Никаде на светот нема друга таква земја

Мојот прв контакт со Македонија беше бендот „Стринг форсис“ и нивниот албум Изохронија. Музиката што тие ја прават за мене беше нешто ново.
pjotr
Пјотр Кондрак, славист од Полска

ДОМА

Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?

По завршувањето на средното училиште, бев во некаков ’Sturm und Drang’ период во животот, барав место за себе и за својата иднина. Одлучив (можеби против логиката) да одам на славистички студии, каде што учев македонски јазик, култура, литература, лингвистика и историја како главни предмети. Студиите ми ја дадоа основата за знаењето за Македонија. Кога конечно дојдов во Македонија, се чувствував како да сум живеел таму отсекогаш. Речиси знаев сѐ, знаев како да се разберам и да се снајдам. Тоа, пред сѐ, е резултат на многу добриот контакт со лекторите по македонски јазик (Игор и Оливера). Тие направија Македонија да ми стане поблиска, просто се заљубив во земјата.

ШЕТАМ

Кое место е најубаво?

Скопје… Изненадени? Убав е Охрид, убава е Струга, Битола… Но во Скопје се чувствувам како дома. Од Горна Шлезија сум (каде што има многу постиндустриски места) и македонскиот главен град малку ми личи на оваа полска конурбација. Со една разлика – ние таму ја немаме Старата чаршија. Таму бескрајно можам да губам време, пиејќи турски чај во малите кафеани. Скопје има микроклима.

ХРАНА

Од храна секогаш нарачувам…?

Кога доаѓам на Балканот, јадам бурек. Со сѐ што може: со месо, со сирење, со спанаќ. Во Полска не може да се купат кори, што значи дека не можам да правам бурек дома. Блиски на моето срце се исто така и баклавите. Толку ми се блиски, што по секој македонски одмор се плашам да застанам на вага. Со храната треба и добро пиење: турски чај (во хектолитри), кафе, „Т‘га за југ“ и домашна ракија.

УМЕТНОСТ

Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?

Мојот прв контакт со Македонија беше бендот „Стринг форсис“ (мислам дека пред 7 години) и нивниот албум Изохронија. Го добив уште во средното училиште од еден другар што веќе студираше славистика. Музиката што тие ја правеа (и ја прават) беше за мене нешто ново, нешто необично, не сум сретнал до овој момент ништо што би можел да го споредам со нив.

АВАНТУРА

Највозбудливата случка во Македонија.

Оваа чудна случка се случи пред 3 години. Со едни пријателки сакавме да одиме кај Аквадуктот (во близина на Скопје). Времето беше убаво (скопска жештина) и сакавме таму да отидеме сами, само со мала помош на ЈСП. Првин го посетивме Скупи, но тоа не беше целта на патот, го баравме Аквадуктот, гледајќи на карта за да не се изгубиме. По 20 минути пешачење, дојдовме до еден заклучок: сигурно сме се изгубиле, а ако не сме, тогаш ќе се изгубиме за 15 минути на некоја нова раскрсница или кривина. Сакавме да прашаме некого каде точно сме, но сретнавме само еден многу пријатен човек, кој зборуваше само на албански и на италијански и со кој не можевме да се разбереме. Но видовме дека сака да ни помогне. По 10 минути непродуктивен разговор, му рековме „falemnderit“ и почнавме да чекаме некој автомобил што би можеле да го сопреме на патот за да прашаме каде точно сме и колку далеку е Аквадуктот. Дојде едно армиско возило со полско знаме (каква случајност), го сопревме и прашавме дали знаат каде е Аквадуктот. Тоа беа полски војници од КФОР во Косово, кои одеа кон американската амбасада; нѐ зедоа во автомобилот, ни дадоа „сникерс“ и „пепси“ или некој друг сок и ни кажаа дека околината на Аквадуктот е многу небезбедна и дека не треба да одиме таму. Нѐ однесоа пред амбасадата и се поздравија со нас. Малку изненадени и разочарани се вративме во хотелот во кој престојувавме, а таму се сретнавме со еден Канаѓанец, кој ни кажа: „Не знаете колку убаво беше кај Аквадуктот, ве видов, но влегувавте во армиски автомобил, па не сакав да ви пречам. Аквадуктот беше на следната кривина“. Досега не ми се случило нешто слично. ССССрамота, како што велат скопјани.

tumblr_mk82z58ECT1rkcikho1_1280
Скопје (фото: Звонко Плавевски)

ЛУЃЕ

Се дружам со…?

Мислам дека не можам да кажам дека се дружам со некоја многу определена група. Кога сум таму, сакам да разговарам на македонски, да вежбам за да не го заборавам јазикот и можам да се дружам со секој што сака да се дружи со мене. И да разговара со мене. Досега тоа не е мала група – тоа значи дека можам да се вратам во Македонија, имам за кого.

СЕПАК

Што би сменил во Македонија?

Сакам да ми биде поблиска, во географска смисла. Но тоа е невозможно. Ако треба да избирам меѓу возможните работи: нерационалното трошење на јавните финансии. Ми се чини дека во Македонија има проблем со ова – секаде се гледаат споменици, но дали се потребни, кога има расипани патишта и не баш најдобра инфраструктура?! Знам дека тоа е проблем во секоја држава што се ослободила од социјализмот (или од комунизмот), но има поважни проблеми од спомениците во центарот. И ние во Полска ги маскираме (и ги маскиравме) грешките и вистинските проблеми со различни циркуси. Многу ме нервира кога тоа гледам во својата држава, а уште повеќе кога тоа го гледам во својата најсакана држава.

САМО

Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?

Ја има Македонија. Никаде на светот нема друга таква земја.

Тагови од објавата
, ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Искреностa пред сè
Интервју со Ивица Димитријевиќ, актер и музичар
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *