Големи и мали (литератури и култури)

Ќе ги преведуваат ли и нашите дела некогаш или ќе собираме прав во сопствените домашни библиотеки?

big_apple_small_apple

„Така рикаше маката во мене
дека сум роден во смачкано племе.“
(Блаже Конески)

Конески тажеше дека племето наше е ’смачкано’; Делчев, пак, дека го разбира светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Како да се натпреваруваат ’племињата’ што се ’смачкани’? Ако се согледуваме себеси како ’смачкани’, сигурно дека не може културно да се натпреваруваме со другите народи во светот. Та смачканиот од земја не може да се дигне, камоли да се натпреварува. Ама се чини дека психолошките матрици на (историско, општествено, економско, културно) самосожалување не ни се туѓи. Можеби убаво ни е така, смачкани. И тоа може да ја оправда сета неиницијативност и летаргичност на македонската култура во доменот на културната промоција надвор. Смачканоста, како матрица на македонското колективно несвесно, се чини дека ја наследуваме како што се наследува библискиот грев на Ева и дека ја прифаќаме како што беспоговорно се прифаќа смртноста. Дотаму сме дојдени. Така сме родени всушност, смачкани, нели? Тоа може да биде изговор за сè, посебно за нашата културна затвореност. Добро, мали сме, по бројност и по метри квадратни,македонската јазична средина брои околу два милиони говорители, спаѓаме во редот на малите култури, според класификацијата на Делез и на Гатари. Но дали конкретната ’маленкост’, во бројност и во метри квадратни, треба да нè спречува во достигнувањето на поинакви големини? Не постојат само квантитативни и конкретни географски и физички величини. Постои нешто што се вика големина на духот и постојат духовни вредности. Можеби ќе звучам егзалтирано и патетично и радикално ќе го променам тонот на мојава расправа – тука сме големи. И тој што ја опеваше смачканоста е велик, само што не е доволно преведуван.

Тука доаѓам до поентата: културните и духовните величини, кога се затворени на тој тесен (географски тесен) културен простор, се задушуваат. ’Смачканоста’ во 21 век може да произлезе само од затворањето на вредностите; само од нивното задушување во димензиите на локалното, во услови кога може да станат светски. Ќе ја земам како пример Словачка, оти и словачката култура и книжевност спаѓаат во редот на малите култури и оти имам добар увид во нивните обиди за интернационализација на националните вредности. Оваа држава ја нарекувале црна дупка во Средна Европа –тврдиот комунистички режим оставил длабоки траги.

Е, сега, свесни сме за сите големи нешта, феномени и проблеми: за европоцентризмот, за западниот европоцентризам, за вековната културна хегемонија на Западот и за културниот империјализам произлезен од колонијализмот. Некој, пак, ќе рече дека продолжениот среден век (кој на овие простори траел буквално до 19 век, како резултат на специфичните историско-политички околности) го заменил режимот и кога сме имале време да пркнеме?

[pullquote align=”left”]Во Словачка веќе долги години постојат агенција и финансиски фонд што поддржуваат преводи на словачката книжевност во светот, преводи на мали и на големи јазици[/pullquote]Се враќам на Словачка: да, била црна дупка во Средна Европа, маргинализирана култура во целост, поставена помеѓу отсекогаш аристократски надмената австриска култура и притисокот на источниот културно-политички џин. Ама отворањето и делокализацијата на вредностите го прави своето. Како книжевник, ќе се задржам на полето на книжевноста. Во Словачка веќе долги години постојат агенција и финансиски фонд што поддржуваат преводи на словачката книжевност во светот, преводи на мали и на големи јазици. Оваа агенција, СЛОЛИА, сега може да се пофали дека добар дел од романите, поетските збирки, драми и слично, напишани главно во 20, но и во 21 век, се приопштуваат на други јазици. И на македонски.

Дали ние ќе дочекаме некоја наша ’слолија’? Ќе ги преведуваат ли и нашите дела некогаш или ќе собираме прав во сопствените домашни библиотеки? Ќе ги изнесеме ли некогаш своите културни величини, како Конески, на пример (кого го цитирам и си земам за право да го критикувам) како што треба, достоинствено, на други јазици? Со чесен исклучок на младите автори што сами се пробиваат и се интернационализираат, чинам дека ни треба национална стратегија за интернационализација. Систематска стратегија за пласман на културните вредности на светскиот културен пазар ако сакате, да се изразам со современи економски термини.

И пак јас кај Конески, со сета должна почит. Тој што е смачкан, мртов е, веќе не постои.
Фала му на Бога, смачкани не сме, тука сме, постоиме на македонски. Освен тоа, сакаме и да се преведеме себеси, а уште повеќе – да нè преведуваат.

Тагови од објавата
, ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Во бурите на пустината
Панде Манојлов - поезија
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *