Теоморфозите на богот Сонце

Несомнено, зимскиот и летниот солстициј ја кријат во себе митската драма за раѓањето, смртта и воскреснувањето на соларниот бог.

winter_solstice1

(соларниот мит во народните празници)

Истражувачите на старословенската древност, со децении наназад, го негираа приматот на соларните култови во старословенската претхристијанска религија, апострофирајќи го лунарниот митски принцип како основна „словенска детерминанта“. Суштината на нивната теза беше дека старословенската митска матрица која е тесно поврзана со старословенската аграрна и матријархална култура, кореспондира пред сè со лунарната митологија и митските валоризации на Месечината.

Познато е дека во аграрно-матријархалните општествени структури доминираат лунарните митолошки концепти кои се одлика на мистериските култови на плодноста (кои ги поврзуваат во една низа: жената – месечината – водата – плодноста – вегетацијата), а во рамки на мистеријата на плодноста најпрво почнува да се апстрахира женското божество. Месечината која секој лунарен месец исчезнува три ноќи, за повторно да се роди (олицетворувајќи го митот за смртта и воскреснувањето), станува симбол на плодноста и вечната обнова. Оттука, во сите митологии, лунарните божици најчесто се јавуваат како „триумвират“ – во лицето на Тројната Божица, која ги симболизира месечевите фази: од српеста и млада месечина, преку нејзиниот „полн лик“ па сè до нејзиното опаѓање и згинување/исчезнување (ориентирањето според лунарните фази/месечевите мени, во матријархалните средини ќе доведе до фаворизирање на цикличните ритми на Месечината, поради што најпрво во употреба влегува лунарниот календар).

Наспроти лунарната митологија (која според историчарите на религиите, претставува поархаичен степен во еволуцијата на митолошките претстави), соларната митологија стапува на сцената дури во епохата на патријархатот. Тогаш приматот ќе го добијат машките божества, најчесто претставени како сончеви коњаници или соларни воини, во склад со одликите на патријархалната индоевропска култура.

Предоминацијата на соларниот принцип, која ќе ги фаворизира соларните хиерофании, подразбира не само соларизација на врховните божества, туку и превласт на соларната симболика, во која доминира претставата за сончевото тркало и сончевата кочија, а од зооморфните симболи – соларниот аспект го еманираат: орелот, петелот, коњот, лавот, лебедот и др. Воочливо е дека меѓу зооморфните атрибути на соларното божество најчесто се јавуваат птиците (за архаичниот човек, движењето на Сонцето е аналогно на движењето на птиците/летањето) и коњот (паѓа во очи дека во сите соларни митологии, соларното божество е претставено како коњаник којшто јава на коњ или се вози во кочија влечена од коњи, што го симболизира движењето на Сонцето во текот на едно деноноќие, како и сончевиот од низ годината). Митолошкиот концепт за патувањето на соларното божество (кој најверојатно потекнува од блискоисточните цивилизации) е вграден и во митската биографија на богот-Сонце, којашто може да се реконструира врз основа на народните празници со соларен предзнак.

[pullquote align=”left”]Постојниот соларен код во празничниот обреден комплекс, покажува дека во календарот на нашите предци, кои годишното време го одредувале според движењето на сонцето, најголемите народни празници биле сконцентрирани околу 4 кардинални точки во соларната патека: зимскиот и летниот солстициј (краткодневицата и долгодневицата) и пролетниот и есенскиот еквинокциј (пролетната и есенската рамноденица)[/pullquote]Постојниот соларен код во празничниот обреден комплекс, покажува дека во календарот на нашите предци, кои годишното време го одредувале според движењето на сонцето, најголемите народни празници биле сконцентрирани околу 4 кардинални точки во соларната патека: зимскиот и летниот солстициј (краткодневицата и долгодневицата) и пролетниот и есенскиот еквинокциј (пролетната и есенската рамноденица). Овие четири клучни годишни точки кои се одредени од положбата на Сонцето во еклипктиката, коинцидираат со најголемите пагански празнувања во чест на соларното божество, кои подоцна ќе бидат „преклопени“ со најголемите христијански празници (кои задржале остатоци од големите пагански свечености посветени на богот-Сонце). Кон овие астрономски точки е прикрепен богат и строг ритус кој со векови се практикувал, а ваквото хелиоцентрично паганско култно јадро е препознатливо и во обредната/обичајната пракса која се изведува и денес на празниците кои гравитираат околу солстициумот и еквинокцијот.

Пред да ја „екстрахираме“ митската биографија на богот-Сонце од празничниот обреден комплекс поврзан со солстицијските и еквинокциските астрономски точки, ќе се обидеме да го именуваме соларното божество во старословенската претхристијанска религија (иако, митолозите со право тврдат дека не се најважни имињата на божествата, туку нивните функции и атрибути). Соларниот принцип нè води кон неколку соларни божества во старословенскиот пантеон, кои ѝ припаѓаат на втората генерација словенски богови (како и во повеќето митологии, така и во старословенската, богот-родоначалник или прататкотото на боговите е врховниот урански принцип – Сварог/Род, од кој ќе произлезат сите други божества, генерациски и хиерархиски поставени во однос на богот-протопласт). Како синови на Сварог (богот-Небо), се споменуваат соларните божества Сварожик и Дажбог (иако Дажбог би можел да биде само култна епиклеза на богот Сварожик).

summer_solstice

Сепак, соларниот аспект во старословенскиот пантеон се поврзува и со божествата: Коледбог, Јарило, Купало, Хорс и др. (за богот Хорс,  науката веќе  посочи дека се работи за „заемка“ од грчкиот пантеон – варијација на богот Хелиј или Хелиос од грчкиот Олимп, иако некои истражувачи на ова име му припишуват иранска етимологија).

Имајќи го предвид „вариететот од имиња“ кај словенските божества кои го еманираат соларниот принцип, се поставува прашање, дали се работи само за локални варијанти на едно исто соларно божество (како што досега се тврдеше), или одредени имиња се однесуваат на одредени фази од сончевата активност, персонифицирајќи ги пооделно четирите клучни точки од соларната патека.

Втората претпоставка не е воопшто невозможна, ако се има предвид дека и богот на вегетацијата во различни фази од годишниот циклус се јавува (и почитува!) под различни имиња (тезата на Витомир Белај), па со право би можело да се претпостави дека и соларното божество е расчленето на неколку соларни богови кои ги персонифицираат фазите низ кои поминува Сонцето во своето годишно движење.

Веќе истакнавме дека во митологизацијата на Месечината, подделни лунарни фази се дивинизирани како одделни божества: Артемида (во об/лик на млада девојка ја олицетворува младата месечина), Селена (прикажана како зрела жена, ја персонифицира полната месечина), Хеката (претставена како старица, ја симболизира месечината во опаѓање). На истиов начин, и „сончевите фази“ би можеле да бидат персонифицирани во одделни божествени фигури. Да се потсетиме дека и во египетската митологија, Амон Ра претставува фузија на две соларни божества: богот Ра – кој го олицетворува „сонцето во зенит“, и богот Амон – кој го еманира „сонцето во заоѓање“.

[pullquote align=”right”]Доколку се обидеме да ги разоткриеме теоморфозите на соларното божество во старословенскиот пантеон, чии култни денови коинцидираат со двете клучни солстициски точки, реконструкцијата се одвива без поголем проблем, и во очекуваната насока[/pullquote]Доколку се обидеме да ги разоткриеме теоморфозите на соларното божество во старословенскиот пантеон, чии култни денови коинцидираат со двете клучни солстициски точки, реконструкцијата се одвива без поголем проблем, и во очекуваната насока. Несомнено, зимскиот и летниот солстициј ја кријат во себе митската драма за раѓањето, смртта и воскреснувањето на соларниот бог, а празниците прикрепени кон овие соларни точки, ја репродуцираат митската биографија на соларното божество, во која лесно можат да се издвојат три епизоди:

1. Смртта на стариот бог – Сонце: на 21/22 декември (денот на зимскиот солстициј) бил чествуван култот на стариот и изнемоштен соларен бог, што ја симболизира немоќта на сонцето во овој период од годината. Би можело да се претпостави дека токму Коледбог/Коледо ја овоплотува претставата за смртта на старото божество (не случајно во обредните коледарски песни се пее за „смртта на старецот“: „Коледе, леде, паднало греде, утепало деде…“) Несомнено, Коледбог умира како старец (на Бадник), и повторно се раѓа како Сварожик (на Божик). За фактот дека оваа епизода од митската биографија на богот Сонце се однесува на смртта на стариот бог, сведочи и бадниковата култна пракса во која доминираат обреди од култот на мртвите. В. Чајкановиќ погрешно го диференцира Бадник од Божик, сметајќи дека Бадник нема никаква врска со соларното празнување на Божик, туку претставува празник од доменот на култот на мртвите, кој случајно се прикрепил кон божикното празнување. Наспроти ваквиот став, врз основа на изнесената реконструкција, инсистираме на тезата дека и Бадник е празник со соларен предзнак, поточно, во прашање е една „соларна епизода“ посветена на смртта на стариот соларен бог Коледо (Коледбог). Впрочем, астрономскиот код кој се наоѓа во основата на ова празнување, најдобро сведочи за заснованоста на ваквото тврдење: токму на оваа соларна точка (22 декември) сонцето е најслабо и привидно умира, за на 25 декември повторно да се роди. На денот на краткодневицата, односно најкраткиот ден во годината и најдолгата ноќ во годината (кога превласта на темнината над светлината најверојатно била поврзана со космогонискиот мит за дуелот помеѓу богот на светлината и богот на темнината), сонцето се наоѓа на најниската положба на небото и е во фаза на „сонцестоење“, во таа положба останува точно три дена, кои се доживуваат како „смрт на соларното божество“ (точно три дена поминуваат и од солстициумот до 25 декември – Божик, кога сонцето се поместува за 1 степен кон југ, што резултира со митолошкиот концепт за „повторното раѓање на младиот бог Сонце“).

summer_solstice2

2. Раѓањето на младиот бог–Сонце: : кај сите пагански народи, раѓањето на младиот бог-Сонце (кај Старите Словени – Сварожик) се славело на 25 декември (Божик). Очигледно е верувањето дека сонцето се раѓа на најкраткиот ден во годината, по што неговата светлина почнува да расте, сè дури не постигне потптполна зрелост на денот на долгодневицата. Од астрономски аспект, оваа соларна точка го означува почетокот на пролонгирањето на денот, и скратувањето на ноќта, што во сите култури се толкува преку митолошкиот концепт за воскреснувањето или повторното раѓање на младиот бог Сонце. Овој цикличен концепт ги опфаќа и новогодишните церемонии (бидејќи повторното раѓање на годината е еднакво на повторното раѓање на новата соларна година). Во основа, божикното празнување се однесува на старата паганска свеченост на раѓањето на новото сонце, која и во римската империја била поврзана со празникот Solis novalis (Новото сонце) или Solis invictus (непобедливото сонце), којшто се славел на 25 декември.

3.Зенитот/полната зрелост на богот-сонце: митолошкиот концепт поврзан со денот на летниот солстициј (22 јуни), се однесува на фазата кога богот Сонце е во полна моќ (овој празник паѓал точно во деновите кога сонцето е најсилно, и кога буквално жари/јари, пече немилосрдно, што се поврзува со соларната фигура Јарило/Купало). Овој голем пагански празник во народниот календар коинцидира со празникот Иванден – денот кога богот Сонце станува младожец, при што ритуално се инсценира „светата свадба“ (хиерогамијата) на митските близнаци- Јарило (Иван) и Мара (Огнена Марија). Хиерогамијата која ја симболизира плодноста, воедно претставува образец според кој се одвиваат „земните свадби“ (свадбите на смртниците), поради што овој период е поврзан со богат ритус во функција на плодноста, а свадбената/брачната иницијатива инсценирана со митот/обредот за светата свадба, ќе ги најави и колективните венчавки кои ќе уследат во народниот обреден комплекс. По оваа кулминативна точка кога сонцето го достигнува својот годишен зенит, сончевата моќ повторно почнува да слабее и опаѓа (голем соларен празник бил поместен и на денот на есенскиот еквинокциј, точката која го најавува повторното намалување на светлината/топлината и претставува вовед во зимското полугодие, а која во христијанскиот календар ќе биде преклопена со празникот Голема Богородица), за да ја доживее својата повторна смрт во вид на старото и изнемоштено сонце – Коледбог (во точката на зимскиот солстициј) по што ќе уследи новото раѓање.

И покрај „четворниот“ модел на соларниот циклус, кој го сугерираат 4-те астрономски точки, митската биографија на богот Сонце сепак ја следи трипартитната шема: раѓање – зенит – умирање. Да резимираме: соларниот бог се раѓа како Сварожик (на Божик), во полна зрелост или сила се јавува како Јарило (на Иванден) и умира како Коледбог (на Бадник/Коледе). Очигледно, Коледе и Иванден се поврзани со најслабата и најсилната сончева точка (всушност, со двете големи пресвртници во патеката на Сонцето), поради што во обредната пракса прикрепена за овие празници, клучна улога има палењето обредни огнови (коледарски и иванденски) како еден вид „сончева магија“ (теоријата на Џ. Фрејзер) која треба да му додаде светлина/топлина на сонцето, во мигот кога соларната моќ влегува во критична фаза. Оттука, токму имињата на Коледбог, Сварожик и Јарило, би можеле да се разгледуваат како потенцијални теоморфози на соларното божество, кои во себе имплицитно ја содржат митската биографија за богот Сонце (обредно-кодирана во народните празници).

 

Авторката е универзитетски професор     nina

 

 

Напишано од
More from РЕПЕР
Жолти очи дома водат
Романот „Жолти очи дома водат“ е прекрасна прослава на животот со сета...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *