Црвениот килим заменет со вистинска уметност

скопски-филмски-фестивал-(1)

Годинава Скопскиот филмски фестивал ги изоставува својот гламур и раскошниот црвен килим, но не заборава на квалитетот. По шеснаесетти пат, фестивалот ги соединува македонските познати филмски имиња, но не ги игнорира ни оние кои штотуку влегле во овој бизнис.

Филмови што на моменти ќе ве насмеат, но и ќе ве растажат. Има и такви што за миг ќе ве натераат да размислите и да сфатите дека она што го имате до себе и во себе е доволно. Додека, пак, има и филмови што ќе ве потсетат на некои настани од минатото гледани од различни агли. Ретроспективата е оставена да ја крои приказната, онака како што режисерот сака да биде.

Со програма што ветува, фестивалот се одржува од 19 до 27 април. Локациите на кои љубителите на филмот можат да му се препуштат на задоволството се кината „Милениум“ и „Рамстор“.

Само како пример, прочитајте како обичните животни кругови, игри и шумар можат да го спасат филмското во вас.

 

„Кругови“ – Срдан Голубовиќ

Каењата и вината останаа затворени во „Кругови(те)“.

Филмското дело на Срдан Голубовиќ ќе ве врати за момент во времето на филмовите во кои анимацијата е исклучена, а најголема важност им се дава на ликовите и на приказната. Филмот ќе ве врати во 1993 година, кога во Босна владееја немирот и општествената непослушност. Овде, во овој круг, ќе се најде приказната за Марко, кој во филмот се појавува само на почетокот и на крајот, но тој е делот што го формира кругот и што ги спојува судбините на ликовите што го исполнуваат неговиот живот.

Прашањето за тоа што е поголемо – гордоста или божјата дарба да се прости – е проткаено низ филмот, правејќи го ринг во кој се бори совеста на секој лик поединечно. Животната приказна на ликовите од филмот е направена во стилот на познатата „од судбината не се бега“.

krugovii

сцена од филмот

Марко е војник што се бори за идеалите на својата држава. Идеали што сите не може да ги сфатат подеднакво. Неговиот живот ќе заврши откако ќе застане на страната на обичен продавач, кој е муслиман, а кој ќе биде нападнат од војници со кои Марко се познава. Тоа војниците нема да му го простат, па затоа ќе мора да плати со својот живот.

Смртта на овој лик, всушност, го започнува формирањето на кругот, кој по дванаесет години ќе успее да се оформи и да се затвори. Тогаш гледаме како секој од ликовите го продолжил животот без Марко. Неговиот најдобар пријател сега е еден од најдобрите доктори во Србија. Неговиот татко гради црква во негова чест. Жената што Марко некогаш ја сакал сега бега од својот сопруг барајќи скривалиште кај Харис, човекот што Марко го спаси.

Меѓутоа, судбините постојано се вртат во маргините на кругот. Ниту еден лик не може да го пронајде својот мир сè додека не се откаже од вината во себе и од совеста што предизвикува омраза во неговото срце. Знаете дека е кругот оформен кога најдобриот пријател на Марко, докторот, го спасува животот на еден од убијците на својот пријател. Кругот се оформува кога таткото на Марко му кажува за синот на еден од убијците: „Да, тоа е… син ми“.

Кругот се затвора кога жената што Марко требало да ја љуби до крајот на својот живот заминува со својот син во Босна, земјата во која ќе пронајде мир, а Харис го исплаќа својот долг.
Овие „Кругови“ на Срдан Голубовиќ покажаа дека нема ништо поблагородно и побожествено од прошката и од каењето. Тоа го проследија посетителите на отворањето на Скопскиот филмски фестивал, кој годинава ветува квалитетни филмови.

 

„Игра и спас“ – Горан Тренчовски

Секој рај создаден со пекол станува пекол…

„Пред мене слобода, а во мене љубов“ – ова е една од впечатливите реченици со кои почнува новиот краток филм на режисерот Горан Тренчовски. Краткиот филм, кој раскажува за раскрсницата на која секогаш застанувале Македонците, уште еднаш покажа дека македонскиот ритам и монологот се успешни елементи за ефективен филм.

Македонскиот такт што го постигна Дејан Дуковски ѝ овозможи на присутната публика на годинашниот Скопски филмски фестивал да се врати во времето кога славењето на празниците Спасовден и Илинден значело безгрижни мигови за македонскиот народ.
Во филмот го гледаме Глигор, кој води монолог, а на моменти и дијалог, со своето „алтер его“, раскажувајќи за својот спокој и за љубовта со младата Марија пред да ја земе пушката во своите раце.

igra i spas 9

сцена од филмот

„Пушката не знае за вера“ се зборовите на Глигоровата мајка, чија болка ја претставува мајчината грижа. Од слободно шетање по ливади, сега владее неспокој во душата на Глигор. Тој неспокој го принудува да избега од хармонијата и со пушка во раката да го прави она што мисли дека е правилно.

Низ неговата ретроспектива на настаните можеме да ја видиме вечната голгота на македонскиот народ, и тоа за само петнаесет минути.

Најновиот филм на Тренчовски е поддржан од Филмскиот фонд на Република Македонија. Улогите ги играат: Коста Ангов (Глигор), Зора Ѓорѓиева (Марија), Мартина Тапарчевска (мајката на Глигор) и др.

 

„Шумарот“ – Изер Алиу

Зад невината солза се крие храбар маж.

Водејќи се од стравопочитот кон својот татко, малиот Иса тргнува во потрага по изгубената овца заедно со својот помал брат Хамид. Приказната што ја прикажува реалната состојба во помалите населени места почнува… директно в лице! Со „влепената шлаканица“ врз лицето на Иса.

Сонот на секое дете е да ги натера своите родители да бидат горди на него – тоа ќе го натера и Иса да биде гневен во себе и решен по секоја цена да ја најде изгубената овца.

sumarot

сцена од филмот

Откако двајцата браќа ќе тргнат во потрага низ планината, минуваат тежок пат на кој Хамид се здобива со повреда при удар од гром.

Овде доаѓа моментот кога Иса треба да одлучи дали ќе биде послушен син или грижлив брат.
Филмот е во режија на Изер Алиу и она со што се гордеат од филмската екипа е тоа што филмот е избран за еден од седумте најдобри светски филмови од страна на Француската филмска академија.

Leave a Reply

Your email address will not be published.