Градскиот ѕид

Градскиот Ѕид е единствената целосно изведена структура од планот на Танге која и ден денес останува влијателен елемент во градското обликување.

gradski1

По земјотресот во 1963 година градот Скопје имаше потреба за нов урбанистички план. На меѓународниот конкурст поголемиот дел од првата награда ја доби планот за центарот на Скопје на јапонскиот архитект Кензо Тангe. Покрај неколкуте доминантни и маркантни структури кој ги предложи овој план за креирање на новиот идентитет на градот се појавува и Градскиот Ѕид како станбена композиција која треба да ги задоволи станбените потреби во тоа време и во тој дел од градот. Градскиот Ѕид покрај тоа што обезбедува живеалишта, тој воедно станува и препознатлива градска структура и симбол на градот. Преку неколкуте фази на планот за центарот на Скопје, оваа композиција претрпува повеќе промени за на крајот таа да биде составена од два елементи – станбени блокови и кули. Градскиот Ѕид е единствената целосно изведена структура од планот на Танге која и ден денес останува влијателен елемент во градското обликување.

ВОВЕД

Архитектурата е првото нешто што луѓето го забележуваат. Таа е единствената уметност од која луѓето не можат да се изолираат. Ако луѓето се душата, тогаш таа е телото на градот. Архитектурата носи со себе спомени, остава белег на сегашноста и чекори кон иднината.

26 јули 1963 е денот кога во 5.17 часот наутро се случи најтрагичниот земјотрес во Скопје од неговата понова историја. Тој ден загинаа повеќе од илјада луѓе, 3.300 беа повредени и околу 150.000 луѓе останаа без своите домови. За само 17 секунди 65% од објектите во градот беа уништени. Тој ден беше временска пресвртница за Скопје, ден кога Скопје започна да живее нов живот. Во тоа време Скопје бил мал град од околу 200.000 жители.

[pullquote align=”left”]По разорниот земјотрес на Скопје му беше потребен нов урбанистички план. План кој ќе донесе нов развој на градот, кој нема да ги занемари неговите историски вредности, но сепак ќе создаде еден нов, модерен, идентитет на градот[/pullquote]По разорниот земјотрес на Скопје му беше потребен нов урбанистички план. План кој ќе донесе нов развој на градот, кој нема да ги занемари неговите историски вредности, но сепак ќе создаде еден нов, модерен, идентитет на градот. Во 1965 година беше распишан интернационален конкурс за нов урбанистички план за центарот на градот на кој учествуваа како домашни (во тоа време – југословенски) така и странски архитекти.

Интернационалното стручно жири одлучи првата награда да ја подели меѓу домашен и странски проект, со цел да се направи баланс, бидејќи Југославија во тоа време сè уште не била целосно отворена кон светот. Целта била да се поддржи и домашен архитект и иманентен странски архитект. Така што 3/5 од првата награда добил планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, а останатите 2/5 ги добил планот на загребскиот тим архитекти Милошевич и Вензлер.

[pullquote align=”right”]Новиот развој на градот е дефиниран да биде по неговата исток-запад оска, односно по текот на Вардар, спротивно од претходниот развој на градот по оската север-југ[/pullquote]Овие два урбанистички плана во голем дел се разликуваат во нивниот карактер. Она што е изведено во градот сепак во најголем дел, ако не и сè, е според планот на Кензо Танге. Неговиот план создава една нова (за Скопје) структурална импресија со доминантни и чисти форми кој би биле маркатори и создаватели на новиот лик на Скопје. Новиот развој на градот е дефиниран да биде по неговата исток-запад оска, односно по текот на Вардар, спротивно од претходниот развој на градот по оската север-југ.Планот на јапонскиот тим предводен од Кензо Танге создава четири маркантни структури. Јадрото, епицентарот на градот е затворен и дефиниран со станбената структура Градски Ѕид, влезот на градот од неговата источна страна е маркиран со структурата Градска Порта во која е вметнат и Транспортниот Центар, а на крајот на Градската Порта се наоѓа новиот Републички Плоштад со кулата која доминира на визурата при движењето низ Градската Порта. Овие нови елемнти во урбаниот дизајн на градот се трансформираат во просторни структури и симболи на новото Скопје. Кензо Танге го дели градот на неколку фокални точки со различни содржини и намени. Овој план исто така овозможува и понатамошен развој на градот и ги задоволува потребите на Скопје, после земјотресот.

Голем дел од урбанистичкиот план (една третина) на Танге се состои од Градскиот Ѕид, односно од станбени елементи. Тие и обликовно и функционално се вклопуваат во потребите на градот. Планот на Кензо Танге опфаќа површина од 290 хектари. Според овој план густината на населениото би била 350-400 жители на хектар и зелените површини покрај реката Вардар би претставувале континуиран систем низ центарот на градот.

ИДЕЈАТА ЗА ГРАДСКИОТ ЅИД

Градскиот Ѕид е можеби најмаркантната структура во планот на Кензо Танге и единствена структура која е во целост изведена од неговиот план. Оваа структура е најпрепознатливиот елемент од неговиот план кој се простира низ целиот центар на Скопје. И покрај тоа што Градскиот Ѕид претрпел повеќе измени од првичната замисла до неговата изведба, сепак неговата симболика и метафоричка претстава и ден денес е зачувана.

Најголемата структура во планот на Танге и структура која го дефинира центарот на градот – Градскиот Ѕид е првенствено станбена структура намената да ги задоволи потребите за станување кој поради земјотресот биле круцијални во тоа време. Барањата на градот тогаш биле со новиот план на Скопје да се обезбедат 2200 станови кои Танге требало да ги предвиди во неговата единствена станбена структура – Градскиот Ѕид. Оваа урбана структура требало да го обиколи центарот на градот толку колку што топографијата би дозволила. Тој е всушност станбена структура со висока густина на жители кои би живееле во неа и која воедно би содржела и други содржини задоволувајќи ги потребите на граѓаните. Првичната идеја била тој да биде составен од поврзани високи блокови чии долен дел би бил трапезоиден. Подоцна тие биле едноставни кубични блокови кои се верижно поставени и кои го обиколуваат центарот на градот на десниот брег и пресечени од Републичкиот Плоштад, продолжуваат на левиот брег на реката Вардар.

C wall
Првата идеја за Градскиот Ѕид на десниот брег на реката Вардар

Поминувајќи низ деветте верзии на планот на Кензо Танге, Градскиот Ѕид повеќепати се менувал. Блоковите од Градскиот Ѕид кои биле предвидени да се градат на левиот брег на Вардар биле отстранети поради тоа што од таа страна немало потреба од структура која би го дефинирала центарот на градот. Од една страна, тврдината Кале и старата скопска чаршија не би ги прифатиле овие нови структури, а од друга страна тврдината, чаршијата и ридот Гази Баба се ефективен природен „ѕид“ на северната страна од центарот на Скопје.

Во формата на Градскиот Ѕид се имплементирани и кули. Со тоа тој се состои од верижно поврзани блокови со висина од 24 метри и кули високи 45 метри кои би ги пресекувале овие линеарни елементи. Висината на блоковите се совпага со висината на веќе постоечките објекти во центарот на градот и така тие не би доминирале. Со тоа се дооформува идеата за Градскиот Ѕид – тој да биде еден вид на ѕид-тврдина во модерна интерпретација. Кулите се поставени на двете страни од улиците кои ја пресекуваат оваа структура или на местата каде што ѕидот формира агол. Тие се поставуваат во групи од 2 или 3 кули. Со тоа нивната симболична интерпретација би била дека тие се бастиони на тврдината.

По должината на целиот Градскиот Ѕид било замислено да има шеталиште. Оваа структура било предвидено целосно да се втопи во зеленило. Балконите на горните катови на блоковите од Градскиот Ѕид биле замислени да бидат издадени за да ја покријат таа патека. Паркирањето на возилата е решено да биде во подземни паркинзи и надземни паркиралишта пред објектите.

scan0005
Градскиот Ѕид во една од фазите

 Приземниот дел на објектите и мезанинот било предвидено да бидат окупирани од комерцијални содржини и на места да има пасажи низ објектите кои би го поврзувале предниот и задниот дел од Градскиот Ѕид. Така оваа структура би овозможила и поинакви доживувања од нејзините две страни. Предниот дел на ѕидот е ориентиран кон центарот на градот, кон фреквентни улици и дел кој е бучен, додека задниот дел станува поинтимен дел со плочник кој би претставувал бегство од урбаниот и брз живот. Овие две доживувања се поврзани преку периодичните пасажи.

Градскиот Ѕид е планиран да биде еден од главните белези на градот. Тој е структура која не може да се одмине при пешачко или автомобилско движење низ центарот на градот. Структура која се повторува и која му дава идентитет на градот. Овој ѕид го затвора центарот на градот, без да се наметнува на внатрешноста и оставајќи ја таа понатаму да се развива. Човекот е основната еднинка според која се водат урбанистите и планерите и при планирањето треба да се овозможи негов поквалитетен живот. Така луѓето како перманентна единка на еден град, Танге ги сместува во овој симболичен ѕид кој воедно и го дефинира новиот идентитет на градот. Овој ѕид го одвојува центарот на градот, но воедно и го поврзува со останатитот дел на градот овозможувајќи им на луѓето за момент да влезат или да избегаат од брзиот и бучен живот.

ГРАДСКИОТ ЅИД ДЕНЕС

Денес Градскиот Ѕид е тоа што и во проектот се стремел да биде. Тој е симбол на градот и негов незаменлив елемент. Изведен е како што е предвиден во последната негова фаза, односно според деветата варијанта на планот на Кензо Танге. Почнат е да се гради непосредно по усвојувањето на финалниот план за центарот на Скопје. Тој денес е лесно воочлив во планот на градот Скопје и е структура која интегрира голем број на луѓе во една целина. Тој се движи по малиот ринг на Скопје и го оформува централното градско јадро. Станбените елементи од структурата Градски Ѕид се како и во планот на Танге, односно има 2 типа – станбени блокови и станбени кули. Блоковите се со П+М+6 катови, а кулите се со П+М+12 катови. Градскиот Ѕид е двослојна структура која има свој затворен и поинтимен дел и покрај тоа што се наоѓа во самиот центар на градот.

gradski zid
Градскиот Ѕид денес (Google Earth)

Изведувачи на станбените објекти од Градскиот Ѕид се македонските градежни претпријатија Бетон, Гранит, Маврово и Пелагонија. Во структурата Градски Ѕид има два типа на високи кули. Главна нивна разлика е тоа што едните се со странични балкони, а другите се со аголни балкони. Кулите со агони балкони ги има проектирано претпријатието Македонија проект, додека пак кулите со странични балкони се проектирани од Бетон. Архитект на кулите со странични балкони е Александар Смилевски.

IMG_0904
Кули со аголни балкони

Оваа композиција од станбени блокови и кули има 1.814 станови и капацитет за околу 7.820 жители, што е во согласност со генералниот регулационен план за градот Скопје во тоа време. Станбените блокови се со ориентација север – југ и североисток – југозапад, додека пак становите на станбените кули се со ориентација од североисток до северозапад. Станбените кули овозможуваат блоковите да бидат пресечени и да се овозможи доволно проветрување на центарот на градот. Тие се блиску поставени со што не би се нарушил концептот на ѕид. Со решавањето на блоковите и поставувањето на овој ѕид како двослојна структура се овозможува тој приватен и поинтимен простор во внатрешноста, односно помеѓу двата слоја на Градскиот Ѕид да се користи за безбедна игра на деца и простор кој ќе биде одвоен од градскиот метеж. Пасажите за преминување низ Градскиот Ѕид се поставувани на неколку места низ блокот како би се интегрирале овие два простори. Овие пасажи според многумина го попречуваат слободното пешачко движење низ центарот на градот и го насочуваат тоа да се одвива единствени низ овие пробивања на Градскиот Ѕид, ама сепак тие овозможуваат и да се издиференцира јавниот и приватниот простор на граѓаните кои живеат во оваа станбена заедница.

IMG_0902
Пасаж низ блок од Градскиот Ѕид
IMG_0908
Просторот помеѓу двата слоја на Градскиот Ѕид

Паркирањето на автомобилите за жителите на Градскиот Ѕид е предвидено во подземен паркинг кој има капацитет за 800 возила и кој некаде излегува вон габаритот на блокот од Градскиот Ѕид, проширен на едната или на двете страни. Паркирањето на отворено е овозможено за 1.000 возила. Така што вкупно има 1.800 паркинг места за 1.814 станови.

Структурата на становите во Градскиот Ѕид е составена од 56 гарсониери, 368 двособни, 448 двоиполсобни, 792 трисобни, 38 четирисобни и 112 петсобни станови.

Кулите од Градскиот Ѕид имаат приземје со трем кој продолжува до мезанинот, односно помало во габарит од катовите, и тоа е наменето за комерцијални содржини. Исто така и приземјето и мезанинот во станбените блокови е наменето за комерцијални содржини покрај кој се наоѓа пешачка патека.

Во основите на становите забележителна е јасната одвоеност на приватниот од јавниот дел на станот. Основите се проектирани модуларно со огледално пресликување на повеќето станови. Кај кулите со аголни балкони има два карактеристични ката, додека кај кулите со странични балкони има еден карактеристичен кат. И двата типа на кули се решени во скелетен систем, имаат 2 лифта и еднокраки скали.

Станбените блокови имаат иста основа на кат до четвртиот кат, додека пак петиот и шестиот кат се разликуваат. На двата најгорни ката се наоѓаат четирисобни и петособните станови и гарсониера. Блоковите имаат и скалишни простори со еднокраки скали кои се како посебен елемент поврзан со блокот.

IMG_0912
Кули од Градскиот Ѕид од две страни на улица (симболична претстава на бастиони на тврдина)

Градскиот Ѕид секогаш ќе остане препознатлива градска структура која влијае на урбаното обликување на градот и го унифицира полукругот кој го затвора градското јадро од неговата јужна страна, давајќи му на градот уникатен идентитет. Тој е маркантна градска структура која е лесно забележлива и која единствениот целосен сведок на нереализираниот постземјотресен план за Скопје на Кензо Танге. Градски елемент кој го означува новиот живот на Скопје.

_______________

БИБЛИОГРАФИЈА

1. Skopje Resurgent, United Nations, New York, 1970
2. The Japan Architect, Article: Skopje Urban Plan, no. 130, May 1967
3. The Japan Architect, Article: (special issue – lineage of urban design) Skopje City Center, no. 1978, September-October 1971
4. Vasilevski, Vasil, Gradski centri, 1998, Skopje
5. Archin – Magazine for architecture, urbanism, design, no. 1 / 1995
6. Arsovski, Tihomir, Skopje – Urbanizam i Arhitektura 1945-1985, Kniga 3, Sobranie na Grad Skopje, 1989
7. Скопје Центар – Градски Ѕид, Станбени блокови и кули, Завод за станбено-комунално стопанисување на град Скопје, 1968
8. Константиновски, Георги, Градителите во Македонија 18-20 век, книга втора, Табернакул, 2004
9. Пелагонија, НИП Нова Македонија, 1975
10. Home, Robert, Reconstructing Skopje, Macedonia after the 1963 earthquake: The Master Plan 40 years on, Anglia Ruskin University

Сите фотографии од денешниот изглед на Градскиот ѕид се на авторот, а останатите се од макетата на планот на Кензо Танге

Напишано од
More from РЕПЕР
Антон Чехов: Пост пост модернист пред своето време
Она што мене ми е особено интересно за овие приказни е дека...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *