Синхронизација

aneta1

ОПЕРАЦИЈА

Беше итен случај.
Од оние што ноќе те будат
откако среќно си ја заспал свеста.
Тапиот удар инстантно те разбуди.
Ги претрча и тротоарот и улицата само
по темносивата маица и скинатите гаќи.
Другиот ден ти зашив амблем во форма
на окце на распараното место.
Рече дека ти се допаѓаат.
Многу.
Влезе без да тропнеш во
просторијата со централно светло,
ги протресе гумените рибарски чизми.
и ми рече да ги затворам капаците.
Дождот е силен, а громовите остри.
Премногу вода може да нè удави.
Рече, операција е неизбежна.
Жицата била скината,
а другите длабоко за’рѓани.
А и грбот е темен, иако
веројатно јаворот е виновен.
Траеше неколку часа
во нема симфонија што го стиши
дури и дождот.
Ни дишењето не се помрдна зад
градниот кош што ни ги држи срцата.
Не зборуваше.
Немаше потреба.
Сепак не успеа да го спасиш.
Умре на шестиот ден од
вториот мокар месец.
Секогаш ми текнува на таа ноќ
кога врне.

СИНХРОНИЗАЦИЈА

Кога окото ме пече од инфекција
тебе увото ти зуи во слонски оток
Кога кашлам до болка во желудникот
ти гориш од висока неизмерлива температура
Кога челото ме притиска, го врти клучот длабоко
ти се виткаш од болка долу во стомакот
Кога викам гласно, неуморно
ти стоиш пред мене гол
подарувајќи ми го сиот свет мир
на невидлива чинија.
Кога ти си заклучен внатре,
во некоја мрачна, студена соба
јас се смеам и
забите ни ја осветлуваат црната ноќ
Кога јас претам во сон, ме смируваш така што
го постилаш увото врз моите стапала
и слушаш кои шуми ги трчаат.
Кога ти преташ на јаве, те смирувам така што
ја истурам сета светлина од очите
и гледам како отокот го снемува.
И сѐ наоколу се буди.
Или заспива.
Зависи од сказалките.

aneta2

НОЖ

Вечер
зад боровите на твојата полузаспана свест
ќе ти го донесам ветениот подарок
има дрвена рачка и толку тенка острица
што кога ќе ја повлечеш долж оската
Во моментов ја цртам
ќе ги спојам трепките и
ќе ја притиснам устата со забите
Да, нож е
ќе ме исечеш по туш вертикалата
што ги поврзува белиот бисер врз темето
и црниот бисер во папокот
ќе ме фатиш за ковчестите рамења
и полека ќе ги раздвоиш двете мои половини под агол од 71°,
а во моментот кога ќе крикнам ко зрела распукана калинка
Стоп!
ќе ги видиш кометите што прелетуваат
над срцевите комори
се протнуваат низ порите на Кајперовиот појас
па се лизгаат низ пештерите на белите дробови
преку темните тунели во јоносферата
до егзосферните нервни врвови
и пак надолу кон планетарната
инфраструктура на стомакот.
Ете нив ги ловам деновиве
за да ги истресам од мрежата
врз белата хартија
што си ја расфрлал низ дневната.

МЕЗАНИН

Има едно дете на точак
една жена со црвен шал
еден був побел од јануарски снег
едно голо дрво што се тресе
една лебарка постара од
старците фатени за рака
еден пијан човек
кој мелодично ја цеди љубовта
и едно куче со златна обетка
чија мисла секоја вечер околу полноќ
точно дваесет и една секунда нема пулс
запрена зад погледот намамен од светлината
во мезанинот помеѓу мојот и твојот кат
каде мојот и твојот космос
водат ѕвездени војни.
Потоа си одат дома.

 

Анета Попова (1983, Скопје). Дипломирала на Архитектонскиот факултет во Скопје. Во 2009 година ја објавува збирката раскази „Најкратки раскази” („Антолог“), а во 2011 година, во Љубљана, во соработка со уште една авторка, го објавуваат драмскиот текст „Капка” („Екслибрис“). Учествува во промоцијата на Светското поетско движење. Нејзини раскази се објавени во реномираното литературно списание „Sarajevske sveske” (Сараево, 2009 г.), а нејзини песни се дел од поетските антологии „Van kutije” (Подгорица, 2009 г.), „Ветерот носи убаво време” (Скопје, 2012 г.), „Антологија на младата македонска авангардна поезија” (Скопје, 2012 год.), како и во склоп на хрватското поетско списание „Poezija – časopis pjesničke prakse” (Загреб, 2013 г.)

Leave a Reply

Your email address will not be published.