Им се восхитувам на многу луѓе што останаа луѓе

petar_gorko

На доделувањето на наградата

Петар Горко, добитник на наградата „Актер на годината“ за 2012 година, за  улогата на Хенри Шести во истоимената претстава на Народниот театар во Битола, доделена од редакцијата на дневниот весник „Дневник“.

Како си? Што има ново

Oдлично, расположен! Одморен од неколку претстави, па собирам убава енергија и полнам батерии за следни убави нешта. Ново? Сè е ново, секој нов ден носи ново. Убаво. Благовремено ќе ве известам за ново!

Можеш накратко да ни опишеш еден свој обичен ден?

Па, станувам рано, носејќи ја ќерка ми Јована во градинка, потоа пијам кафе со цигара на тераса (во секое време од годината), го почитувам законот за непушење и дома (ха-ха-ха), вистина е. Одам до театар, не можам да не поминам. Кафе-мафе, муабет. Одам на Широк сокак, што е ново-старо, се враќам дома, компјутер, Фејсбук, музика, работа на нешто ново, потоа семејни обврски (убави, секако, обврски), филмче, навечер претстава, дружба доколку ја има во бифе – тоа е обичен ден ако не работам на претстава. Но и тој не е секогаш ист.
Дали си задоволен/задоволна од својата работа?

Не би ја менувал за ништо на светот. Ја сакам, ја обожавам, во добро и во зло, секогаш и секаде.

Кога и каде беше најсреќен?

Многу пати сум бил среќен, најсреќен, не можам туку така во мојот живот само еден настан да издвојам, имам навистина многу такви моменти.

Му се восхитуваш ли на некој жив човек? Можеби само некој посебен.

Им се восхитувам на многу луѓе што останаа луѓе, што знаат да живеат, да љубат, да се интересираат и да помагаат на другите, да го прават тоа колку професионално толку и приватно, а не би рекол дека се малку, барем јас познавам многу такви.

Можеш ли да наброиш пет нешта без кои не можеш да си го замислиш денешниот живот?

Семејството, театарот, кафето, музиката, поезијата. Ова дека рече пет, ги  имам повеќе (ха-ха-ха).

Кој е твојот најголем страв?

Работите што премногу ги сакаме и работите од кои премногу се плашиме ќе ни се остварат; ми се има случено второто, затоа не одговарам директно на ова прашање. Ги имам, не дека ги немам стравовите, но нека не се под  најголем страв.

Кога би можел да бираш, која точно книга би ја одбрал да удри од глава?

„Идиот“ – од Достоевски. Не дека е многу голема, па ќе удри буквално (ха-ха-ха)! Генијално дело!

Кој е твојот порок?

Цигарите.

Нешто за крај?

Љубете и бидете љубени, помагајте секаде каде што можете, мислете оптимистички и бидете дел од ширењето на оптимизмот. Бидете космополити, бришејќи ги границите на вера, на религија, на определба на луѓето. Бог е љубов!

И. А.

Leave a Reply

Your email address will not be published.