Вистинитоста на фабулата

Ee9DWyJ6dCkaffyU

Секогаш читателот кога ќе прочита некоја книга си го поставува прашањето дали приказната во таа книга е вистинита, целосно вистинита, дали е лажна, од каде црпел инспирација авторот, од својот живот, од туѓите или, пак, фабулата е целосна фикција. Поставувањето на ова прашање ме мачи многу одамна, уште кога осознав дека приказните можат да бидат измислени. Си мислев дека секоја приказна е вистинита, ако не целосно барем поголемиот дел од неа.

А можеби и навистина е така!

Разгледувајќи ги делата коишто ги имам прочитано и исчитано досега, дојдов до заклучок дека морам да дознаам што останатите мислат за ова прашање, како и за тоа што приказните откриваат во врска со ова проблематика.

Тргнувајќи од фактот дека постојат биографии, автобиографии, коишто треба и мора да бидат целосно вистинити и точни, но земајќи ги предвид фактите дека оние кои пишуваат биографии не можат да ги знаат сите податоци за некоја одредена личност, претпоставувам дека и овие текстови не се целосно вистинити и веродостојни за животот на една личност. Додека за автобиографиите ми се наметнува прашањето дали авторот приказната ја раскажал вистинито или онака како што нему му одело во прилог?

Дилеми, нерешливи, загатнувачки, бараат поголемо истражување од еден мал есеј.

[pullquote align=”left”]Не можат да постојат и не верувам дека постојат целосно измислени приказни, бидејќи во секоја од нив има нешто вистинито[/pullquote] Пред некое време на едно поетско читање во склоп на 39-те Караманови поетски средби имав можност да дознаам што писателот Андоновски мисли за ова прашање. Тој рече вака: „Не можат да постојат и не верувам дека постојат целосно измислени приказни, бидејќи во секоја од нив има нешто вистинито“, а тоа води кон она дека ниту една приказна не е целосно вистинита, или обратно. Ако го земеме за пример „Мостот на Дрина” на Андриќ, приказна за еден мост кој се градел со векови, вистинска градба, објект кој постои, но не можеме да тврдиме дека целата приказна е вистинита, знаејќи дека Андриќ дава една митска нишка на целиот процес на градење на овој објект, а притоа ги десакрализира митовите во оваа приказна.

Зошто потребата да се измислуваат приказни, зарем реалноста не е доволно интересна да го задржи подолго време нашето внимание или, пак, авторите имаат потреба да го напишат она коешто сакаат, а не можат да го изживеат и доживеат?

Зошто постојана потреба од фикција?

Ако приказните се целосна фикција, се поставува прашањето од каде потекнува таа фикција? Приказните се вистинити со примеси на фикција или, пак, фикцијата води потекло од реалноста.
Секој автор црпи инспирација од реалноста, но потребата да ја испреврти таа реалност, можеби доаѓа од незадовоството коешто таа го создава, па токму затоа и измислувањето во неа, декорирањето, украсувањето на една сурова реалност, нејзино разубавување.

Токму фантастиката зборува на овој јазик на разубавувањето, таа изобилува со фиктивни елементи кои се претставуваат како вистинити. И затоа фикцијата, илузијата и фантастиката се претопуваат со реалноста и стануваат пореални и од самата реалност. Границите помеѓу реалното и иреалното се толку тенки што постојано се бришат и одново испишуваат.

3sbfx8z6siiLxbxA

Фантастиката на Драги Михајловски содржи една таква нишка на постојано бришење на реалноста, поигрувајќи си со сетилата на читателот. Неговата збирка раскази „Скок со стап“ претставува една невидлива граница помеѓу реалноста и фикцијата. Читајќи ја можете да паднете во искушение, да се запрашате каде, всуштност, овде е фантастиката, зборувајќи за навидум толку едноставни работи, секојдневни, познати топоси, реални ситуации. Но Иван Додoвски ќе рече: „Најчесто фантастиката кај Драги Михајловски е средство за еден повисок степен на гротескност. Фантастичните елементи во повеќето раскази се присутни со цел да се потенцира гротескната слика што ја рецептира читателот. На тој начин, тие, навидум фантастични, елементи се само средство за да се покаже една грда, несовршена, карикирана, комично – застрашувачка страна на реалноста“.¹

Што, всушност, прави авторот со фантастиката, ја брише реалноста или испишува нова врз неа, палимпсест на една сурова реалност!? Испишувањето на твојата реалност врз нечија друга, фантастично!

Романот „Заклученото тело на Лу”, на авторката Оливера Ќорвезироска, исто така претставува едно талкање помеѓу фикцијата и реалноста, лавиринт помеѓу она таму и тоа овде, постоењето на историските факти, фотографиите, цитатите на Ниче, писмата на Лу, песните на Рилке, се доказ за реалното, додека од друга страна се среќаваме со фикцијата која се одвива помеѓу вистинските податоци и надоврзаните „вистини”, реална и измислена љубов, испишани или избришани туѓи приказни. Вистинскиот живот на Лу Саломе наспроти приказните на Ќорвезироска.

[pullquote align=”right”]Сомнежот е добар, бидејќи ако не се сомневаш не можеш вистински да веруваш, „вербата без сомнеж е слепа блудница”[/pullquote]Вистинитоста на приказната како посебно прашање се поставува и во приказната „Силјан Штркот”, како една од првите македонски приказни којашто е неодмилива. Вистинитоста овде е релативна, постојат фикцијата којашто е лесно забележлива од страна на читателот, Силјановата метаморфоза, фактите дека таа навистина се случила, и секако сомнежот за нејзиното случување. Совеста на читателот не му дозволува целосно да се препушти на приказната и да му верува во целост на она што го чита. Андоновски вели дека сомнежот е добар, бидејќи ако не се сомневаш не можеш вистински да веруваш, „вербата без сомнеж е слепа блудница”² . Во што, всушност, ние овде веруваме? Веруваме дека приказната е вистинита, и како таква ја прифаќаме, или имаме сомнеж дека тоа всуштност се случило, но доказите сепак постојат. Можеби и токму затоа оваа приказна ја карактеризираме како чудесна приказна којашто на крајот не добива рационално објаснување. Но ако ја сместиме во чудна, како тогаш да гледаме на вистинитоста. Сепак на крајот читателот одлучува дали ќе верува во вистинитоста на преобразбата на Силјан или не, но фактите кои постојат се исто така непобитни од страна на читателот. Границата помеѓу реалноста и фикцијата овде не може да се избрише, додека од друга страна не може дури ниту да се определи каде точно да се наоѓа.

Несомнено е дека не постојат целосно вистински или измислени приказни, постојат приказни инспирирани од вистинскиот живот, од реалноста, но потребата тие да бидат обвиени во фикција, потребата да бидат нашминкани е потреба којашто писателот, особено постмодернистите, и тоа во голема мера, што секако не значи дека и порано не е забележлива оваа техника на пишување, ја имаат кон читателот, кон задржувањето на неговото внимание што подолго. Не можеш да пишуваш измислени приказни, тие мора да водат потекло од некоја реалност, мора да имаат поткрепа макар таа живеела само во твоите мисли. Можеби писателите пишуваат фикција бидејќи она што е измислено во една приказна не може да се доживее во реалноста!?

Кај Михајловски во неговиот расказ „Скок со стап” од истоимената збирка раскази, ликот – протагонист прави огромен скок којшто во реалноста физички не би можел да го направи, но во неговиот расказ тоа е возможно и потребно, нему му е потребно да го направи тој скок за да остане во спокој со самиот себе, за да ги прескокне пречките кои се градат и издигаат пред неговиот поглед, попречен од изградбата на Македонската телевизија. Со овој скок ликот – протагонист на Михајловски ќе ги избрише границите помеѓу реалното и фантастичното, фиктивното. Додека, пак, Силјановата преобразба физички не би била можна, но овде може да се сфати во контекст на духовна преобразба. Нему му е потребна таа метаморфоза за да може успешно да премине од една фаза на својот живот во друга, од младо момче, расипник на татковите пари, во човек кој ќе се сврти кон својата фамилија и ќе созрее доволно за да ги цени благодетите на институцијата наречена семејство.

Сепак фикцијата е потребна, како на авторите, така и на читателите. Нејзиното толкување може да биде безгранично, а насладите од тоа толкување повкусни од секоја реалност.

Илустрации: Грејс Микел Ремзи

_______________

ФУСНОТИ

1. Додовски, Иван. Гротескното и фантастичното во расказите на Драги Михајловски, Списание Современост, 1994, бр. 7-8

2. Андоновски, Венко. Вештица, Табернакул, 2009

Leave a Reply

Your email address will not be published.