Keep calm и создавај!

mitko

Клупа (автор: Билјана Василева)

(кон изложбата „Keep Calm and Have a Vagina“ на Билјана Василева)

Ангажиран наслов, контроверзија, темна Модерна. Зошто темнината како избор?

Вроден афинитет. Мрачната естетика ме влече, во неа најмногу се пронаоѓам, многу веројатно како контраст на мојата оптимистичка природа.

Кратко време по отворањето на самостојната изложба на академската графичарка Билјана Василева во Галеријата на МКЦ, насловена „Keep Calm and Have a Vagina“, мала мисловна рефлексија за она што таа низ годините се обидува да го создаде, ретроспекција на нејзиниот ликовен израз, емотивен пристап и (можеби) на тоа каква е таа како човек.

Задоволна од отворањето на изложбата и од информациите на телевизиите, на печатените и на електронските медиуми, смета дека, за жал, тоа сепак најмногу се должи на провокативната тематика и на насловот на циклусот, а не на интересот за квалитетот на делата. Овде ќе се обидеме да бидеме поразлични: на еден артикулиран начин да претставиме една друга страна на изложбата и централно на нејзините дела и творештво. Да ги сумираме сферите што поттексуално се наметнуваат, но и прашањата што таа ги отвора.

[pullquote align=”right”]Билјана Василева важи за уметник што здраво гази на македонската модерна сцена, нејзините изложби се добро конципирани, а секое дело само за себе историја[/pullquote] Просторот на МКЦ беше идеално исполнет со нејзините дела сликани во експресионистичко-наивистички манир. Идеалната светлина даваше ексклузивитет на сите 17 платна, акрил и масло, на 8 акрили и масла на дрво, мал формат, и на 15 цртежи изработени во периодот 2012-2013 година. Нејзината естетика и уникатен пристап се идеално надополнување на нејзиниот карактер. Со нејзините дела секогаш ја мотивирала и ја инспирирала публиката да ја следи и да ја истражува. Билјана Василева важи за уметник што здраво гази на македонската модерна сцена, нејзините изложби се добро конципирани, а секое дело само за себе историја. Искреноста и директноста во нивното создавање, во нивното презентирање и во изразот што ѝ гопласира на јавноста ја поставија на едно важно место на листата на роднокрајни уметници што творат светски.

Сигурно дека останале недоречени многу работи, меѓутоа работи од оној тип што не се кажуваат со зборови, туку со ликовни дела, со богатства поради кои таа ќе нѐ држи во неизвесност да ја следиме и во иднина.Нејзината визуелна експресија е навидум интимна, но секогаш подготвена да си поигра со најсилните чувства, со најзагатливите теми, со табуата и со начинот на кој се доживува целината на животот. Си поигрува со сексуалната себеконтрола, но истовремено и со состојбите во родовите, во политичките и во социолошките односи кај нас. Таа создава ликовна совршеност низ своите фигури, пози, композиции и елементи во делата, кои се проткаени со силна сексуална конотација.

samozadovoluvanje

Самозадоволување (автор: Билјана Василева)

Харизматична, сензуална, бескрајно искрена. Вулгарна… или можеби не? Дела со кои Билјана си поигрува со перцепцијата, со разбирањето на сопствените светогледи, со поттикнувањето на скриените мисли, со иронијата за познатото и за она што еопшто прифатливо. Можеби ќе помислиме дека начинотна кој се обидува да го привлече вниманието е типичен медиумски, едноставно консумеристички, но тоа не е начинотна кој таа ги создала своите дела. Може да се видат и да се пронајдат внатрешни крикови, исплашени погледи, несигурни состојби, сеништа што ѝ тежат на душата, елементи што историографски комплетираат слика за едно време, за време во кое живееме, комуницираме и разменуваме ставови. Билјана Василева со овој циклус го дефинира својот креативен процес; тој е аргумент наспроти она што нејзе ѝ оставило впечаток, умешно доловени теми, форми што отвораат духовни сфери што успешно го задоволуваат љубопитното око на гледачот. Кога талентот, искреноста и работата се основни постулати и РЕПЕР на животот и кога платното првин се создава, а потоа го добива своето име, резултатите се секогаш безвременски.

Се препозна ли основната симболика на делата, еротскиот фигуративизам, или луѓето се премногу опседнати со фронтална порнографија и со изветвена (на прва мисла) филозофија?

– За разлика од медиумите, посетителите на изложбата многу пријатно ме изненадија. Можеби некои од нив дошле со очекување на сензационалистички пристап, меѓутоа реакциите беа далеку од тоа. Добив многу искрени пораки и коментари дека некои од делата навистина ги „допреле“, пробудиле нешто длабоко во нив, дека би можеле да ги гледаат со часови, а сето тоа покажува дека не е сѐ изгубено во напливот на површност и дека луѓето се желни за уметност, небитно дали за еротско-фигуративна или за некоја поинаква.

Успеали да ја задоволиш својата целина со овие дела, ќе продолжи ли циклусот, ќе се доцртуваат ли нови слики, кои можеби ќе откријат нова боја, нова перспектива или, пак, поднаслов?

– Овој циклус е завршен, одиме понатаму. Сега, кога веќе можам да ги гледам од дистанца, речиси како неутрален набљудувач, можам појасно да видам кои ми се недостатоците, а кои силните страни, на што треба да обрнам внимание итн.Меѓутоа, оваа приказна е завршена за мене, сега делата си го продолжуваат сопствениот пат.

Дали овие дела се надополнување на твоите ставови? Пуштен одговор за некои конзервативни уметнички гледишта во државата?

– Не во државава, туку генерално. И неуметнички, туку општествени. На пример, еден цртеж претставува сексуална сцена меѓу еден маж и две жени. Па, за да не бидам политички некоректна, направив цртеж на хомосексуална машка двојка, па на група мажи. Не е тој двоен морал само наш проблем, туку глобален, но во нашава средина посебно доаѓа до израз. Поддржувам секаков тип слобода сѐ додека таа не ја загрозува околината и сѐ додека тие што се вклучени се среќни. А ми пречи што тие чија слобода е ограничена не се борат доволно гласно за неа… Што се однесува на нашево поднебје, колку повеќе лични гревови и морално пропаѓање – толку посилно удирање со моралистички проповеди и закони. По грбот на другите, нормално.

keep calm

Keep calm (автор: Билјана Василева)

Билјана Василева сака да експериментира, овие дела се позитивен одговор на нејзината желба, на внатрешната потреба што како уметник ја поседува.Ова се дела што се создадени, пред сѐ,поради основната ликовна потреба, но истовремено се и одговор на нешто подлабоко, на искуства што се доживеани или се видени отстрана, преработени, па ставени на платно/хартија… Медиумот што го користи само ги темели нејзините критериуми за уметноста како цело. Тематската определба овде троши многу енергија, многу посветеност и крајна одлучност. Овие дела се антитеза на тоа дека македонското сликарство е скромно, таа открива гносис што умерено, суптилно ги дава одговорите на машкиот свет. Провоцира нежно, но фидбекот од делата раѓа лавина од испреплетени мисли и емоции. Уметноста не е за секого, овие еротски актови ја откриваат сексуалноста што поставува нови дилеми, што реакциите ги прави импулсивни. Примитивната форма на изразување, надополнета со оваа метафоричка еротика, ја промовира женственоста како атрибут што допрва може да го завладее современото живеење. Овој силен порив сечувствува во процесот, во создавањето на делата, а во резултатите е избалансиран, облеан со доза на стандардните чувства што Билјана како автор ги поседува.

Црно-белото како техника е најдобриот терен што го владее и во кој се чувствува моќно и сигурно, но тоа не значи дека како уметник нема да помине на другата страна, да престане да зборува за она што се случува во моментов пред нашите очи и да почне да го имплицира она што се случува далеку од нашите видувања, и тоа во колорит, во боја. Впрочем, како што вели самата за сонот и за сонувањето: „Процесот на сонување е најубавиот дел. А тој, паралелно со процесот на неговото реализирање, постојано отвора нови и нови врати. Во тоа е убавината.“ Во тој контекст, ѝ посакуваме успешна реализација во правецот во кој ќе се реализира во иднина, во експериментирањето во насока на вкрстување на ликовното со просторот и со танцот.

Погледнете ја малата галерија која авторката љубезно ни ја отстапи:

Leave a Reply

Your email address will not be published.