Скопје, центарот на крзнарството

Пред триста години, градот Скопје бил центар на Балканот за ќурчиите. Ќурчија е архаичен збор за денешниот крзнар.

krzno

Човекот уште од дамнешни времиња си го покривал телото за да го згрее. Примитивниот човек тоа го правел со помош на крзното од некое диво животно што претходно ќе го уловел. Поглаварите на племињата го користеле животинското крзно како наметка – за да се затоплат, но и како украс. Со еволуцијата, животинската кожа и крзно добиваат свое место во светот на модата. Крзното и кожата се повеќе ценети од самото злато. Стануваат главен елемент или добро што му е потребно на човекот за опстанок.

[pullquote align=”left”]Пред триста години, градот Скопје бил центар на Балканот за ќурчиите[/pullquote] Пред триста години, градот Скопје бил центар на Балканот за ќурчиите. Ќурчија е архаичен збор за денешниот крзнар. Поимот крзнар, пак, за првпат е употребен во 1920 година во Франција.

Во Старата скопска чаршија крзнарскиот занает, како и другите, за жал, веќе е во изумирање. Го посетивме мајстор Борис во неговото скромно дуќанче, кое се наоѓа пред Безистен. Тој со насмевка нѐ пречека и започна да ни ја раскажува својата приказна. Се сместивме пред дуќанот, се освеживме со лимонада и мајсторот со жар во очите се присетуваше на годините кога Чаршијата била исполнета со живот и со занаети. „На овој занает му се оддадов пред четириесетина години. Откако дипломирав. Ниту сега ниту во иднина не можам да се замислам да работам нешто друго“, ни раскажуваше мајстор Борис.

Можеби тој ја нема онаа заводлива приказна како некои други занаетчии, кои го одржуваат занаетот поради некој аманет од татка си или од деда си, но тоа не го прави помалку значаен од нив. Тој, сепак, е „мајстор на занаетот“, како што велат старите занаетчии за правиот занаетчија. По вокација е дипломиран технолог. Откако го завршил првиот циклус студии, размислувал дали да продолжи понатаму. „Тогаш, за среќа, тука, на калдрмата на оваа Стара чаршија, ја сретнав својата професорка, се советував со неа и таа беше одлучна и остра со своето мислење за мојата тогашна идеја. Сакав да продолжам со образованието, но некако подразмислив и решив да се вработам и студиите да ги одложам за миг“. Неговото патешествие започнува кога се вработува во една фирма каде што се работи со крзно и со кожа. Во една тивка ноќ се среќава со тогашниот ценет адвокат Александар Тортевски и водат разговор околу неговите идеи и сфаќања за понатаму. „Тој ме прашуваше што правам со животот во тој миг, а кога му реков дека сум вработен и дека работам со животинска кожа и крзно, се израдува. Исто така, ме прашуваше дали можам да штавам крзно од лисици, зајаци и сл. Секако дека не знаев, но тоа не можев да го признаам. Тој ми донесе неколку зајаци, а јас не знаев што точно треба да правам. Секако, ја знаев теоријата, но не знаев како тоа да го средам. Ги упропастив. Потоа ми донесе двесте лисици, но и тие не ми успеаја. Во тој миг, ми се роди огромна желба да го научам овој занает“. Како што можеме да видиме од исказот на мајстор Борис, теоријата не може секогаш да помогне доволно. Мајсторот бил доста поткрепен со знаење, но во тие години му недостасувала практична работа. Пред четириесетина години, претставувало голем предизвик да се направи крзно од зајак или од јагне… Овој факт само ја зголемил амбицијата на младичот и го однел чекор поблизу до станувањето врвен занаетчија.

Мајсторот ни раскажуваше како крзнарите љубоморно го криеле занаетот, па не им го пренесувале своето знаење на младите амбициозни момчиња. Меѓутоа, Борис бил упорен, одел од занаетчија до занаетчија, не се колебал, и покрај одбивањата на старите занаетчии. Се обидувал и самиот да направи крзно, но знаел дека секогаш нешто му недостасува. По големиот вложен напор, успеал да стане чирак и почнал вистински да го учи занаетот, т.е. ја започнал практичната работа. „Го имав знаењето, но ја немав практиката. Мојата љубов и желба да научам како да направам добро крзно од ден на ден растеше“.

[pullquote align=”left”]Занаетчијата го добива крзното најчесто од ловџиите, а тоа мора да биде конзервирано[/pullquote] За еден мајстор да биде успешен во својот занает, во овој случај во крзнарскиот, треба да исполнува неколку услови. За едно крзно истовремено да шири топлина и да го украсува телото – потребно е да биде меко, не смее да има живот во себе (мирис), влакното треба да поседува природен сјај и да има јаки физички особини за да не дојде до пукање. Занаетчијата го добива крзното најчесто од ловџиите, а тоа мора да биде конзервирано. Конзервацијата може да се спроведе преку замрзнување, преку посолување или преку сушење на животинската кожа и крзно. Најповолна и најприменувана, но и најскапа конзервација е по пат на замрзнување. Без разлика за која ќе се одлучи занаетчијата, потребни се околу дванаесет часа за крзното да се доведе во првобитната состојба. „Многу е битно крзното да се доведе во првобитната состојба“, ни објаснуваше мајстор Борис. Тоа се постигнува со помош на вода и на хемиски средства. Кога ќе помине низ тој процес, занаетчијата има задача да ги отстрани маснотиите што ги содржи животното. Тоа може да се спроведе по механички пат, со помош на машини, или по природен пат (рачно), со помош на нож. Кога ќе се отстрани маснотијата, т.е. лојот, следува процесот на одмастување со сода бикарбонат. Дури тогаш кожата е речиси подготвена да оди во пикел. Пикел е поим што се однесува на процесот при кој кожата преминува од органска во неутрална, па со штавата во неорганска. Станува збор за комбинација на сол, вода, солна киселина, сулфурна киселина, мравја киселина и други средства. „Ако сакаш крзното да биде влажно, тогаш користиш мравја и сулфурна киселина. А ако сакаш да биде компактно, тогаш користиш исклучиво мравја киселина“, ни објаснуваше мајстор Борис. Откога крзното ќе помине и низ овој процес, мајсторот го остава да одлежи околу дваесетина дена, да се стабилизира. По дваесеттиот ден, кожата се масти со цел да биде помека. „Треба да ѝ дадеш душа“, коментираше мајстор Борис. Исто така, може и да се бои. Оттука, крзното се остава природно да се исуши, а кога ќе ја достигне посакуваната цел, оди на подготовка за кроење и за шиење.

Овој процес на изработка на крзното е доста макотрпен и долг. Бара знаење и умешност. Доказ за тоа е и фактот што во светот веќе е направен синтетички дијамант, како и низа други украсни предмети, но единствено не е направено природно крзно по вештачки пат. Целта на крзното е да ја сочува топлината, но и да прави дифузија. Декоративното крзно не треба да биде многу меко, за разлика од она чија функција е ставена во прилог на човекот.

[pullquote align=”left”]Овој занает е распространет низ целиот свет, но може да се каже дека нашите занаетчии се меѓу подобрите мајстори[/pullquote] Овој занает е распространет низ целиот свет, но може да се каже дека нашите занаетчии се меѓу подобрите мајстори бидејќи ги исполнуваат петте услови што ги поставува овој занает и поради тоа што ги имаме потребните ресурси. Според ќурчиите или крзнарите, најголем предизвик е да се исштави јагнешкото крзно, а ние него го имаме на овие простори, па жално е овој занает да исчезне. Освен сложеноста на техниката што ја спроведува мајсторот, крзнарството може да се земе и како една одлика на нашата култура. „Од овој занает се живее. Цела фамилија се одгледува. Сакам да го продолжам животот на овој занает, но потребни ми се млади и амбициозни луѓе што ќе нурнат во водите на крзнарството“, ја сподели мајстор Борис својата желба.

Ако сите овие занаети исчезнат, како што веќе се случува, што ќе биде со нашата традиција и култура? Дали смееме да негираме сѐ без притоа да имаме идеја за нешто ново? Секако дека смееме, но колкав ќе биде векот на тој нихилизам без да дојде до повторување?

Напишано од
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *