Мала оаза на интернетот

Македонската страницаа посветена на хаику има невообичаено едноставен дизајн и изглед кој се чини како да го доволува токму духот на хаикуто - едноставно, убаво, со чувство.

haiku

Во овој број, ви претставуваме една македонска интернет страница која ќе ви ја погали душичката и со сигурност ќе ви изнуди насмевка. Мала оаза на интернетот за бегство од обичното и здодевното, а нурнување во прекрасното.

Македонската страница посветена на хаику – Хаику.мк.

Доколку сè уште не сте се запознале со поимот, хаику поезијата потекнува од Јапонија и претставува кратка поема – тростих. Инспирацијата за пишување на едно хаику доаѓа од обичното, секојдневното, од моментите, од сеќавањата. Од сите оние работи кои брзајќи низ животот ги одминуваме и не ги забележуваме, не давајќи им никакво значење, а се полни со него.

Иако секоја поема, каква и да е, претставува лично и интимно доживување на поетот, кај хаикуто оваа емотивна перспектива доаѓа уште повеќе до израз, што ја прави хаику поезијата особено пријатна и убава за читање.

За хаикуто македонскиот есеист, поет, прозаист, а воедно и хаику автор Владимир Мартиновски вели: „Хаику е уметност на кажување доволно: ни премалку ни премногу. Хаику е чин на почит за ’светот на обичното доживување’. Тоа е мал, но крунски доказ дека буквално од секој миг во животот може да настане уметничко дело. И најобичните нешта што (ни) се случуваат во секој миг заслужуваат да се пишува за нив.“

Македонската страницаа посветена на хаику има невообичаено едноставен дизајн и изглед кој се чини како да го доволува токму духот на хаикуто – едноставно, убаво, со чувство.

Поделена е на четири дела.

haiku2

На почетната страница со секое ново посетување добивате случајно одбрано хаику, за добредојде.

На страницата во делот „Хаику“ најдобрите хаику мајстори ве пречекуваат со по некоја своја мисла за оваа литературна форма и по некој совет за тоа како се пишува хаику.

Последните два дела претставуваат збирка на голем број хаику поеми на познатите јапонски мајстори, но и на македонските автори. И кај нас, како и секаде низ светот, оваа уметничка изразна форма добива сè повеќе следбеници и љубители, па така, нашите македонски автори со ништо не може да се одвојат дури ни од веќе признатите и прочуени јапонски мајстори.

Во продолжение, неколку хаику поеми, по три од нашите автори, по три од јапонските мајстори:

Леб без сирење..
Штрбни мала трошка од
месечината. (Искра Донева)

Пеперутката
и јас – си минуваме
на пешачкиот. (Александар Маџаровски)

Мирис на липи..
градор станал шишенце
полно со парфем! (Дејан Василевски)

Пролетен дождец.
Разлистувам книги под чадорот
во антикварницата. (Масаока Шики)

Уште поосамен
сум од лани.
Есенска ноќ. (Јоса Бусон)

Прекрасен пролетен дожд!
Девојка учи од мачката
како да танцува. (Кобајаши Иса)

Препорачуваме да си ја закачите на видно место на вашиот итернет пребарувач и уште веднаш да се навлечете на неа. Со секоја посета, грам среќа. Дозволете страницава да ви биде дилер. Убава зависност е, верувајте, и иако никогаш нема да ви биде доста и ќе барате уште, нема никогаш да зажалите што сте пробале и сте се навлекле. Покрај тоа, убавината се состои во тоа што секогаш ќе имате по грам, по кило од таа среќа, дури и без дилерот да ви биде во близина.

Како тоа? Многу едноставно, сами ќе си ја направите!

Затоа што секој кој живее може да пишува хаику.

Пробајте, можеби ќе се изненадите самите себе. Убаво е, скокот е, среќа е!

И за крај:

hauki3

Напишано од
More from РЕПЕР
Не постои крај
Познатиот актер и драматург на нашите опуштени прашања ни одговара со уште...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *