Слободата – репер за архитектурата

licenoski2

„Слободата е послатка од лебот, а поубава од сонцето…“
(Достоевски)

Денес, кога немал број од архитектите и од другите културни творци вклучени во проектот „Скопје 2014“ се зависни од политиката и од политичарите, без слобода да творат како што знаат и како што умеат, а нивните дела, според стручната критика, се лоши копии со веќе здодевни архитектонски и уметнички елементи, неодминлив е присетот на големите зборови на Достоевски, кои всушност се фантастична дефиниција за битието на секој творец, па и на архитектите.

Слободата и слободниот израз – и за поезијата, и за архитектурата, и воопшто за творештвото – се благословени дарови за највисоки творечки дострели. Кога имате слобода и слободен израз, имате архитектура, слично како со поезијата, која, пак, е „збор во хармонија со бројот“, како што вели шпанската писателка Марија Замбрано.

[pullquote align=”left”]Слободната архитектура е материјал во хармонија со мерките, во хармонија со пејзажот, времето, светлото, боите, формата, историјата и со поезијата, со меморијата и со сеќавањата, со убавината и со вистината, со пропорциите и со димензиите[/pullquote] Слободната архитектура е материјал во хармонија со мерките, во хармонија со пејзажот, времето, светлото, боите, формата, историјата и со поезијата, со меморијата и со сеќавањата, со убавината и со вистината, со пропорциите и со димензиите. Неслучајно на големиот познат и признат архитект од светски глас Мис ван дер Рое, иако имал голема почит кон Партенон и иако имал фотографии каде што гордо се сликал, ни „на крај памет“ никогаш не му дошло тоа дело да го копира. Партенон останал само во неговата меморија и го инспирирал за слобода и за слободен израз, да создава самостојни архитектонски дела со највисоки вредности.

Сето погоре искажано сакам да го потврдам со еден мал и скромен проектиран објект што сè уште ја чека реализацијата, пред сè за читателите да можат да направат споредба со слични објекти проектирани без слободен израз, со копирање и со кич.

Licenoski  3

Пред неколку години, за да се изрази љубовта и почитта кон маестралното творештво на академскиот сликар Лазар Личеноски, со носталгија по неповторливата универзалност на сликарот, ја промовирав идејата за меморијален галериски музеј „Лазар Личеноски“ во Галичник. Ја промовирав идејата уметничкиот дух на великанот конечно да живее вечно во родниот Галичник и Лазар Личеноски да има свој ликовен храм, а сите љубители на уметноста и на културата да доаѓаат и да ги доживеат Личеноски и Галичник во еден неповторлив амбиент преку галеријата изградена на светото место над чешмата „Упија“ и на црквата „Свети Петар и Павле“.

Како тогашен претседател на месната заедница, задачата за проектирање му ја доделив на еден од најталентираните дипломци на Архитектонскиот факултет во Скопје и страстен заљубеник во Галичник и во галичката архитектура, архитектот Љупчо Џуровски.

Тој, по неколку месеци макотрпна работа, испроектира објект што на некој начин го симболизира животниот пат на Личеноски: Галичник – Париз – Скопје. Направи нешто слично како Личеноски. Личеноски го напушти зографството, а архитектот Џуровски ја напушти традиционалната галичка куќа, испроектира објект што има елементи на Корбизје; црпеше елементи од македонската народна архитектура, но истовремено се послужи со јазикот на македонското наследство: камен, дрво, светлина и визури, еркер, метафори и симболи во хармонија со многу градежни елементи. Направи објект што не претендира да биде галичка куќа, туку самосвесен објект што максимално се приспособува на конфигурацијата на теренот и што изразува почит кон постојните градби со интересно вклопување во традиционалниот архитектонски контекст, следејќи низа урбанистички постулати на поврзување на теренот. Со еден збор, направи рајтовски органски објект, содржан во мислата на Аристотел: Човекот го опкружуваат природата и архитектурата; архитектурата ја надополнува природата.

Licenoski 6

licenoski 5

Изложбениот дел на музејот се состои од трисегментна поставка. Првиот сегмент претставува изложбен дел од артефакти, од фотографии и од биографски податоци за Личеноски, проширен со експонати посветени на општата историја на Галичник, на Галичката свадба, на други знаменити дејци како Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Макарија и Данило Фрчкоски, Панајот и Василко Ѓиноски, потоа цитати од Прличевата поема „Сердарот“ и сл. Вториот сегмент е дел во кој ќе се организираат различни повремени камерни изложби, при што во преден план е продукцијата на стари фотографии и на дела од Галичката ликовна колонија. Во третиот дел ќе бидат изложени делата на Лазар Личеноски преку оригинали и преку репродукции во форма на постојана поставка. На ниво на функцијата, императив е и вкусно проектираната тераса со фонтана, од која може да се ужива во прекрасниот поглед на платото пред чешмата „Упија“ и во визурите што се отвораат по должината и по ширината на јужната страна на Галичник, сè до синилото на Дебарското Езеро.

[pullquote align=”right”]Сè уште се надевам дека со сесрдна помош на донатори од бизнис групацијата, како и со поддршката на учениците на Личеноски, овој меморијален музеј ќе биде реализиран[/pullquote] Заедничката нишка на конструкцијата и материјалите е настојувањето за минимизирање на улогата на бетонот и за употреба на еколошки и природно разградливи материјали, како дрвото и каменот, кои се доминантни локални материјали, надополнети со честа и детално осмислена употреба на вода, на зеленило и на светлина, како не помалку важни градителски елементи. Во груби црти, музејот може визуелно да се расчлени на пет геометриски кубуси нивелирани во трикатни височини комплетно пропорционални со аршински модул од 75 см. Најдоминантно е цилиндричното јадро високо 12 м, масивно ѕидано со камени блокови, кое е вертикален акцент на композицијата и елемент што ги поврзува сите други делови на објектот. Втор облик што плени е темносивиот листовиден камен кубус со фонтаната, каде што отскокнува металниот натпис „Личеноски“, автентично преземен од сликарот, кој го поставил како патоказ на еден ѕид пред вратата на своето прво импровизирано ателје во Белград. Третиот маркантен облик е конвексниот торусен сегмент на првиот кат, кој е прекинат со вертикалата на цилиндарот што продира низ него и кој има дуална природа. На него се надоврзуваат следните кубуси, поставени огледално, со конкавната страна свртена кон поле. Ваквото расчленување на содржините во повеќе геометриски тела, кои се каскадно компонирани и вткаени во изохипсите на падината, овозможува визуелно намалување на изградениот волумен и слободни визури за сите соседни објекти.

Licenoski 4

Сè уште се надевам дека со сесрдна помош на донатори од бизнис групацијата, како и со поддршката на учениците на Личеноски, овој меморијален музеј ќе биде реализиран. За овој објект се потребни мали средства (колку една помала скулптура), но тој ќе биде голема надградба за нашето културно архитектонско наследство и доказ дека со слободен израз се доаѓа до објекти што ќе нè надминат и што ќе бидат архитектура на нашето време и на новиот милениум.

Авторот е архитект

Leave a Reply

Your email address will not be published.