Влезот е од другата страна

11_09_05_2013_15_59_28_23600

Секогаш го пронаоѓам домот

Секогаш го пронаоѓам домот
на една моја пријателка
по графитите испишани на ѕидот
на нејзината зграда
И често се прашувам дали ќе залутам
ако некогаш
ја варосаат фасадата

Секогаш го пронаоѓам домот
на еден мој предок
по фотографијата на едно детенце
вдлабната во мермерот
во негова близина

И таму знам дека никогаш нема да се изгубам
дека никогаш нема да се вароса
небото со џамлии што ѕирка
од неговото лице

Таму знам дека нема да се изгубам
дека свеќите коигоратна гробовите
го позајмуваат огнот од оние кои пламтат
на роденденските торти

Се смалуваме

Стапнуваме во нештата и веќе сме дел од нив
Ни кажале ли некогаш дека школките се ноктите на морето
дека и нашите нокти стануваат школки штом влеземе во него
дека стомакот ни е морска желка кога пливаме
дека градите ни се медузи
очите ни се мали рипки издвоени од јатото во плиткото
косите ни се претвораат во алги штом ги потопиме
кожата ни е мовта, влакненцата ни се тревите на камењата
кои се нишаат од водата како од ветер
Ушите ни се морски коњчиња, прстите пипки од октоподи
што ги нудат како специјалитет во скапите менија
Се смалуваме
како морски ѕвезди што се сушат на пристаништата
кои ќе висат некаде како украс на ѕидот
како запрена светлина, потпишан сувенир

Излог

Понекогаш луѓето
стојат пред нас како пред излог
се преправаат дека заинтересирано разгледуваат
дека бараат нешто во продавницата
а всушност сакаат да се испитаат,да се поднаместат
гледајќи го само
својот одраз во стаклото

Како кога два брода

Како кога два брода ќе се сретнат
на отворено море
и патниците на палубата си мавтаат од далеку
иако не се познаваат, иако не знаат ништо еден за друг
така животот и смртта секојдневно
се разминуваат

Леб

Ќе можам ли да го изедам
овој авионски сендвич
што го остави сестра ми
на враќање од патувањето

Овој сендвич кој летал
над два континента и над еден океан
кој прелетал многу повеќе отколку што некогаш
ќе изодам и ќе испливам

Можеби ќе вкусам малку од облаците
ако пробам од овој леб
кој бил повисок од земјата под него
повисок од сите држави, градови и луѓе
со невидливи рабови и граници
Кој бил повисоко од сите височини
кои некогаш ќе ги дофатам
како зрната жито во него кои виделе повеќе
од пилотите, од стјуардесите,
од сите патници
под авионот

Ќе го свари ли мојот желудник
целото небо
ако го изедам
овој обичен леб

 

Николина Андова е родена 1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Пишува поезија и хаику.„Влезот е од другата страна“ e нејзина прва книга.

Leave a Reply

Your email address will not be published.