Уметноста не може да се потроши

Наместо да пишуваме како Редакција уводници и да станеме досадни после еден месец, во секој број ќе покануваме еден македонски креативец да каже по некој пасус во однос на уметноста и на креативноста од Македонија. Прво па машко, почнуваме со артистот Васил Зафирчев.

vasil-zafircev

(фото: Atelier 22)

Во сите свои форми, уметноста е присутна во медиумите на најразличен начин, особено преку третманот што интернетот го има во современието. Благодарение на дигитализацијата на уметноста, таа е сè подостапна. Дигиталната ера овозможува блискост со сите уметнички форми, можност да се патува меѓу места, простори и меѓу луѓе. Секако, не смее да се заборави автентичноста на уметничкиот чин во неговото настанување, не смее да се заборава на оригиналната форма во која уметноста постои и опстојува.

Креативноста, пак, како иницијален чин, како нешто што му претходи на уметничкото создавање, се поврзува со оригиналноста. Она што е последица на оригинална идеја, според мене, е заокружување на еден креативен чин. Според тоа, креативноста ги надминува рамките на уметноста, станува дел од општествениот систем и се поврзува само со идејата. И затоа уметноста не се троши. Таа само се видоизменува во зависност од околностите во кои настанува и токму затоа секогаш е свежа, нова и актуелна.

Уметноста, а особено театарската уметност, ја доживувам како отворен систем во кој мора да се затворите за да направите уметнички чин. Правењето субјективен уметнички чин – токму тоа ја одржува уметноста вечно жива.

Денес, пак, она што е предност во достапноста на информациите е просторот за нивно поврзување, за линкување на уметнички кодираната порака со следната и така до бескрај. Моќта што ја имаат медиумите го надополнува третманот што уметноста треба да го има во насока на поврзување уметници и уметности. Како сето тоа да е една прекрасна голема игра, во која можете да го правите она што го сакате со оној со кој сакате да го правите. Од друга страна, медиумот е начин на градење публика, а особено кај интернет публиката, која е најагресивна во последно време и кај која често се наоѓаат силни индивидуални ставови.

OLAF-BREUNING---google

(илустрација: Олаф Бреунинг)

[pullquote align=”right”]На културната мапа во Македонија, пак, а и пошироко, ѝ недостасува индивидуалност[/pullquote]

На културната мапа во Македонија, пак, а и пошироко, ѝ недостасува индивидуалност. Недостасуваат силни индивидуалци, позитивни отстапки од нормата, луѓе што не се подведуваат на естетиката на стадото и што сами по себе се естетички екскурс. Ваквите луѓе создаваат промени во уметноста, нудат различност и ѝ ги отвораат очите на публиката во нови спектри и тонови, за кои навидум не знаела претходно. Во таа смисла, особено во театарската уметност, од исклучително значење е соработката меѓу врвни професионалци од различни генерации и нивното спојување во одредена театарска естетика.

Покрај силниот индивидуален печат, уметноста мора да подразбира големи теми, односно третирање големи теми – за да биде уметност per se. Не можете да се занимавате со уметност и да размислувате и да дејствувате во уметничкиот чин преку ситни чекори. Уметноста има нужна потреба од крупни потфати, од севкупност. Покрај тоа, мора да се отстапи од естрадизирањето на уметноста, бидејќи таа не е дел од естрадата, туку стои наспроти неа, исто како што уметноста и политиката отсекогаш биле поврзани, без разлика на тоа дали припаѓале на иста струја или биле спротивни една на друга. Во извесна смисла, уметноста секогаш поддржувала или била против одреден политички склоп. Всушност – уметноста тоа треба да го прави. Да биде критика. Издржана, здрава и независна критика. Уметноста не смее да биде алатка на политиката.

За крај, мора да му се даде значење на кичот како естетика сама за себе, според нормите на третирањето на уметноста. Како таков, кичот мора да се третира како уметничка форма. Другото е прашање на вкус. Кичот треба да постои како контрапункт на префинетата естетика и, според тоа, уметноста бидува или не бидува настан и привлекува, односно не привлекува, публика. Уметноста како настан не постои за оние што ја создаваат. Постои за публиката што ги разбира, ги толкува и ги вреднува уметничките настани.

Авторот е драмски уметник

Leave a Reply

Your email address will not be published.