Најчестите јазични грешки во новинарските текстови

Ако тргнеме од добропознатиот факт дека новинарите се оние што им задаваат најголема мака на лекторите, јасно е дека нивниот јазичен узус е далеку од препораките на нормата.

images

Ако тргнеме од добропознатиот факт дека новинарите се оние што им задаваат најголема мака на лекторите, јасно е дека нивниот јазичен узус е далеку од препораките на нормата. Без посебно именување, даваме преглед на најчестите јазични грешки во новинарските текстови, кои се особено карактеристични за интернет порталите, но не ги „одминуваат“ ниту печатените медиуми.

Наводниците

Општопознато е дека во македонскиот јазик почетните наводници се пишуваат долу („), а завршните горе (“). Со користење на македонска поддршка, постапката е многу лесна (Shift + 2 = „ ; Shift + 3 = “), па затоа изненадува фактот што сè уште се греши со нив.

Надредни знаци

За да ги разликуваме заменските форми сè, нè и ѝ од формата за трето лице множина на глаголот СУМ (се), од партикулата за изразување негација (не) и од составниот сврзник (и), потребно е да ги напишеме со надредни знаци. Иако ова е лекција што се учи уште во основно училиште, се чини дека ретки се новинарите што добро ја познаваат или, пак, дека ја сметаат за небитна.

Сè уште

Се пишува разделено, со надреден знак над сè. Значи: сè уште; а не: сеуште, се уште или сèуште.

Така што

Сврзнички состав за образување последични реченици во македонскиот јазик е така што, а не така да, кој се употребува под влијание на српскиот јазик.

Ако се земе предвид фактот дека…

Предлогот во пред зборот предвид е сосема непотребен, затоа што зборот предвид во себе веќе содржи предлог (пред), па така, правилно е да се каже: „ако се земе предвид фактот дека…“ наместо „ако се земе во предвид фактот дека…“

Што било, кој било, чиј било…

Според правописот, правилниот збороред во овие случаи е првин да оди заменката, а потоа партикулата (што било, кој било, чиј било и сл.), а не обратно (било што, било кој, било чиј и сл.), како што често се случува.

По – предлог; после – прилог за време

Несоодветната употреба на прилогот после наместо предлогот по (јас дојдов после него), исто така, често ја среќаваме во новинарските текстови. Правилно е да се каже: јас дојдов по него.

Зад – одзади – позади

Слична е ситуацијата и со неправилната употреба на позади (јас одев позади него) наместо зад (јас одев зад него), со таа разлика што позади воопшто не е прифатено од страна на нормата, а соодветниот прилог за место е – одзади.

Сфаќа – сваќа

Глаголот со значење ’разбира’ е сфаќа, додека, пак, сваќа е ’жената на сватот’, така што не треба да се меша нивната употреба.

Секако дека постојат уште многу други некоректни состојби во јазикот на новинарите, но ние овде ги издвоивме најчестите и „најстрашните“. Споделете ги своите ставови на mak.katce@gmail.com.

Напишано од
More from РЕПЕР
„Писмата до еден германски пријател“
Секој читател што ќе ги чита „Писмата до еден германски пријател“, од...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *