Штипски театарски времиња (9 слики)

Мигновна или не, и сегашноста е сурово минлива, но минатото е стравотно минливо – тоа е неповторливо; па, така, остануваат спомените (особено запишаните), тој код на незаборавот, на трајното.

James-Nizam-Photography11

Предвовед.

Пред неколку деноноќија – последниве од Марта – во утринскиот дел од денот, со една забележителна (и тешка) печатена пратка/книга – преку рацете на секогаш насмеаниот поштоносец, на куќниот ми праг – од Штип пристигна книга-вест, а со неа и покана, со голем број глаголи – дел во кондиционал, но повеќето во – императив (?!). И, ај после – одбиj!

Вовед.

Истрајниот младешки дух, Кирил Петров (некаде во/по својата седумдесетта), авторот на пристигнатата книга за театарот и за театарџиите (штипски и македонски) со латинското име ARS LONGA – VITA BREVIS, фрескоживопис од ликови и од животи теaтарски (со хрестоматски обележја) – љубезно моли (но безусловно барајќи) за текст, некакви согледби/сеќавања на некогашните театарски времиња од еден живот, од една младост, од далечните мои штипски години на живеење околу/во близина – во и со театарот и со творците тогашни, трудољупци, театарски маченици – на докажано нетрајната магија на театарската уметност.

Мигновна или не, и сегашноста е сурово минлива, но минатото е стравотно минливо – тоа е неповторливо; па, така, остануваат спомените (особено запишаните), тој код на незаборавот, на трајното. Кирил и овојпат е во право: ars longa – vita brevis!

И се зафаќам, неволно, ама се зафаќам со испишување/запишување на церебрално-фанатазмагоричното копање по евентуалните тајни/скрити записи на штипските театарско-сценски слики.

Слика прва.

Риквант – сиво платно, во заднината на сцената на сеќавањето. Како на филмско платно татни воз (оној црниот и на пареа, а можеби напред, на локомотивата, да е со црвена петокрака – па, нели, 1958 е!). Не е тој оној прв спокоен нем влез во париската железничка станица и во мноштвото господа парижани од првиот филмски запис на браќата Лимиер, не… Овој воз татни во мене – со години! Пред да влезе во станицата, додатна тревога – поминува кондуктерот…

Кондуктерот: (извикува) Штип! Штип!… (повторува неколку пати како да е возот полн – а во возот само ние, мајка ми и моите двајца браќа…).

Јас: (ќе излетам низ прозорецот, по мене моите браќа, мајка ми… А перонот празен… скоро пуст. И таму, на перонот, само фигурата на татко – стегната во офицерската униформа… Татко како царски хусарски офицер, а вsuшност селско дете од партизанијата…) Тате, тате!… (одекнува 1958-то лето штипско, со сета своја врелина… потоа се прегрнуваме… и остануваме во Штип до 1971… сите заедно, а потоа – и во меѓувреме…).

Слика втора.

Сцената е прилично стара и еднолична градба, која само во помалиот правоаголен дел е нешто повисока од десетина метри, а целата зграда на два ката не е подолга од четириесетина метри и е со штура еднолична фасада – од исток скалила, широки и стрмни, од каде што е влезот… Сѐ на сѐ, архитектоника и стил – меѓувоен (поблизу до Втората светска војна, се разбира) и со очигледна „револуционерна“ пренамена на некогашната функција – а за колку да се знае во што е пренаменета – со избледена црвена боја, со наши букви, гордо испишано во верзал, разбира се: НАРОДЕН ТЕАТАР.

Време на дејството/настанот: шеесеттите на 20 век; значи, само петнаесетина години по „партизанијата“. Ден најобичен – редовен, за редовна претстава. Публиката е веќе влезена, вратата подзатворена: од едната, внатрешната страна на процепот, Тој – од надворешната, Јас. Тој е Тоде, сценскиот работник и вратар, секогаш сериозен, дебеликав, со проникливи очи и со строги мустачиња, и е другиот протагонист на влезната драма. Јас – десетгодишник и дремач пред врата…

Тоде: (се прави на Тошо) Ќе влегу’аш?!…

Јас: Да…

Тоде: Ами ш’o чекаш?!… Дремеш ми тука како… (и дури тогаш, вообичаено и како секогаш – ми ја доотвора врата за да можам да се протнам).

Јас: (без зборови – втрчувам во веќе затемнетата театарска сала, со надеж дека не сум испуштил ништо).

Слика трета (се повторува повеќе години по ред).

На штипската театарска сцена гостува Народниот театар од Битола. Празник за театарот, а и за мене особено. На сцената – и не само на сцената – ќе продефилираат познатите и симпатични лица на Љубиша Трајковски, Јоана Поповска, Бабец, Ацо Стефановски итн. итн.

И кај нас дома ќе има гости од театарот од Битола: чичко Симе (прв братучед на татко ми), осветлител во битолскиот театар, инаку стар битолчанец, и неговата сопруга, тетка Фана, гардероберка во театарот. Драгите гости од Битола не се само мојата секојагодишна влезница за одлично примените претстави на битолскиот театар туку се и виза за дружење со битолските актери на сцената, зад завесата и во гримиорните. Дружење за незаборав, дружење со легендарните битолски актери и проверени шегобијци… А и Јоана, колку беше млада, а и талентирана, од род и убава, прекрасен сценски лик – Русокосата од Заточениците од Алтона на Сартр – во тандем со Љ.Трајковски и со она негово фотогенично филмско лице на голема ѕвезда…

James-Nizam-Photography2

Слика четврта.

Сцената е некаков бар. Полумрак, тивка музика – блуз. На шанкот, еден од двајцата црномурни – Јас, во споредна улога. Уверлив „нигер“ – поцрнет со изгорени плутени затки од шишиња за вино (проверен театарски рецепт за оваа работа – правење црни луѓе од бели!).

Во мигот кога се појачува светлото, вртчува Љупчо Давчев – исто така црномурен – и ја соопштува трагичната смрт во сообраќајка на блуз-пејачката од Смртта на Беси Смит од Едвард Олби, во режија на бате Алеко Протогеро

Мислам дека, конечно, Васил Шумански, другар ми – оттука го насочи својот пат за Загреб и за тамошната Академија на студиите по глума – во втората македонска класа што таму ја водеше прославениот актер Илија Џувалековски.

Подоцна, по година-две, јас ќе илегалчам кај Шумански (на Сава) и, на негово искрено изненадување, и покрај онаквата конкуренција, влегувам во тесен избор на приемниот за режија на неговата Академија (а на Академијата – преку Шумански – Тања, потоа мојата колешка од книжевност од Скопје – Костадинка – и другите од Македонците). Ете ме до ракапуштање со Шербеџија, за кого уште тогаш се знаеше колку голем актер е – исто како и за В. Шумански (ама Шуманчето се откажа од актерството, не прифаќајќи ја поканата на МНТ…).

За жал, меѓу неколкутемина примени на режија (од стотиците кандидати), на крајот, ме нема мене… Враќање дома – во Штип…

Јас: (…во мигот на пишувањево на овој текст, гледајќи се во блиското огледало и во тажниот и остарен лик, повторувам) Враќање дома – во Штип. Колку бев тогаш среќен, колку бевме полни со енергија и со радости!

А деновиве, на мојот сакан стрико – еден од браќата на покојниот ми татко – на смртната постела и некаде во неговата осумдесетта година, последните зборови, разбрав, му биле: Ајде да си одиме… да си одиме дома…

Слика петта (без наслов и со повторување).

Се повторуваше често. Затоа што се случуваше често… А виновник за тоа, повторно – Васил Шумански, кој и пред Академијата веќе беше член на ансамблот на театарот, а моето другарување со него ме донесе до: Шенка (подоцна Колозова), Мето Јовановски, Ѓорѓи Колозов – исто така членови на штипската театарска екипа. А тука беа и Лазо Атанасов (Тони?!), Стојан Арев… Вечерни дружења.

Потоа: Мето на академија во Бугарија, Васе пред тоа во Загреб (заедно со Лазо), Шенка и Ѓорѓи (направо или не – не се сеќавам) во Скопје… Се растури тоа друштво привремено, овоземско, штипско, театарско…

Кога сме веќе кај театарските штипски лица, да не го заборавам мојот драг ДРАГАН Биков, секогаш пријателски расположен кон мене… Потоа, чичко Лазо реквизитерот – секогаш сериозен и коректен (братот на Ратка Чоревска, членка на битолскиот театар)… Може ли да се заборави рапавиот пробивен глас на Мичо осветлувачот… Од актерите: Томе Гаговски, Црни, Стојанче, Илија Арев (директорот), Ружа… Секогаш коректниот Ѓорѓи Трајанов (режисерот) – првиот мој дочекувач на Академијата во Белград, кога и ме запозна (пак по игра на случајот/судбината) со актерите од белградската школа, од неговата генерација: Светлана Бојковиќ, Милан Гутовиќ – а со Драго Чума и кафе се напивме… И многу други настани и многу други нешта, луѓе, уметници/посветеници… (затоа, види: Кирил Петров – Ars longa – vita brevis)…

Слика шеста (…и, повторно, железничката станица во Штип).

Се снима филм. Режија и снимател, по свое сценарио: Љ. Груевски.

Главна ролја: Мето Јовановски (пред заминувањето за Бугарија, се разбира!). Настан за историјата, не само на филмот туку и на македонскиот театар (од денешен агол, се разбира – а тогаш само мој обид со 8 мм камера да го направам својот прв и последен филм (?!!) за конкурирање на филмската академија во Прага, тогашна Чехословачка).

Материјалот не стана филм никогаш, но и јас и Мето чесно си ги одработивме и си ги снимивме кадрите на железничката станица. Особено Мето Јовановски, кој мораше во неконтролираното од нас движење – да трча и да се пентери по товарните возови во пристигнување/заминување – со сите ризици… Несвесни и обајцата како сето тоа можело да се заврши… (секоја му чест на Мето! Ми веруваше.).

Но првите кадри на филмска лента на Мето Јовановски – се сѐ уште кај мене (развиени и немонтирани) и по 40 и повеќе години; и не се осмелувам повтор – ни сега да ги погледнам… ПЛАШЕЈЌИ СЕ ДА НЕ ИСЧЕЗНАЛЕ СИТЕ ТИЕ НАШИ СЛИКИ ОД МИНАТОТО – како што исчезнаа многу нешта, многу луѓе… голем дел од нашите животи!

James-Nizam-Photography2 James-Nizam-Photography3

Слика седма (…и уште една моја режија).

Сега веќе не паметам што беше одлучувачкиот поттик да се зафатам со правењето свој театар – тогаш, во далечните седумдесетти , некое време по матурирањето… Можеби тоа се случи по веќе споменатите обиди да се влезе на некоја од околните академии и да се студира режија. Можеби беше пресудна блискоста со штипските театарски кругови, можеби токму тоа што тие години во Штип се одржуваше своевидниот фестивал на драмската аматерска продукција од Македонија, можеби… Но се роди – претстава.

И повторно Едвард Олби, овојпат Зоолошка приказна, дуодрама преку која јас бркав и успешно истуркав (без да знам, се колнам), со колажирање (и со секакви актуализации) и користејќи ја сета симболика на текстот на Олби – еден Брехтовски концепт на театар, за кој од тогашниот претседател на жири-комисијата на четвртите РАДС, режисерот Љубиша Ѓеоргиевски, добив една наједноставна квалификација: Дечкото има кликер! (така ми беше пренесено!).

А како дојдов до таа оцена и до тоа претставата да земе учество на фестивалот и, нели, да ја проследи жирито? Едноставно: на жими мајка! Е, како така?! – Еее, така!

Најпрвин, за свој прв голем успех и поен кон правењето на Зоолошка приказна и кон конечното учество на фестивалот го сметам незаборавниот и пресуден гест на актерот/пријателот Филимен Џинес (член на штипскиот театарски ансамбл) да ја игра улогата на Џери – се чини дека со тоа беше решено сѐ. И, што е најинтересно, кога сме веќе тука – мислам, и од денешен агол, дека таа ролја на Филимен (кој, за жал, почина млад, Бог да го прости) ќе остане да е една од неговите позабележителни ролји – и тоа во аматерска претстава!

Вториот протагонист во дуодрамата на Олби беше Славчо Митевски, еден извонредно талентиран персоналитет – кој подоцна ќе стане и градоначалник на Штип!

Подготовките тргнаа и течеа, но доцна се почна – а наближуваше селекцијата за учество на драмските групи на фестивалот. Селектор: Мирко Стефановски, актер и режисер, со еден збор – авторитет… Па, како и не би бил тоа – па тој е човекот што во Прилеп, како директор на театарот, среде социореализмот ја постави првата модерна пиеса во македонската драматургија, Вејка на ветрот од Коле Чашуле. Патем, Мирко Стефановски е таткото на Горан Стефановски, а ако е малку тоа – тој е татко и на Влатко Стефановски – лебот и солта на македонската нова рок-музика.

Селекторот Мирко Стефановски, на денот кога треба да ја проследи и да ја селектира претставата, доаѓа во Штип и, наместо да му ја прикажеме претставата, јас му ја покажувам својата вештина како ќе изгледа претставата што не е готова – а што треба да оди на фестивалот затоа што ќе биде добра, нова и интересна (се разбира, потпомогнат со повремените одобрувања и потврдувања со нишање со глава на Филимен)… И така, на жими мајка – тој голем човек и уметник ни ја воврсти претставата во програмата на фестивалот, а Љубиша Ѓеорѓиевски потоа го кажа она што го кажа.

Беше тоа, ако не се лажам, во годината 1969, кога Нил Армстронг слезе на Месечината и кога ги кажа оние големи зборови – кои како да беа дел од мојата претстава, која на многу начини и нережирано го определи и мојот иден живот. Зашто љубовта кон театарот донесе друга љубов, која судбински ги измеша картите, а Холивуд и Бродвеј станаа ѕвездени места изнапикани во некои далечни галаксии… (а јас, не кријам – меѓувремено ја открив својата аерофобија! Страв од летање – со авион, разбира се!). Среќа – во несреќа, или обратно.

Слика осма (Боро Киров-Зозе).

Слаб, висок, секогаш со цигара под носот… Изгледаше осамено. Но ќе да не беше така. Тој си имаше свој свет… само нему целосно познат. Со еден збор, тип штипски интелектуалец или – уште попрецизно – македонски немирник, неминувач. Тој ѝ го беше дал и презимето на долгогодишната првенка и носителка на репертоарот на театарот во Штип, Елица Кирова (се разбира, заедно со Алеко Протогеров и со другите). Така, сигурно е, Јела не ќе беше во Штип и на штипската театарска сцена – ако не беше тој, нејзиниот сопруг, Боро Киров или, едноставно, ЗОЗЕ

Бев прва или втора година на студии по книжевност во Скопје (но престојот дома, во Штип – повеќе си го сакав) кога на улица – секогаш со свитокот весници под мишка и во долгото темно палто – ми пријде Тој.

Зозе: (и право и директно) Слушај… Започнуваме штипски весник, може ќе се вика Народен глас. Од тебе сакам да напишеш рецензија за некоја од театарските претстави, најдобро за премиера. (И самиот си одговори. Без да ми даде шанса да си дојдам при себе од изненадата.) Знам, ти го можеш тоа. Знаеш. Кога ќе се видиме, сакам да ми го дадеш текстот (и замина).

Јас: (без зборови).

По петнаесетина дена, излезе од печат првиот број на весникот Народен глас; на последната страница си ја најдов отпечатена првата моја театарска критика (за премиерата во НТШ: Метеор од Фридрих Диренмат, во режија на Благој Андреев)… И, покрај мене, кој друг ако не Михаил Ренџов и со што ако не со песна насловена Кон Гоце Делчев.

James-Nizam-Photography1

НЕЕПИЛОГ И НЕПОСЛЕДНА (Слика деветта, насловена).

По штипската патека на/кон најубавиот заод на сонцето во Македонија

Зимата 1963 година, позната и по убиството на Џон Ф. Кенеди, американскиот претседател, беше првата и последна во која лутиот ветер што доаѓаше од кај Ново Село, од котлината на Брегалница, ме дочекуваше и ме следеше мене, првокласникот (како и другите) што учеше во Гимназијата во дворот на црквата Св. Никола, токму таму каде што бил учител Гоце Делчев (а јас и ден-денес се гордеам со тоа)… И убеден сум дека и тоа не беше случајно… Ниту убавите зборови на француски – за мене со посебно значење, на крајот од таа прва и последна година новоселска – si je t’aime (гимназиска пренежна реплика)…

Потоа Гимназијата се пресели во центарот на Штип, многу близу до зградата во која живеевме, а до која, кога беше дежурен офицер, мојот татко од касарната знаеше да дојава на прекрасен црвен коњ.

Најубавиот заод на сонцето во Македонија (мислам на овој дел, делот околу Вардар) се случуваше пред крајот на школската година и можеше да го имаш само ако си втора или четврта година на Гимназијата (поранешната Учителска школа) и ако се најдеш во Штип во учебната 1964/65 или 1966/67 година – и ако на петти или на шести час (попладне) погледнеш онаму каде што, на левата страна на Отиња, во пламенот на зајдисонцето, се оцртува најубавата сценографија на малите новоселски куќариња, по сртот на ридот… Секојдневно таму ми тонеше сета убавина на овој свет… И, иако во Штип живеев доволно долго, никогаш не појдов до тој новоселски срт… Каде што, секако, сѐ уште се слуша она: si je t’aime, сѐ до…

2008 година (зимата), НУ Центар за култура Ацо Шопов ВО ЧЕСТ НА ПОЕТОТ: Книжевен портрет на Љубомир Груевски, за поетот и за неговото дело ќе говори Михаил Ренџов, поезијата ќе ја чита Страшко Милошевски… Сабота, 20 декември – почеток…

Тука сум, во Штип, соочен сам со себе – со минатото. Тука ми се пријателите, другарите од младоста, понекој школски/гимназиски (изненадувачки: Киро Фертикот). Што ми е најважно, тука ми се двете убавици, ќерките (и еден зет, Табак). Не се тука неповратно отсутните, не е тука С. – но тука е зашто ова е нејзин простор, тука е нејзиниот раководител од Малиот театар на поезијата (Михаил Ренџов), тука е колегата нејзин (мојот стар другар Васе Шумански)…Чинам, сите ги говорат моите таговни стихови, како некогаш, пред години, на вечерта посветена на присутниот тогаш славеник, поетот над поетите, Ацо Шопов

Помина и таа вечер на поезијата. Моите си заминаа – јас таа ноќ, 20 кон 21 декември, пред пет години, по многу години останав во Штип, остана и Мише Ренџов (може ли да не остане – тука во својот Штип, ноќ повеќе?!)…

Зима е, најубавиот заод на светот не го доживеав, но останав до утрото…

И тогаш, со утрото, надојдоа, се вратија ТИЕ. Михаил на чело и прв, потоа двајцата браќа Самоникови, Благој и брат му, кој по многу години ги остави Париз, Берн, Швајцарија… Кирил Петров, знам, исто така беше присутен, како и секогаш. По востановениот секојдневен нивни молчалив ритуал, прво кафе во центарот, а потоа сите преку Отиња и кон Ново Село, кон Сртот на најубавиот заод на светот… Ме водат старите момчиња по угорнината како по некаква патека на стари слонови… И јас така и се чувствувам, сето она од вчера толку силно и полно со возбуда – прво чествувањето за Шопов, а потоа, покрај него, и за мене… Се чувствувам толку многу штипјанец колку и Македонец… Еве, првпат доаѓам до малата црквичка под сртот, палам и свеќа и одминувам крај единствениот гроб. Ме запира Благој Самоников.

Самоников: (по обичај, држејќи ме за надлактицата – како скоро секој свој соговорник) Еј, другарче! Ти ми пишеш стихови, минијатури, цедиња за илинденците… И убаво сѐ… Ама да те прашам нешто… Знаеш ли кој лежи тука у ‘вај гроб?!

Јас: (крајно изненаден) Не, не знам.

Самоников: (додека другите влегуваат веќе во Ново Село, го продолжува својот загадочен дијалог – сметам, со мене) Е, не знаеш, ја… Не знаеш, а напишал си песна за него… (скоро налутено и во заминување) Тука лежи Мише Развигоров, ете така – сега знаеш!

Јас: (сам крај црквичката и крај гробот на војводата. Таму некаде, под Сртот на најубавиот заод на светот – кој го нема, зашто е зима. Зима е и во мојата душа. Чинам, не само во мене, туку низ цела котлина новоселска, штипска, низ градот, низ врвовите на Исарот, одекнуваат – стиховите за војводата Развигоров, тука крај мене)…

РАЗВИГОРОВ

Гората од твојот осмев
ли развиваше
или осмевот со својата убавина
Гората ти го откриваше

Во Штип
Ти додека гореше
Војводо Развигоров Мише.

Доста е! – извикувам и, како во мојата аматерска претстава пред години, викам по дамна мртвиот Тоде:
Спуштај ја завесата!

И завесата полека, полека паѓа. До следното навирање на спомените поезија, до следниот изблик на драмските /животните слики.

Трчам да ја стигнам колоната по патеката угоре кон Сртот на младоста.

Авторот е поет и театарски критичар

Светлосни инсталации: Џејмс Низан

Напишано од
More from РЕПЕР
Злоупотреба на сказната како дискурс на моќ на дневната сапунска опера
Дискурсот на моќта на сапунската опера претставува поигрување со колективното несвесно.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *