И тишината е (и)збор

Sebastian-Guerrini-illustration-1

Луѓето бараат слобода на говор наместо слобода на мислење, која ретко ја користат.
(Серен Кјеркегор)

Помеѓу мене и зборовите отсекогаш постоела длабока поврзаност. Ај, да бидам отворен, тоа е еден вид опсесија. Мојата дијагноза е Verbalis manijacalis. Ми потврдуваат дека не е страшно, односно дека и голем дел од другите писатели ја делат сличната, односно идентичната судбина. Почнав да пишувам бидејќи зборовите ми го отстапуваа делот од просторот и од времето што телото ми го ограничуваше (попречуваше). Зборовите како супститут на реалноста. Но и како врзивно ткиво. Како скелет на битисувањето. Но и како компензатив на отсутното и на привидно присутното. Начин да се биде во светот целосен само преку јазикот.

Им се предадов на зборовите како што пливачот му се предава на морето. Апсолутно, во тотал, in extenso, oд глава до петици. Толку често им ги доделуваме на зборовите сите наши тајни, сите мани, доблести, сите преобразби. Од мал секогаш ги кажував нештата што другите сосем поинаку ги кажуваа и мислев дека го правам тоа со свои зборови. Бев ќефлија поради оригиналноста, што е особено важно во добата на растење, кога секој тежнее да биде еден и единствен.

Но постмодерната ука ми се сврте и ми кажа јасно и гласно во фаца: Еј, глупчо, да кажеш „мои зборови“ денес е како да кажеш „авангардна класика“, „сиромашен богаташ“, „млад старец“, „гласна тишина“. Ме усрами. Морав да се преслушам. Моите зборови како авангардна класика. Односно како гласна тишина. Школски пример за оксиморон.

Колку и да ме налутија теоретичарите, ми стануваше јасно дека не постои нешто како слобода на говорот, идеалистички. Зборовите, очекувано, се затворени во својата историчност, зависни од наследените смисловни особености, од доминантните општествени дискурси, од синхроницитетот, од јазичните конвенции, од геопросторот, од бекграундот на говорителот (етнички, родов, професионален, возрасен), од хоризонтот на очекување на слушателите т.е. на читателите, од херменевтичката лествица, од друштвото.

[pullquote align=”left”]Јазикот е евидентно најупотребуваното средство, најкористениот уред на денешнината[/pullquote] Јазикот е евидентно најупотребуваното средство, најкористениот уред на денешнината. Можеби не секој има автомобил, но секој кажува зборови. Можеби секој нема пари да купи преценета чанта „гучи“, но секој може да го изговори и најезотеричниот, најакадемскиот збор, ако постои воопшто таков. Мислам на умните и тешкоглаголиви термини што можат да се најдат во речниците на странски и на стручни зборови. Самиот ми се подаде хипопотомонстросесквипедалиофобија (страв од долги зборови). Со демократичноста на глобалната мрежа денес секој лесно може со пар кликови на глувчето да ги најде и да ги употреби за себе. Дури и да ги стави на статус на „Фејсбук“, во коментар на „Твитер“. Наместо да се пофали „Се прејадов“, и десетгодишно момче може да прочепка на „Гугл“ и да напише „Имам хипералиментација“. Со зборовите секој може да се направи паметен, но не може да стане паметен.

Sebastian-Guerrini-illustration-2

Ако од уметниците од југоисточна Европа, како најистурени играчи, порано се очекувало да се борат против автократските режими, денес објект на жолчноста треба да ни биде диктатурата на лошиот вкус. Ретко кога претходно зборовите биле толку составен дел од стварноста, а едновремено со толку одземена потенција. Традиционалните медиуми (особено телевизијата), моќниот рекламен апарат на адвертајзингот / маркетингот, мачоистичката политичка реторика, социјалните мрежи, современите медиуми (компјутери, паметни телефони, ајпади и ајфони) без усул ги впрегнуваат зборовите во свои прагматични цели, насекаде и секогаш. Јазикот е подведен под секојдневно и перпетуално (при)силување.

Секој говори со ниет дека токму неговиот говор може да ја направи разликата. Сите обраќања се обид да се обнови моќта на првичните магиски инкантации (формули). Но кога ќе настојуваат да станат врачови и автомеханичарот што убедува дека само тој може да го поправи автомобилот и опозицискиот политичар што инсистира дека само неговата партија може да ја избави државата од пропаст, сфаќате дека можеби е слободна територија, но со раскринкан авторитет. Сетилата на просечниот граѓанин имаат ограничен капацитет и отапуваат под јаремот на агресивната дискурзивна полиглосија.

Магрит со лулето го прикажа предавството на сликите. Многу се авторите што го прикажале предавството на зборовите. Можеби дадаистите се тука само најпарадигматичниот пример кога целосната слобода во литературата ја уништува смислата или кога е само млак копнеж по смисла.

Јас немам идеали дека зборовите треба да ни ги препуштат нам, писателите, елитите. Што би било ако не му дадеа шанса на народниот говор? Дали уште цела западна Европа ќе „тепаше“ латински? Бљакш.

Слободата во долгата историја на промислување е претворена во закоренет тотем. Односот слобода-неслобода е многу релативен. Дали јас ќе можев да говорам денес тука ако однапред не бев поврзан преку формално членување? Тешко. Слободата на говор ми ја даде она што ми одзеде дел од апсолутната слобода на личноста.

Не велам дека слободата не постои, туку дека има повеќе аватари. Јас ја гледам приземно, во сосем мали проблесоци.

[pullquote align=”right”]Слободен писател е оној што го користи мајчиниот јазик, макар со уште милиони други соговорители[/pullquote] Слободен писател е оној што го користи мајчиниот јазик, макар со уште милиони други соговорители.

Слободен писател е оној што може да си го именува мајчиниот јазик како што милува.

Оној што ги почитува ортографските правила, но и оној што ги надминува стандардите преку разноликост.

Слободен сум кога можам да говорам јас, а да бранам Друг.

Слободен сум кога одбирам кога да говорам.

Но слободен сум и кога одбирам и да молчам. Бидеќи и тишината е избор. И тишината е збор.

Молчењето може да биде подеднакво моќно средство.

Во детските игри прикриени зад дрво секој одвишен збор може да нè претвори во губитник.

Одбраната во кривичните случаи секогаш на почетокот инсистира на молк.

Тишината спасува луѓе пред убиствените потери на џелати и на крвници.

Поетите знаат колку во песната секое празно место, секој празен ред помеѓу строфите има подеднакво семантичка полнота како и пополнетото место, како и стихот.

И така натаму. Но дали треба да се молчи? Напротив, треба да се умее кога и како да се говори и кога и како да се молчи. Постои вештина на премолчувањето како што постои вештина на говорењето.

Бидејќи има нешто што е помоќно од кажаното, а тоа е мислата, ставот, кој некогаш може да биде и премолчен. Се чини дека целата уметност (литература, театар, сликарство, музика) почнува и завршува во окото на тишината. Иако се користи со зборовите, литературата, како свој врвен апсолут, како свој остров Утопија, ја има токму неа. На оној што ќе ја напише тишината на лист хартија и Хомер ќе може измет да му прави.

Sebastian-Guerrini-illustration-3

Има ситуации кога уметникот, па и човекот воопшто, во одредени политички и социјани непогоди е присилуван да молчи. Тогаш лекот е кревање на гласот, но смислата повторно не се постигнува со говорење што-годе. Поважно од слободата на говорот, вели Кјеркегор, е слободата на мислењето. Денешното западно општество пати, не од премалку, туку од премногу дискурс, а од премалку смисла. Потребен е ангажман во релевантни цели. Човечки, национални, паневропски, уметнички, какви и да се. Но во име на нешто, а не против.

Затоа велам дека најпрво е ставот, мислата, потоа артикулацијата. Бидејќи немоста е дисфункција (нарушување), а неукоста, глупавоста е безгранична и може да биде резултат и на премалку (аналфабети), но и на премногу говор (постмодерни шамани).

Ќе финиширам со Блаже Конески, македонскиот поет, но и филолог, творец на македонскиот стандарден јазик, кој во една песна што честопати се цитира пишува: „Чувај го зборот добро врзан/ како необучен коњ/ што знае/ да каса, да клоца, да мава./ Чувај го!/ Зашто/ ако го пуштиш така/ разоглавен по чаирите,/ којзнае која луда глава/ ќе посака/ да го јава“.

На почетокот е секогаш зборот, но на крајот – тишината.

 

(Горниот текст е подготвен согласно темата дадена на 14. Регионална конференција на македонскиот ПЕН центар, 6-9 јуни)

Илустрации: Себастијан Гверини

Leave a Reply

Your email address will not be published.