Понекогаш времето на животот премногу брза

Гавелис предизвика сензација во 1989 година кога беше објавен неговиот роман Покер во Вилнус.
Gavelis
Ричардас Гавелис

„Понекогаш времето на животот премногу брза“ – Витаутас Варгалис

Пред седум години дознав за смртта на Ричардас Гавелис, автор што секогаш го сметав за млад. Откако го минав цело Чикаго за едно пладневно предавање, решив да го минам попладнето на кафе со една колешка која се подготвуваше да оди на Саемот на книга во Франкфурт, каде што во 2002 година Литванија беше земја-гостин и тема на саемот. Одеше голема делегација писатели, ми кажа таа, и додаде уште нешто што не можев да го чујам поради бучавата од сообраќајот. Звучеше како „штета што Ричардас Гавелис нема да биде таму“. Ја препрашав зошто. „Реков, почина“, одговори таа. Веста ме стаписа.

Гавелис предизвика сензација во 1989 година кога беше објавен неговиот роман Покер во Вилнус. Движењето „Сајудис“ добиваше на популарност, СССР се менуваше на начини што малкумина ги предвидоа, и се појави книга поразлична од сѐ што литванските читатели виделе дотогаш. Напишан без надеж за објавување во 1980-те години на минатиот век, романот раскажува за обидот за помирување со јавното и со личното минато и за борбата за преживување во еден душеубиствен систем кој ја негира историјата. Портретирајќи група познаници и колеги чии животи се испреплетуваат во Вилнус, романот е убиствена мистерија: смртта на младата Лолита ја раскажуваат четворица несигурни наратори чии контрадикторни верзии на настаните изобилуваат со секс и тортура, а кошмарниот Вилнус и самиот станува лик во романот. Но урбаниот гранџ на Гавелис и неговото портретирање на бесперпективноста и апсурдноста на советскиот живот пружа совршена позадина за она што напати се претвора во љубопитно чуден роман.

[pullquote align=”left”]Констелацијата ликови што романот ги следи се лабаво поврзани меѓусебе, но сите ги поврзува Витаутас Варгалис[/pullquote] Констелацијата ликови што романот ги следи се лабаво поврзани меѓусебе, но сите ги поврзува Витаутас Варгалис, нараторот во првиот дел наречен „Ним“, кој опфаќа повеќе од половина од романот. Неговото име, кое потсетува на литванскиот „варгас“ (замор, страдање) е соодветно за човек кој видел премногу за еден живот. Рано во неговото раскажување дознаваме дека тој е еден вид дисидент и дека минал извесно време во гулаг, но никогаш не дознал зошто. „Тие“ е обмислување на Ним – кои се Тие, од каде доаѓаат Тие и како успеваат Тие да се стекнат со толкава моќ. Тие остануваат нејасни како и самиот Вилнус. Тие се окупаторските сили, оние корумпирани од системот.

Варгалис работи во Државната библиотека и има пристап до специјалните колекции книги оценети како несоодветни за советската читателска публика: „Стотици илјади книги се закопани таму. Господ знае, се тресев од ужас кога дознав колкав дел од светот е скриен од нас. Веројатно најдобриот, најважниот дел.“ Тој го користи својот пристап за да ги истражува Нив, барајќи траги низ историјата, сѐ додека неговите откритија не станат премногу бројни и тој го менува фокусот кон периодите без Нив. Но прашувајќи кои се Тие, Варгалис, се разбира, мора да праша, и кои сме Ние. Која е оваа нација што навидум не успева да застане на сопствени нозе? Покер во Вилнус нема утешни зборови кон тие што бараат засолниште во културниот идентитет. Тој ја нарекува Литванија безглава нација и сугерира дека можеби, Литванците го добиле она што го заслужиле: „Злите сили нѐ измамија и ни ги украдоа мозоците. А многу е лесно да поробиш држава без мозок…“

[pullquote align=”right”]Најпријатен лик во книгата е Мартинас Пошка, самопрогласен колекционер на судбини, тажниот вилнуски кловн и наратор на вториот дел од романот[/pullquote] Најпријатен лик во Покер во Вилнус е Мартинас Пошка, самопрогласен колекционер на судбини, тажниот вилнуски кловн и наратор на вториот дел од романот. Тој му раскажува на читателот за својот животен проект наречен „млог“, во кој ја документира реалноста околу него, најчесто преку шпионирање на колегите со кои работи во библиотеката. Негоата приказна е расцепкана и талкачка, нудејќи портрети како оној на младото момче, ревносен ученик на марксизмот кој ваја бисти на Сталин од леб на училишниот одмор (користејќи вистинска коса за мустаќите), нудејќи теории за тоа што значи да си Литванец („Само Литванец е квалификуван да го напише опусот ’Што е Задникот на космосот‘“) и опишувајќи ја болеста што тој ја нарекува Вилнуски синдром. Со секој наратор деловите се скусуваат и нашата увереност во она што се случило почнува да бледнее. Книгата завршува со „Vox Canina“, раскажан од куче-скитник, сенка на легендарниот вилнуски Железен волк и реинкарниран граѓанин на градот во кој единствен разумен став е паранојата. Несигурноста владее со Вилнус на Гавелис, а романот го предизвикува својот читател со едноставно прашање: кој е сега луд?

Poker in Vilnus

Имам пријател што почна да го чита романот малку безволно, поради чувството на обврзаност. Беше изненаден кога не можеше да престане со читање. Книгата е брилијантна и брутална, но тој се прашуваше дали ќе ја сфати читател што нема врски со Источна Европа. Тоа е коректно прашање. Се надевам дека романот ќе се најде во доволно случајни раце за да одговори на прашањето.

До моментот во 1998 година кога првпат ја прочитав Покер во Вилнус, возбудата околу него по малку замре. Од кусата преписка преку електронската пошта што ја имавме, сфатив дека Гавелис е истоштен од бројните и неисполнети ветувања за преведување на неговата книга. Со години предлозите чмаеја на уредничките бироа во универзитетскиот печат, а шансите романот некогаш да се појави на англиски јазик се чинеа минимални. И покрај безизгледноста, Новицкас успеа да ѝ ја претстави оваа мрачна, чудна и важна книга на читателската публика од англиското говорно подрачје.

Најдоброто нешто што може да се каже за еден превод е дека не наликува на превод, а ова секако е вистина за преводот на Елизабет Новицкас. Нејзината задача не беше лесна. За почеток, јазикот на Гавелис е комплексен, исполнет со литературни алузии и со руски непристојни изрази. Освен тоа, тука се неологизмите како „млог“ и „канук“ (човек кого го расипал тоталитаризмот) кои им се потребни на нараторите на Гавелис за да го опишат својот извитоперен и кошмарен свет. И конечно, тука се љубовта кон римата и звучните игри со кои треба да се избори. Сето ова резултира со тешка задача за еден преведувач, а Новицкас ги совладува сите овие предизвици, изнаоѓајќи креативни, но елегантни решенија. И конечно, со нејзина заслуга, Новицкас му одолеала на искушението да стави фуснота на секоја назнака за културата, на секој малку познат историски факт, на секоја игра со зборови и секоја словенска пцост, и верува дека нејзините читатели ќе го искусат светот на Покер во Вилнус од сопствена перспектива и на нив својствен начин.

Преводот на Новицкас, работа извршена од љубов, тежи огромни четиристотини осумдесет и пет свежи и читливи страници. Тој е соодветен споменик на еден писател кој прерано нè напушти.

Во партнерство со Купикнига можете да си го набавите романот на следниот линк www.kupikniga.mk

Напишано од
More from РЕПЕР
Теоморфозите на богот Сонце
Несомнено, зимскиот и летниот солстициј ја кријат во себе митската драма за...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *