Пишувам крими-романи, читам класици

Кратко интервју со норвешката писателка Ким Смоге, чијшто роман може да се најде на Саемот за книги, на штандот на издавачката куќа „Антолог“.

kim-smage

Уште со првата книга постигнавте успех. Романот Ноќно нуркање неодамна беше преведен на македонски јазик. На некој начин, сите ваши дела се поврзани со криминалот. Дали тоа е тема за која сакате да пишувате?

Создавам криминална фикција со цел да кажам нешта за општеството и за темите кои ме интересираат.

Вие сте првата инструкторка по нуркање во Норвешкиот нуркачки сојуз. А во вашиот прв роман, главниот лик е една жена која е вплеткана во меѓународен криминал. Очигледно е дека сте го користеле сопственото искуство за да ги опишете сцените со нуркање. Што се случи со нуркањето? Сè уште го правите тоа, или го заменивте со пишување?

Нуркав цели 13 години, и за тоа време имав многу убави искуства. Сега само пливам во плитки води кога времето е топло. И во право сте – пишувањето и истражувањето сега одземаат голем дел од моето време.

Критичарите ве сметат за пионерка во полето на жените и криминалот, жанр кој се прошири низ светот од 1990-те години. Но вашиот главен лик во Ноќно нуркање е подложен на силен психолошки притисок. Дали може да се каже дека вашите романи не се само крими-романи, туку и еден вид психолошки трилери?

Да, зашто за да направите читателот да поверува во ликовите не можете само да ги опишете нивните површни караткеристики, туку за да ги оживеете ви е потребен и психолошкиот дел.

Вие сте авторка и на два романа за деца. Дали и тие се поврзани со темата за криминалот или третираат други теми? Можете ли да ни кажете нешто повеќе за нив?

Во романите Figurine и Interrail сакав на децата и младите читатели да им дадам возбудлив заплет, приказна која истовремено раскажува за растењето, но и за девојките, момчињата, пријателството, љубовта и сексот.

Мораме да кажеме дека вашиот роман Ноќно нуркање не е типичен крими-роман. Ни се допаднаа некои размислувања на главниот лик (кој е жена), но и одредени описи на природата и градскиот живот. Дали и останатите ваши романи не се толку типични крими-романи?

Ги користам природата, градскиот живот, роднините, пријателите, јазикот и цел еден спектар описи за да ја создавам мојта фикција. И моите последни романи се романи со полициски теми во кои, меѓу другите ликови, има и полицајки.

Интересно е да се забележи дека и покрај тоа што се здобивте со книжевна слава, вашите книги сè уште не се преведени на англиски јазик. Можете ли да ни кажете на кои други јазици можат да се најдат?

На германски, француски, холандски, шведски, фински, дански, исландски, руски, јужнокорејски, а сега и на македонски!

nokno

Пишувате крими-романи, но дали читате такви? Каква литература сакате?

Читам крими-романи, но најмногу ги сакам класиците, како и современите романи (норвешките, но и оние што можат да се најдат на англиски јазик).

Ја добивте наградата Ривертон, која е книжевна награда што секоја година се доделува за најдобрата норвешка криминална приказна. Дали овој жанр е популарен во Норвешка?

Овој жанр е популарен и во Норвешка, и во Шведска, и во Данска, но и во светот.

Можете ли накратко да ни кажете за остатокот од вашите дела? Дали сте освоиле некоја книжевна награда со друг роман или дали некој од нив бил адаптиран за филм?

Освен наградата Ривертон, ја освоив и Стаклен клуч (именувана според романот на Дашиел Хемет), данската книжевна награда Palle Rosenkrantz и наградата Språklig Samlings Pris за јазикот во моите дела. Неколку филмски компании пројавија интерес за снимање филм според моите книги, но засега ништо од тоа.

Како е да се биде писателка во едне жанр кој обично се поврзува со мажите?

Можеби порано имало повеќе машки читатели на овој жанр, но не и сега. Читателките подеднакво ги сакаат крими-романите. И постојат и многу писателки кои се испробуваат во овој жанр.

Работите ли на нова книга? Можеме ли да очекуваме нешто ново од вас?

Интересно прашање – штотуку завршив нов роман, кој го испечатив на мојот печатач и кој сакам да го прочитам на хартија пред да ѝ го испратам на мојата издавачка куќата Aschehoug. И не станува збор за крими-роман.

Би ни препорачале ли некои ваши романи кои би можеле да се преведат на македонски јазик во блиска иднина?

Секако… Романот Kainan многу добро беше примен од читателите, а во него се раскажува за настани во кои е вмешана масонска организација. Не е класичен крими-роман, и во него се зборува за ликот Лена која е близначка на една масонка и новинарка.

Потоа романот Sub Rosa во кој се зборува за одредени тајни од Втората светска војна. Овој роман како главен лик има полицајка. A Healthy Dead, со истиот лик – полицајката. Се раскажува за допингот во спортот, многу актуелна тема. The container woman, исто така со истиот главен лик, за трговијата со жени како сексуални робови.

Во партнерство со Купикнига можете да го набавите нејзиниот роман „Ноќно нуркање“, со којшто оваа авторка се здоби со светска слава.

Напишано од
More from РЕПЕР
Македонските хоризонти на Иво Андриќ
Нашето интересирање во овој пристап најмногу го привлекуваат патописите на Андриќ, меѓу...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *