Интернет или интернет, Европска Унија или Европска унија?

Проблемот со големата буква е многу чест и сè уште не е целосно решен во нашиот јазик.

i

Проблемот со големата буква е многу чест и сè уште не е целосно решен во нашиот јазик. Под влијание на англискиот јазик, постои тенденција на прекумерна употреба на големата буква. Така, често среќаваме називи во кои сите зборови се со голема почетна буква, а неретко на тој начин се пишуваат и имињата на месеците, на деновите во неделата, па дури и имињата на училишните предмети. Сè позасилената и позачестена употреба на термините Интернет / интернет и Европска Унија / Европска унија од неодамна ни наметнува уште една дилема од јазичен аспект. Затоа решивме да дадеме еден осврт на тоа дали треба предност да ѝ се даде на малата или, пак, на големата почетна буква.

Пред да изнесеме некои свои ставови и согледувања во врска со ова, ќе се обидеме да видиме како и колку јазичната норма го третира наведениот проблем. Сепак, не можеме толку многу да се потпираме врз Правописот на македонскиот литературен јазик и врз Правописниот речник на македонскиот литературен јазик од причина што одамна нема нивни нови изданија, а тоа не може да ни помогне во решавањето на оваа дилема.

Што се однесува на тоа дали да се напише Интернет или интернет, ако се провери во Правописниот речник на македонскиот литературен јазик, може да се забележи дека овој термин е напишан со голема почетна буква. Ваквото решение најверојатно произлегло од фактот што во времето кога бил составуван речникот тој бил многу ретко употребуван и не толку познат како за составувачите така и за народот. Тогаш на него се гледало како на назив на голема виртуелна мрежа и се третирал како сопствена именка, па оттука и одлуката да се пишува со голема почетна буква. Наспроти тоа, денес интернетот е толку сеприсутен во секојдневието, што оправдано е да го сметаме за општа именка.

Познато е дека општите именки секогаш се пишуваат со мала почетна буква, така што поприродно и понормално е да се напише интернет наместо Интернет. Можеби, кога ќе излезат новите изданија на Правописот на македонскиот литературен јазик и на Правописниот речник на македонскиот литературен јазик, составувачите ќе одлучат да го променат гледиштето на нормата.

e

За разлика од горенаведеното, проблемот со Европска Унија наспроти Европска унија и не е толку едноставен за решавање. За тоа говори и фактот што сè уште е предмет на дискусија меѓу лекторите, а како синтагма не е вклучен ниту во Правописот на македонскиот литературен јазик ниту во Правописниот речник на македонскиот литературен јазик. За да се пристапи кон решавањето на овој проблем, треба да се земат предвид два аспекта: дали на Европската Унија / Европската унија ќе гледаме како на држава или, пак, ќе ја сметаме за институција. Тогаш решенијата би биле многу едноставни: Европска Унија – ако ја третираме како држава и Европска унија – доколку се работи за институција. Тука ги имаме предвид стандарднојазичните правила според Правописот на македонскиот литературен јазик, каде што стои дека сите зборови во имињата на државите и на географските одредници, освен предлозите и сврзниците, се пишуваат со голема почетна буква. Од друга страна, пак, во составот на називите на институциите, со голема почетна буква се пишува само првиот збор, како и оние зборови што и самите претставуваат лично име или топоним. Фактот што наведениот јазичен проблем сè уште не е решен не е толку од јазична природа; напротив, за тоа придонесуваат низа надворешнојазични фактори. Гледано од историска перспектива, во 2004 година е направен обид Европската Унија / Европската унија да се формира како држава, но не успеал, така што денес таа, од правен аспект, се смета за институција. Оттаму би требало да се придржуваме до тоа да се пишува Европска унија наместо Европска Унија. Уште повеќе, Европската унија треба да биде сфатена како сојуз, унија на држави, како што и самото име кажува, а нелогично е да гледаме на неа како на една држава затоа што не постојат правни акти што го регулираат нејзиниот статус на тој начин. Врз основа на тоа, сè додека нормата не се изјасни со некаков свој став, за кој се надеваме дека ќе ги земе предвид набројаните факти, остануваме на тврдењето да се пишува Европска унија.

Значи, во однос на разгледуваните прашања, нашите препораки се да се пишува интернет наместо Интернет и Европска унија наспроти Европска Унија, односно да им се даде предност на малите почетни букви. Притоа, не се потпираме само на некои субјективни гледишта, туку земаме предвид како јазични аргументи така и аргументи надвор од јазичната област. Сепак, важно е да се нагласи дека ваквото мислење не го застапуваат сите. Сè додека нормата не изнесе конкретни решенија за овие јазични дилеми, ќе сретнуваме многу различни толкувања и ставови.

Тајмс Њу Маседониан е нова рубрика во „Репер“, чија цел е да прерасне во еден вид јазичен форум, на кој ќе се разгледуваат актуелните јазични дилеми и прашања. Споделете ги своите ставови и гледишта и предложете тема на рубриката за следниот број на mak.katce@gmail.com .

Напишано од
More from РЕПЕР
Неколку збора за корените, за преместувањата и за трагите
Модерно е да се зборува за егзилот. Модерно е да се патува...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *