Колку човек може да биде човекот?

arendt-smoking

сцена од филмот

Кон филмот „Хана Арент“ на Маргарет фон Трота,
„Скопје филм фестивал 2013“

Историјата сè уште го боли светот. Ако младиот Вертер чувствуваше романтичарска вознемиреност кон Zeitgeist-от и ја нарекуваше Weltschmerz, тогаш неговата болка е само мачкина кашлица во споредба со болката и со ревноста со кои една Еврејка пишува за антисемитизмот непосредно по Втората светска војна.

Таа Еврејка е Хана Арент. Испратена во Израел да го следи судењето на Адолф Ајхман, нацистички офицер на Гестапо, еден од главните организатори на холокаустот и главен егзекутор на Третиот рајх, како дописничка за Њујоркер, ги објавува најрадикалните текстови во врска со судењето и со нацистичките злосторници воопшто. Во време кога нацистичките рани се свежи и печат, време кога целиот ненацистички свет, преживеаните Евреи и освестените (екс)нацисти, гневни на она што се случувало, беспоштедно се против нацистичките злосторници и пристрасно сожаливи кон Евреите, па со нетрпение јавно и со страстно „пожелание“ ја очекуваат смртната казна за човекот што бил задолжен за координација на планот за истребување милиони Евреи и што ја организирал депортацијата на Евреите во логорите, Хана Арент, и самата затворена во логор од кој по неколку недели успеала да побегне, со натчовечка храброст (толкувана како ароганција) и со хиперчовечна кадарност за разумно проникнување во суштината на нештата, соголувајќи ја од сите пристрасности и привидности (толкувана како бесчувствителност), смета дека судениот Адолф Ајхман не треба да се осуди за антисемитизам, затоа што како поединец е ослободен од вината за геноцид.

Арент била единствената индивидуа што успеала да остане разумно присебна и надвор од колективното лудило на бес, гнев, тага, болка, депресија и на одмазда на однапред зацртаната осуда на злосторникот на холокаустот, која била очекувана со нетрпение. Исходот бил очигледен: светот не смеел да си дозволи да помилува таков злосторник, особено не на „еврејски“ терен – во Ерусалим; судењето било чиста формалност, храна за неутешените жртви и чин на застрашување на преостанатите нацисти. Таа била единствената „гледачка“ на таа „драма“ што не била поведена од „дејството“ и што внимателно ги слушала зборовите на „главниот лик“.

HA_Plakat

„Да се разбере не е исто што и да се прости“ е нејзината „одбрана“ кон реакциите на нејзината теорија за „баналноста на злото“. Според неа, најголемите светски злодела ги извршуваат анонимните, луѓето што се никој и ништо, а за да се дојде до состојбата да се направи такво зло, потребна е претходна подготовка на дехуманизација на личноста. Хана Арент дошла до овој заклучок внимателно следејќи ги изјавите на нацистичкиот офицер дека тој само извршувал наредби, дека нему не му било битно тоа што Евреите што ги качувал во возовите ги водел во смрт, нему воопшто не му било битно што понатаму ќе се случува со нив. Така, на прашањето дали се чувствува одговорен за истребувањето на Евреите, тој одговара: „Но јас не ги истребив“.

Арент дава логично објаснување на неговите изјави. Според неа, дехуманизацијата се врши токму во извршувањето наредби без критички став околу нивната морална (не)правилност. При слепото извршување наредби, човекот не се наоѓа во состојба на размислување, а штом не размислува, не е во состојба да разликува добро од лошо, морално од неморално, човечно од нечовечно. Капацитетот на мислењето по дефиниција е човечка кадарност, човечка особина, а штом единката излегува надвор од неа, односно повеќе не размислува, повеќе не е ни човек, т.е. се дехуманизира. Всушност, она на што се сведува е машина, робот. Зарем, за жал, не е тоа она кон што модерниот исполитизиран човек тежнее – машини за уништување (да не речам, за убивање)?

Хана Арент говори за човекот како оружје, а не за човекот како управувач со оружјето. Во тој поглед, таа е на некој начин истомисленичка со нејзиниот современик Олдос Хаксли. Неговиот „Прекрасен нов свет“ и нејзината „баналност на злото“ се еден ист (не)човек.

Филмот за оваа жена-филозоф, теоретичарка и мислителка е фокусиран на патот на раѓањето на нејзината теорија за „баналноста на злото“. Лишен од холивудските трач-сценарија за бројот на љубовниците или за големите љубови на познатите жени низ историјата, филмот ја покажува оваа теоретичарка како вистинска маркантна историска личност што може да стои рамо до рамо со кој било уважен маж низ историјата. Изобилува со впечатливи сцени и дијалози, со особено моќни и издржани филозофски реплики. Режисерката Маргарет фон Трота вметнува и документарни историски снимки од судењето на Ајхман, одлично вклопени во филмот.

„Хана Арент“ не е (само) историски филм. Не е ни (само) биографски филм. Не е ни (само) „женски“ филм. „Хана Арент“ е филм задолжителен за гледање.

Leave a Reply

Your email address will not be published.