Мртви предмети со душа

instr1

Газејќи ја влажната калдрма на Старата скопска чаршија, чекорите сопреа пред едно дуќанче за жичени инструменти. Погледот сопре пред таблата над дуќанот, на која со црвени букви беше испишано: Работилница за музички инструменти „ГИЕВСКИ“ Димитар Гиевски. Ова беше доволно да ни го сврти вниманието. Влеговме и наидовме на еден средовечен човек, кој беше занесен во тоа што го работи, беше затворен во својата „кула од слонова коска“. Машката силуета не се ни сврте, толку беше внесен што никаков звук не допираше до неговите уши. Го поздравивме, ни одврати со сонлива насмевка. Бледиот поглед на неговото лице се должеше на изненадувањето дека не сме само туристи дојдени да направат неколку фотографии и да заминат без „до видување“.

Во овој дуќан се создаваат предмети што му ја разнежуваат душата на човека. Предмети што плачат заедно со сопственикот, што истовремено се радуваат за неговата среќа. Тоа се едни суштества без душа; со секое погалување, се метаморфозираат во она што ви се крие длабоко во имагинацијата. Тоа се предмети што знаат само да споделуваат љубов со оној што ги поседува, не знаат за алчност и за поделеност. Тоа се мртви предмети што живеат за да ве љубат и за да ве задоволат. Тука била направена првата тамбура во Македонија, која подоцна се издигнува на рамниште со гитарата.

Сѐ започнало кога прадедото на Димитар и на Љубомир Гиевски не можел повеќе да го потиснува поривот за создавање предмети со душа. Тој започнал со изработка на тамбура, не знаејќи како точно треба да се одвива тој процес. „Прадедоми, еден ден, седејќи на малото столче, изговорил: Јас ова има да го направам, па ако треба и уџум ќе одам“. Тој, со тесла во раката, почнал да делка едно дрво, кое на крајот наликувало на мандолина. Станува збор за тамбура. Подоцна овој занает го изучува внукот Иван Гиевски, кој воедно и ја преродува тамбурата. „Татко ми ни раскажуваше колку многу денови му биле потребни за да ја направи тамбурата така како што ја замислувал. Неговата макотрпна работа на крајот се исплатеше. Тамбурата стана еден белег на Македонија“,со блесок во очите ни раскажуваше Љубомир Гиевски. Овој нивни занает да создаваат душа во мртви предмети, кои истовремено, со секое нивно допирање, ја допираат човековата душа, започнал пред осумдесет години. Изворот е прадедо им, занаетот доживува ренесанса со Иван Гиевски (татко им), денес живее преку Димитар и преку Љубомир Гиевски. Овој занает не само што е значаен за самите нив туку е и од големо значење и за нашата култура.

Македонската тамбура е составена од четири челични жици, во два реда од по две жици закачени на метална опашка и придржени со лебдечки мост на телото на тамбурата. За создавање една тамбура, потребни се два вида дрво; вратот на тамбурата се изработува посебно и потоа се прилепува за телото.

Надворешната страна на тамбурата, или нејзиното тело, се струга и се обликува додека внатрешноста не стане вдлабната. Главно, тоа е процесот на создавање една македонска тамбура – иако налик не подразбира креативност и иновација, нив ги има. На крајот, кога тамбурата е готова, мајсторот смее да ја употреби својата имагинација и да го естетизира инструментот, на пример со разни резби на надворешноста на дрвото и сл.

Димитар во 1969 година го завршува училиштето каде што се здобива со поголемо знаење за дрвопреработувањето и во 1976година, заедно со својот брат Љубомир, го продолжуваат овој аманет оставен од нивниот прадедо.

Во нивниот скромен дуќан може да наидете на тамбури, мандолини, виолини, дајриња, гитари и на ред други жичени инструменти. Тие во Македонија се признаени како занаетчии за жичени инструменти со големо „З“и се единствените големи мајстори за тамбурата. Нивниот придонесза македонската култура е голем, а тоа се потврдува и преку проектот на Живко Фирфоф. Тој, по налог на РТС, доаѓа во нивниот дуќан со цел да направат оркестар од народни инструменти. Фирфоф без размислување се упатува кон дуќанот на Гиевски, свесен за нивниот придонес за оваа наша култура. Неговата цел била да се оформи оркестар (народен) што ќе вклучува: тамбура, гајда, зурла, тапан и кавал. Гајдата не чинела, некако не се усогласувала со звукот на другите инструменти. Повеќе познавачи на овој инструмент тргнале кон Прилеп кај единствениот компетентен мајстор за гајди во Македонија за заедно да ја создадат правата гајда, која ќе го испушти правиот звук кога ќе се соедини со другите инструменти. На овој проект работеле долго време. „Тоа не беше така лесно, да направиш еден инструмент најпрвин треба познавање, желба и љубов. Треба да го знаеш точното место на секоја дупка: ако биде погоре или подолу, се разлева друг звук. Тоа треба да се направи во правиот миг со тон знаење и со неизмерна љубов и нежност. Чунки, многумина се обидуваат да го доловат совршениот звук што излегува од инструментот, но малкумина успеваат“, ни зборуваше мајстор Љубомир Гиевски. Кога гајдата била готова, бил направен оркестар од народни инструменти, заедно со тамбурата на Гиевски, и преку хармоничниот звук испуштен од тие инструменти, се разлеала совршена мелодија.Нивната тамбура, заедно со другите народни инструменти (гајда, зурла, кавал, тапан) пратени со филхармонија во Виена, освојува голем број силни аплаузи.

Овие уникатни мајсторски раце, кои се од големо значење за македонската култура, не бараат сожалување – тие само сакаат да продолжи она што е вредно за нашата култура. Оти „тоа што го доживува човекот во мигот додека обликува, додека дува во вжештеното дрво, се пренесува во самата материја и во неа, откако ќе го добие крајниот облик, секогаш постои дел од здивот на создателот“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.