Македонија треба да се сака како целина

Внимателно и со љубов ги откривав и Охрид, и Св. Наум, и Битола, и убавините на западна Македонија, Галичник, Маврово, Лазарополе... и неповторливите пејзажи во источна Македонија.
5350965765_65d3e90d6e_z
Галичник (фото: Зденко Петровски)

ДОМА

Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?

Затоа што чувството „да се биде дома“ никогаш не го поврзувам со вистинските места: местото на раѓање, на студирање, на живеење, на патување… тоа се само „убави случајности“ во нашите животи. За мене, „дома“ се просторите на духовноста, и како што со средноевропејците делам заедничко комуникативно минато така и во овој македонски простор препознавам одредена духовна блискост и поврзаност. Не сум номад и никогаш сум ја немал таа амбиција во себе; сакам да патувам (мислам дека В. Хуго некаде убаво кажал: „Да се патува всушност значи да се живее“), но, кога веќе ќе одлучам да отпатувам, тоа значи дека таму каде што ќе стигнам би сакал да се чувствувам како дома. Не ја сакам неизвесноста и токму поради тоа барам одредена, пред сè, духовна сигурност, а го сакам и она чувство на блискост, „како да се знаеме сто години“…

ШЕТАМ

Кое место е најубаво?

Македонија одамна за мене не е terra incognita. Сè уште паметам како на крајот на 70-тите и на почетокот на 80-тите години од минатиот век се пуштив во „авантурата“ (сега сепак признавам дека авантуристичкиот дух никогаш не бил толку далечен, како што ќе утврдам малку подоцна) на откривање на Македонија. И тоа откривање многу ме потсетува на „соблекување“, слој по слој (by the way, затоа и треба да се чита М. Фуко); како археолог, внимателно и со љубов ги откривав и Охрид, и Св. Наум, и Битола, и убавините на западна Македонија, Галичник, Маврово, Лазарополе… и неповторливите пејзажи во источна Македонија, и да бидам искрен – не е лесно да се каже: „Ова е најубаво“. Македонија треба да се сака како целина!

ХРАНА

Од храна секогаш нарачувам…?

Марула… Се шегувам. Кога овде во Македонија ќе нарачам „зелена салата“, келнерите никогаш не ми носат марула, туку некоја за мене малку чудна комбинација. И на пазар ја научив разликата меѓу марулата и зелената салата и сега уживам во тоа свое (кулинарско) знаење. Иако на студентите секогаш им го поставувам она познато прашање од „интимната историја“: зошто толку напреднавме во подготвувањето храна, а толку малку во водењето љубов? И тие многу се чудат… но се чуди и професорот!

zlatko-kramaric
проф. д-р Златко Крамариќ, амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија

УМЕТНОСТ

Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?

Вие баш инсистирате да ме скарате со македонските уметници. Ако нешто сакам кај уметникот, тогаш тоа е она нормално количество тишина: но веројатно и самите знаете дека не е лесно да се одреди што е тоа „тишина во нормална мера“. Затоа, од ова прашање елегантно ќе ескивирам и ќе ја повторам мислата на својот драг професор М. Солар: „Ние професорите мораме да читаме сè, а најверојатно од тоа сè има нешто што вреди!“

АВАНТУРА

Највозбудливата случка во Македонија?

По природа не сум авантурист, а личноста што сака себеси да се дефинира како „управник со теориската празнина“ и што за себе мисли и дека е „човек со чувство за мера“, тешко може да влезе во некоја непријатна авантура. Или, можеби, едноставно не препознавам што претставува категоријата „авантура“. Додуша, одамна си ветив дека ќе напишам роман „Хрватскиот час“ и теориска книга за поетиката на трачот. Сè уште работам на тоа и тоа е голема авантура. Не ѝ го гледам крајот!

ЛУЃЕ

Се дружам со…?

Секогаш и исклучиво со драгите луѓе слични на мене, од кои многу учам… Дозволете ми да не споменувам никого посебно, затоа што секое набројување имиња нужно завршува со некое ненамерно испуштање, а ве уверувам дека сите „драги луѓе“ ќе се препознаат во оваа невина синтагма – „драги луѓе“! До душа, некои мои драги пријатели ми велат дека знам да бидам „тежок човек“. Јас тоа навистина не го забележувам (имам 85 килограми), но, покрај „драгите луѓе“, најдраг пријател ми е книгата и секогаш истовремено читам повеќе книги – никогаш една – и во последно време сакам книги што можам да ги читам од страницата што случајно ќе ја отворам.

СЕПАК

Што би сменил во Македонија?

Иако сум свесен дека вистинските пријатели имаат право и на критичка објекција, јас овде во Македонија не сум само пријател, туку поради некои среќни околности сум и дипломат, а дипломатите немаат право на таков вид искреност…Но топло ќе им препорачам на граѓаните на Македонија во ова предизборно време да избегнуваат да гледаат телевизија: десетина дена без екранот! Тоа е многу добар совет. Особено за помладиот свет!

САМО

Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?

Толку меланхолија како овде никаде не сум сретнал! Можеби за тоа ќе напишам книга: Меланхолијата во Македонија!

Напишано од
More from РЕПЕР
Кон романот „Ритуали“ на Сеис Нотебом
„Што точно е сега тоа кое дојде толку мистериозно, ако ти сè...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *