Оксфордски убиства на македонски начин

martines1

Оксфордски убиства е неговиот роман кој деновиве се објави и во Македонија во издавачката куќа „АНТОЛОГ“ од Скопје. Книгата ќе ве држи цврсто уловени во приказната до последниот збор. Во романот се раскажува за професор кој заедно со еден студент ги истражуваат низата чудни убиства во Оксфорд, Англија. Сите убиства  се поврзани со математички симболи и шифри кои го најавуваат следното злосторство од долгата серија. Бидејќи сè почнува со кругот, полицијата брза да го открие убиецот пред да стане преголем. Романот е широко популарен во светот и е преведен на многу јазици. Според него е снимен истоимениот холивудски филм со Илајџа Вуд и Џон Харт во главните улоги. Добитникот на престижната награда „Планета“, највисоката парична награда за книжевно дело во светот покрај Нобеловата, ексклузивно одговара во Репер за македонската читателска публика.

 

Иако светска слава стекнавте преку романот Оксфордски убиства (The Oxford Murders), вашите први два романа, За Родерер и Жената на маестрото се многу кратки. Дали ја сакате кратката форма на изразување?

Да, токму така, зашто го содржи најдоброто од обата света: острината, тензијата и збиеноста на краткиот расказ, како и можноста за развивање на ликовите која се среќава кај романите. Исто така, бидејќи бавно пишувам, оваа должина/краткост му одговара на мојот ритам.

Вие сте писател, но и математичар. Како успевате да балансирате меѓу овие две нешта?

Не предавам на универзитет веќе осум години бидејќи ми беше тешко да ги одржувам обете активности истовремено. Но сега, кога сум наводно посветен само на пишувањето, веќе напишав една книга за теоремите на Годел и подготвувам друга за шансите да погодиш при фрлање паричка, па се чини дека математиката не ми дозволува да ѝ побегнам.

Кон кој од овие два интереса сте повеќе наклонет?

Повеќе сум наклонет кон книжевоста, секако. Сепак, постојат одредени предизвици кај математичките проблеми кои ме заробуваат на еден привлечен начин. Исто така, наградата за некое математичко достигнување значи вечна слава додека книжевните награди зависат многу повеќе од расположението на критичарите, движењата и трендовите, историскиот контекст, пријателите и непријателите кои си ги стекнал…

Во едно постаро интервју со вас на англиски јазик, вие ги набројувате вашите литературни влијанија. Дали листата се проширила во меѓувреме?

Да, во меѓувреме ја открив Алис Манро, а сега го читам и Витолд Гомбрович, и планирам филозофски роман со одредени извадоци од неговата книга Космос. Некои други автори кои ми се допаднала во текот на изминативе години се Херман Кох, Алфред Хејс, агентинските писатели Едуардо Бети и Саманта Швеблин.

Колку е присутна математиката во вашите дела?

Во многу мои романи се појавува во споредна улога, второстепено (со исклучок на Оксфордски убиства). Во некои мои дела воопшто не е присутна (во Жената на маестрото или во мојот последен роман И јас имав бисексуална девојка). Ќе се појави повторно, во замаскиран облик, во мојот иден роман, како еден вид древна игра на „размена на мисли“ меѓу двајца играчи.

Дали има биографски елементи во вашите дела? Го прашуваме ова бидејќи во книгата Жената на маестрото станува збор за писател кој се вљубува во жената на својот литературен идол.

Во моите романи секогаш има нешто што јас го нарекувам „автобиографски прв акорд“, нешто како клуч кој ме поврзува мене со фикцијата. Постепено сè е искривено од силите на фикцијата и креацијата, и напишаното ја преминува границата на „вистинското искуство“. Во таа смисла, сметам дека моето пишување е слично со она што Хенри Џејмс го опишува вака: некои „бактерии“ на реалноста остануваат во задниот дел на мозокот долго време, сè додека не пораснат и се преобразат во нешто суштински инакво.

104.Oksfordski-ubistva

Во вашите први два романа кои се преведени на македонски јазик провејува темата за љубовта. Дали за неа пишувате врз основа на некои ваши лични искуства?

Темата за љубовта не е толку важна во романот За Родерер. Сепак, во обете споменати книги љубовните врски се измислени. Во суштина не сакам да откривам или да „признавам“ во колкава мера се измешани „реалните“ и „лажните“ настани во моите дела, бидејќи верувам дека фикцијата е како илузионистичка изведба/перформанс. Најдоброто е извадено на сцената, за публиката, а она зад сцената останува скриено, бидејќи таму се кријат разочарувачките објаснувања на триковите.

Би се нарекле ли себеси писател на детективска проза?

Воопшто не. Досега напишав само еден „детективски роман“, иако тој содржи и други можни слоеви за читање, како еден вид епистемолошки роман. Сепак, јас го сакам тој жанр како предизвик кој треба да се победи, надмине. Можно е да се обидам повторно со нови злосторства кои ќе имаат филозофски пресврт.

Според романот „Оксфордски убиства“ беше снимен филм. Дали добивате понуди за екранизирање на другите ваши дела?

Во соработка со сопругата напишавме сценарио за La muerte lenta de Luciana B. Сè уште чекаме продуцентите да соберат пари за негово снимање.

Дали работите на нова книга? Роман, или можеби кратки раскази?

Мојата следна книга е збирка раскази кои ги пишував во текот на изминатите десет години, но напоредно работам и на еден подолг роман, кој е во спротивност на мојата „кратка“ традиција. Во него се зборува за целиот живот на еден лик, и ќе биде испресечен со многу од световите на моите претходни дела…

 

Во партнерство со Купикнига можете да си ги набавите досега преведените книги на Гиљермо Мартинес на македонски За Родерер, Оксфордски убистваЖената на маестрото.

Leave a Reply

Your email address will not be published.