцената во која влакното влегува во грлото, Пајо Паторот во Византија, сцената во која се отвораат картите, сцената во која паѓаат сите маски. Она што е за оваа моја приказна најважно, осмата сцена е сцена со три кратки но клучни монолози – на револуционерот Андреја, евроцентричниот Стево и патријархалниот Димитрија.

Горан не одбира страна. Не можете да погодите за кого навива. Сите ликови во Диво месо (и воопшто кај Горан) се подеднакво важни, подеднакво гласни, подеднакво се во право. Секој со својата животна приказна. Секој со својата мака. Да беше обратно, Горан немаше да биде мајстор, немаше да биде Горан Мудрецо.

kamensky_2

Нишлииве мои многу бргу се издадоа. Пред самиот крај на сцената, при завршниот монолог на Димитрија, веднаш по репликата: „Ѝ се прди на Европа за вас!“, срипаа тројца ликови од првиот ред, почнаа да ракоплескаат и гласно да одобруваат: „Браво! Така е!“ Знаете, тоа се оние секогаш дуздисани млади политичарчиња со беџови на реверите, кои најчесто доцнат, но секогаш седнуваат во првиот ред и чекаат погоден миг да ја потврдат својата лојалност кон партијата. Меѓу наивните студенти се познати како нивни водачи, а меѓу оние потпораснатите – како полтрони што имаат проблем со синтаксата.

Да не се разбереме погрешно, тоа што вака ги најавив тројцава од првиот ред не значи дека не сум на нивна страна. Баш напротив, срце ме боли што заедно навиваме за Димитрија. Токму затоа, веројатно, имам потреба да се одвојам од нив – да! играме од иста, ама јас не сум со нив. Јас не сум од ничија и со никого. Навивам за Димитрија и Андреја, а не за Стево од причини што не можам ни самиот себеси да си ги објаснам, а камоли некому другому. Европа никогаш не ми била симпатична, секогаш сум ја доживувал како диво месо, ама тоа не значи дека нема да застанам да ја бранам пред нападите на дуздисаните беџлии.

[pullquote align=”left”]Не расправај се со будалиот, останатите нема да ја забележат разликата[/pullquote]

Да бидам искрен, секогаш кога ќе се најдам во иста просторија со тела без дух (а глупоста не е ништо друго, ами недостаток од дух), чувствувам неодолива потреба за изолација, неодолива потреба да сетам самотија, да сетам дека никаде и никому не припаѓам. Кога ќе ја сетам глупоста во близина, секојпат ми текнува на онаа мисла: „Не расправај се со будалиот, останатите нема да ја забележат разликата“.

Горан во едно свое интервју вели: „За жал, немам кристално чист став за ништо. Сѐ ми се гледа доста трагикомично и релативно. Кристално чистите ставови се мелодрамски“. (Стефановски, 2005, 107)

Така е и со неговите ликови. Ајде да Ве видам бидете маж (или жена!), па кажете дека безрезервно застанувате на страната на Димитрија, а не на страната на Стево. Или обратно. Или, осудете го Симон затоа што е пијаница. Или Клаус затоа што е капиталистичко копиле што секогаш сака малку повеќе. Тешко ќе Ви успее таа работа.

Сакам да верувам дека таа вечер во Ниш имаше и панкери што навиваа за Андреја, евроцентрични Стевовци, меланхолици што чувствуваа емпатија кон порочниот Симон, па дури и неофашистички расположени ликови што навиваа за фригидниот Германец. Сакам да верувам дека сите тие се повлекоа пред глупоста затоа што се исплашија дека ќе се изедначат со неа. Сакам да верувам, но не го оправдувам целосно нивното премолкнување. Како што не го оправдувам ни своето. Во последно време сѐ повеќе ја испитувам варијантата: „Суди! за да ти биде судено“. И онаа другата: „Се молат попаметните да не попуштаат, состојбата е критична“.

 3.      80% vs. 20%

„Овде кревам глас против грдите, невидливи маси коишто го создаваат и го одржуваат клишето. Се бунам против јавното мислење кое се создава и владее по крчми и барови“. (Стефановски, 2005, 79)

Последните три месеци од 2008 година работев во Американскиот мировен корпус (Peace Corps Macedonia) како координатор за јазик и култура, или по нашки: професор, предавач, учител, даскал. Со други зборови, работата ми беше да им го олеснам прилагодувањето на новодојдените американски доброволци во новата, за нив чудна, средина. Куманово беше нашиот град-домаќин. Американците беа сместени во македонски семејства за да можат постојано да бидат во контакт со македонскиот јазик и одблиску да ја доживеат македонската култура.

Првите три месеци за нив се шокантни. Одеднаш пред нив се појавува нов свет со сосема нови табиети, а и самите тие – табиетлии! Јас сум таму за сите нивни прашања, но немам секогаш одговори. Не го знам одговорот кога ќе ме прашаат зошто нивните домаќини никогаш не ги оставаат насамо, зошто ги тераат да јадат кога не им се јаде, зошто кафето кај нас се пие со саати и со триста муабети, што е тоа на гости и дали мора да одат, зошто не ги пуштаат да излегуваат надвор со мокра коса, зошто нашите луѓе се плашат од промаја и што е тоа промаја?! Од постарите колеги научив дека за овие прашања секогаш треба да имам готов одговор. Тоа е правилото 80% vs. 20%. Тоа значи дека речиси сите наши луѓе прават така, ама постојат и оние 20% што излегуваат надвор со мокра коса и седат на промаја. Тоа правило речиси секогаш ги смирува.

[pullquote align=”right”]Проблемот е што некогаш го имам одговорот, ама не знам што да одговорам[/pullquote]

Проблемот е што некогаш го имам одговорот, ама не знам што да одговорам. Не знам што да одговорам кога ќе ме прашаат зошто низ градот шетаат улични кучиња, зошто е градот толку валкан, зошто нашите луѓе јавно се ослободуваат од нешто што се нарекува секрет, зошто возовите ни смрдат на ќенеф. Мрдам лево-десно со главата и не знам што да речам. Како да им објаснам дека и мене тие работи не ми се јасни, дека тоа не сум јас, дека тоа не се луѓето со кои јас живеам, дека тоа не е мојата Македонија. Дека јас сум поинаков. Посакувам тогаш да се отвори земјата и да ме голтне. Што не ме прашаат нешто за езерата, за црквите и манастирите, за фреските, за бачилата и галичкиот кашкавал, за качамакот, за Галичката свадба, за македонската музика, за македонските ора, за Тешкото!? Знам, рано е тогаш за тие работи, ама јас за тоа сакам да зборувам. Тие, ко за беља! само за неубави работи прашуваат, а јас тогаш се претворам во Стево Андреевиќ и добивам неодолива желба да летнам. И летнувам!

Летоска отидов конечно во таа Европа, во тој пусти Амстердам, и што видов таму? Видов луѓе што фрлаат ѓубре надвор од корпите за отпадоци, дуќанџии што фрлаат загорено масло во каналите на Амстел, јавни тоалети во центарот на градот што не мирисаат баш најпријатно. Дури, доживеав во Амстердам да туркам пежо да запали. Мислев дека такви работи во Европа не се случуваат. Некако сме навикнале да си ја замислуваме Европа без абјект, Европа како девојка од FTV, која никогаш не се поти под мишки и никогаш не оди во веце. Европа што не фрла ѓубре и не смрди.

Кога ѝ го кажав ова на мојата девојка, таа веднаш се побуни: „Џоле, ама Амстердам не е Холандија! Во Омен не беше така“. Добро, тогаш и Скопје и Куманово не се Македонија! Но, што е тогаш Европа? Кој е Европа? Кој е Балкан? Каде почнува Европа, каде завршува Балканот? Горан вели: „Културата е како вода, таа тече под врата и се прелева преку граници“. (Стефановски, 2005, 128)

Ако зборувам за себе, јас сум сето тоа заедно и ништо од тоа не сум. Одбивам да припаѓам дури и во тие 20%.

kamensky_3

 4.      Центарци и маргиналци

Да видиме како стојат работите со светот и Балканот на микроплан. Да речеме дека Скопјево наше е глобалното село. Не е исто дали живееш кај Собрание или доаѓаш со четрскец од Драчево. Ако живееш кај Собрание, тогаш, ни крив ни должен, ти си градско дете. Ако си од Драчево, тогаш мора да си сељак, кромидар, сигурно ти смрдат чорапите. Јас живеам во Ново Лисиче. Честопати по весниците сум читал – таа населба да ти била слепото црево на Скопје, иако јас отсекогаш сум ја доживувал како бубрег у лој. Ние, децата од Ново Лисиче, во пубертетот, кога почнавме да искачаме у град, редовно лажевме дека сме од Аеродром, оти што поблиску до Центар живееш, толку поголеми ти се шансите да ќариш некое девојче. Не дај Боже по грешка некој да нѐ прашаше да не сме случајно од Лисиче. Очи ќе му извадевме. Никако не можевме да сфатиме како проклетите центарци не можат да ја согледаат огромната разлика што ја правеше придавката Ново. За нас тоа Ново беше центар на именската група, Лисиче беше, сепак, само периферија.

Во тоа време јас имав еднo скриено оружје. За разлика од некои мои несреќни маалски другари ја имав таа среќа во Ново Лисиче да се доселам од Водно. Скопјани знаат што значи Водно за Скопје. Тоа му доаѓа како Сењак во Белград, како Рубљовка во Москва, како Беверли Хилс во Лос Анџелес (или Ниш). Таа своја предност секогаш, без исклучок, ја користев. Кога и да седев со човек што допрва требаше да го запознаам (а и тој мене), некако во муабетот го вметнував и тој податок – дека сум водњанско дете.

[pullquote align=”left”]Кога пораснав, сфатив дека е сеедно од каде си, битно е кој си и што си[/pullquote]

Така беше сѐ додека не пораснав. Кога пораснав, и кога ги истискав сите мозолчиња (бубуљици по скопски), сфатив дека е сеедно од каде си, битно е кој си и што си. Битно е како размислуваш, ако си картезијанец. Битно е дали во себе имаш доволно љубов за сиот свет да го прегрнеш, ако си богоугодник. Битно е и едното и другото, ако си и едното и другото. Сфатив дека во Центар живее многу потешка сељачана отколку во Драчево и Ново Лисиче, и обратно – меѓу драчевци и лисичани да ти имало златни деца!

 На крајот на краиштата, јас лично од искачањето у град и не видов некој аир, а својата девојка ја сретнав некаде далеку од Скопје и својата љубов првпат ѝ ја искажав преку писмо што патуваше илјадници километри. Се разбира, преку електронска пошта.

 5.      Подвлечени редови – ненапишани приказни

Прелистувајќи ги книгите на Горан за уште еднаш да видам што сѐ сум подвлекол сите овие месеци, сфаќам дека многу приказни ќе останат ненапишани, барем засега. Има низ страниците многу извичници, ѕвездички, двојно подвлечени места, некои со потенко, некои со подебело моливче… Сето тоа се хипертекстови што отвораат простор на нив да се кликне со компјутерското глувче и од нив да се родат нови лични приказни.

На пример, приказната за егзотичноста на нашите словенски имиња во свеста на западниот човек и онаа за word-документите што со црвено го подвлекуваат текстот напишан на македонски – како да е забранет, опасен, илегален. Потем, тука е приказната за Силјан и чаршијата, за нашите од другата страна што сакаат на мравка да се качат, дома да си одат, приказната за доселениците од Англија и иселениците од Македонија, приказната за Сараево и вицот за Муслиманот, Хрватот и Србинот, па онаа за Михајло и кошулите, и за фреските што имаат уши! за Дуда и рачната мелница за кафе, за Баханалиите, за наше маало гомна срало, ваше маало гомна јало, за мочањето од ќерамиди и серењето в гаќи, за седењето качен на ограда – ниваму-нитаму, за Танец и Македонската филхармонија, за тоа кои сме, а не кои треба да бидеме. Потоа, за Шербеџија и Фурлан, за Пајо Паторот и Византија, за Источна Европа и Западен Балкан. За трагедијата и мелодрамата, за одговорноста, за инаетот… На крајот, останаа ненапишани и приказните за Евроалиен и Жив чоек, и за другите драми од третата книга, но тие се уште неотстојани, им треба време да легнат.

Сите овие приказни се балкански приказни. Сето ова е балкански дискурс. Само, како да го толкуваме Горан кога тој себеси најубаво се толкува? Ми иде да земам сѐ што е подвлечено да препишам и да речам – бујрум!

Илустрации: Марјан Каменски

______________

ФУСНОТИ:

[1] Предлогот за во насловот има двојно значење. Во него е содржано она значење што го имаат српскиот предлог о (о Горану) и англискиот about (about Goran), но и значењето што го имаат српскиот предлог за (за Горана) и англискиот for (for Goran). Значи, ова се приказни што зборуваат нешто за Горан Стефановски, но едновремено и приказни што му се нему посветени. Во суштина, ова се приказни што настанаа додека го читав сето она што Горан го напишал, па многу често тие немаат директна врска со неговото напишано, ами се само од него вдахновени

[2] Мокументарен филм е вид филм во кој фиктивни настани се прикажани во документарен формат. (http://en.wikipedia.org/wiki/Mockumentary)

[3] Лани од едно мало место во Холандија јас и уште три мои пријателки од Источна и Централна Европа со последниот воз се враќавме во Омен, уште едно мало холандско гратче. На станицата со нас се качија двајца млади Холанѓани. Кога ме прашаа од каде сум, им реков да погодат самите. Почнаа да редат: „Италија, Шпанија, Грција…“ „Топло! топло!“ – им велам – „малку погоре“. Се заиграа децата. „Бугарија, Србија, Албанија, Косово…“ „Јас сум од таа земја што ја заборавивте. Се наоѓа баш меѓу сите овие што ги набројавте“.

Едниот беше ќор-пијан, па не ни очекував дека ќе му текне, ама од другиот очекував повеќе. Ми изгледаше како човек што би требало да знае една толку едноставна работа. Па, по ѓаволите! јас од трето одделение ги знам главните градови на сите европски држави! Не им помогна ни фактот дека со Холанѓаните игравме 2:2 дома, очигледно луѓето не гледаат фудбал. Го оставив трезниот да размислува сѐ додека не слеговме од возот. При слегувањето, со презрива насмевка на повреден човек, му ја соопштив тајната: „Македонија, пријателе. Македонија. Како онаа овошната салата“.

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

  1. Стефановски, Горан, Собрани драми 1, 2, 3, Скопје: Табернакул, 2002, 2010.
  2. Стефановски, Горан, Приказни од Дивиот Исток, Скопје: Табернакул, 2005.
  3. Стефановски, Горан, Кавга со Кафка, Скопје: Табернакул, 2010.

НЕИСКОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА:

  1. Мухиќ, Ферид, Топографија на балканската самосвест во клучот на геомитологијата: пенинсула, континент, скриена долина (во Македонскиот есеј), Битола: Микена, 2008.
  2. Саид, Едвард В., Ориентализам, Скопје: Магор, 2003.
  3. Тодорова, Марија, Замислувајќи го Балканот, Скопје: Магор, 2001.
  4. Ќулавкова Катица, Балкански хронотоп (во Мала книжевна теорија), Скопје: Три, 2001
  5. Фуко, Мишел, За другите простори (1967), хетеротопии (во Аспекти на другоста), Скопје: Евро-Балкан Пресс: Менора, 2007.
  6. Шелева, Елизабета, Дом/идентитет, Скопје: Магор, 2005.
  7. Шелева, Елизабета, Културолошки есеи, Скопје: Магор, 2000.
  8. Шијаковић, Богољуб, Критика балканистичког дискурса, Београд: Службени гласник, 2009.

Leave a Reply

Your email address will not be published.